[ИНТЕРВЈУ] Ива од Fashion Group, Сребрен партнер на 6-та конференција за е-трговија

Од основањето до станувањето на една од најпопуларните онлајн продавници во Македонија, во ова интервју минуваме низ успешното патување на модната компанија од 2017 па се’ до денес. За нивното користење на вештачката интелигенција, за тоа колку е важна довербата од страна на купувачите при градењето на една онлајн продавница, следењето на процесот на онлајн купувањето од самиот момент на пребарување на конкретни производи, па се’ до моментот на успешно доставен производ, како и сите новитети кои можеме да ги очекуваме на нивната онлајн продавница во претстојниот период (hint: loyalty programs и сериозно многу подобрено корисничко искуство) зборуваме заедно со Ива Бојковска, менаџер за е-трговија во Fashion Group – наш сребрен спонзор на 6-тата годишна, регионална конференција за е-трговија која се одржува на 14-ти ноември во Национална опера и балет.

АЕТМ: Fashion Group има изминато долг пат од своето основање, еволуирајќи во најголемата модна компанија во С.Македонија, а во 2017 започнува посветено да работи на развивањето на својот сегмент за е-трговија со fashiongroup.com.mk, а подоцна и со okaidi.com.mk и fashiongroupoutlet.mk. Можете ли да го споделите вашето e-commerce патување од самиот почеток во 2017 година, па сѐ до станувањето на една од најпопуларните онлајн продавници во земјата?

Ива од Fashion Group: Од почетоците на своето работење Fashion Group покрај што ги следи трендовите во модната индустрија, се фокусира и на следење на потребите и желбите на своите купувачи, тоа е една од клучните причини за дологодишното постоење и успехот во работењето. Сајтот fashiongroup.com.mk е всушност пресликување токму на таа успешна приказна во онлајн светот.

Во изминатите шест години e-commerce работењето на Fashion Group напредува од година во година. Првата година работењето започнува на една платформа, но за помалку од две години се прави миграција на нова платформа која нуди многу нови опции и што е најважно поврзување со ERP системот. Во 2019 заедно со новиот сајт е развиена и мобилна апликација за Android и iOS.

Годината 2020 беше предизвик за сите е-трговци, тоа беше годината кога навиките на корисниците комплетно се променија, а со тоа и голем дел од корисниците за прв пат ги искусија предностите на онлајн купувањето. Токму таа година бевме насочени кон автоматизирање на процесите, се’ со цел колегите што повеќе да се посветат на добра корисничка поддршка и креативно работење. Истата година, согледуваjќи дека Okaidi е бренд насочен кон конкретен сегмент на корисници, го креиравме okaidi.com.mk.

Во 2021 работевме на зголемување на понудата и пласирање на нови брендови и категории на производи, па истата година започнуваме со физичка и онлајн продажба на брендовите Dan John и Mango Man. Додека почетокот на 2022 и водечкиот италијански бренд за козметика Kiko Milano, станува дел од онлајн понудата. Истата година во ноември започнува со работа и fashiongroupoutlet.mk, каде што се пласираат производи од изминати сезони со намалени цени. Тековната година ја посветуваме на работењето на големи проекти, кои дел ќе се реализираат до крај на оваа година, а дел почеток на следната. Проектите кои веќе се реализираа оваа година се опцијата за брза достава и опцијата на корисниците да ги зачуваат податоците од платежната картичка за следно купување, секако доколку го сакаат тоа.

АЕТМ: Грижата за потрошувачите и нивната безбедност при онлајн купувањето стануваат сè поважни. На кој начин Fashion Group ја приоритизира нивната безбедност кога станува збор за заштита на нивните лични податоци при купување онлајн? Дополнително, можете ли да им споделите на читателите кои се вашите практики со кои можете да осигурате дека вашите купувачи добиваат врвна корисничка поддршка како и за време на купувањето, така и по завршување на нивната трансакција?

Ива од Fashion Group: Довербата на корисниците долгорочното ја градиме базирано токму на овие две теми: константна безбедност на податоците на корисниците и соодветна корисничка поддршка во секој дел од циклусот на онлајн купување. За заштита на податоците ги применуваме сите технички мерки и ги преземаме сите потребни усогласувања според предвидените стандарди.

Додека корисничката поддршка ја базираме на тоа дека клиентот е секогаш на прво место, па колегите од контакт центарот секогаш се расположени да им помогнат на сите корисници. Од моментот на пребарување на конкретни производи, се’ до моментот на успешно доставен производ, ние го следиме процесот. За да се овозможи соодветна корисничка услуга, постојано сме во контакт со колегите од продавниците и со куририската служба, во секој момент ја следиме пратката со цел да се достави до крајниот корисник во предвидениот рок. Интерниот став е дека согласно квалитетот на производите кои што ги нудиме, корисниците треба да имаат комплетно соодветно корисничко искуство за нарачаните производи.

AETM: Многу е-продавници и бизниси воопшто започнуваат да интегрираат вештачка интелигенција во своето работење за да го подобрат искуствата на своите купувачи, како и да ги олеснат своите интерни логистички процеси. Дали и на кој начин Fashion Group користи ВИ во својата работа?

Ива од Fashion Group: Во моментов AI алатките ги користиме за олеснување на работењето во дадени сегменти. Конкретно, во изминатиот период најмногу користевме алатки за обработка на слики, кои на брз и лесен начин ни овозможуваат манипулација, во позитивен контекст со оние фотографии кои што во моментот се достапни. На овој начин ја олеснивме мануелната обработка на слики и го подобривме квалитетот на истите.

Секако, ова е само почеток за нас, во моментов се достапни толку многу AI алатки соодветни за модната индустрија кои овозможуваат интеракција и олеснување во изборот на купувачите, што со сигурност во брзо време ќе дефинираме која би била најсоодветна за нашите корисници.

AETM: Вашата онлајн продавница е позната по своето постојано пратење и имплементирање на светските трендови во онлајн купувањето. Можете ли да ни споделите некои од вашите идни планови за унапредување на вашата е-продавница или мобилна апликација кои купувачите можат да ги очекуваат?

Ива од Fashion Group: Промените на кои што работиме и ќе бидат имплементирани во следниот период се насочени кон надоградување и креирање на новитети за што подобро корисничко искуство. Истите ќе бидат насочени кон полесна навигација и пребарување, како и олеснување на процесот на купување на самиот сајт. Исто така, во следниот период фокусот ќе биде и на нашите лојални корисници, кои наскоро ќе имаат соодветни поволности за користењето на нашиот сајт.

AETM: Fashion Group секогаш се залага да ја поддржи е-трговијата во нашата земја, како и годишната конференција за е-трговија на АЕТМ – оваа година како нејзин сребрен партнер. Како учеството на Fashion Group на 6-тата регионална конференција за е-трговија се вклопува во вашите пошироки цели и визија за иднината на е-трговијата и модната индустрија во целост?

Ива од Fashion Group: Проектите реализирани од АЕТМ се вистинска поддршка за сите е-трговци, без разлика на големината или пак годините на постоење на компанијата. Искрено ни е драго да бидеме дел од конференцијата која што од година во година го следи технолошкиот напредок и пласира соодветни теми на овој настан.

Како компанија која што секогаш ги следи светските модни трендови, нашата цел е да бидеме насочени кон следење и на трендовите кои што придонесуваат за најдоброто искуство на нашите корисници. Тоа несомнено се промените во технологијата кои што се стремиме да ги имплеменираме преку нашите сајтови, се’ со цел да ја доближиме светската модна индустрија поблиску до сите корисници.