Новости од е-трговија

[Интервју] Игор Гешовски, ELS: Фузијата на неколку пошти нуди големина, сигурност и успешност на пазарот

Разговараме со сопственикот на Еко Логистик Сервис, Игор Гешовски за потребата од постојано развивање и иновативност на компаниите со цел останување во тек со побарувачката на нашиот пазар поради секојдневното зголемување на е-трговијата, важноста на нудењето на беспрекорна услуга, како и за тоа што претставува фузијата на Еко Логистик со неколку компании за логистика за самата компанија, како и за екосистемот за логистика воопшто.

АЕТМ: Eco Logistic Service е една од компаниите која е дел од понудата за курирски услуги во нашата земја. Кажете ни нешто повеќе за почетоците и основањето на компанијата; од каде идејата за станување дел од пазарот за логистика?

Игор Гешовски: ELS постои веќе 4 години и на самиот почеток бевме сконцентрирани за достава на пратки во Скопје и скопскиот регион. Веќе во првата година со брзиот раст почуствувавме потреба за ширење низ цела Македонија. На тој начин, на нашите клиенти им понудивме комплетна услуга за успешна достава на пратки до секоја точка во Републиката.

За краток период, со напорна работа и посветеност ЕЛС се разви како лидер во вршењето на поштенски услуги реализирани преку електронска трговија (e-commerce) со препознатлив долгогодишен потенцијал на искусни доставувачи за курирски услуги на правни и физички лица. Процесот на раст ни покажа дека долколку сакаме да бидеме сериозни во нашата работа, мораме да понудиме професионална и комплетна услуга па поради тоа направивме напори да ги добиеме сите неопходни поштенски лиценци и овластувања за домашен и меѓународен транспорт на пратки.

АЕТМ: Потребата од развивање, унапредување и иновативност кај компаниите за логистика во екосистемот на е-трговијата секојдневно се зголемува. Во изминатата година, е-трговијата забележа значително висок раст. Што можете да ни кажете за вашето искуство поврзано со е-трговијата? Кои беа најголемите предизвици кои требаше да ги надминете со цел да се позиционирате како една од водечките компани за достава на пратки од e-продавници?

Игор Гешовски: Со самите почетоци бевме одлучни да се поставиме професионално и посветено на работата. Моето искуство на живот и работа во странство ми покажа дека успешна компанија е онаа компанија која ќе понуди беспрекорна услуга како и на корисникот (продавачот), така и на крајнот корисник.

Основата за успешност беше набавка на поштенски софтвер. Истиот го набавивме од Словенската компанија „GrabIt “ кој е моментално е најдобар на пазарот. Како растевме со бројот на пратки, така заедно го развивавме софтверот со што зголемувањето на бројот на пратки не направи никаков проблем во доставата. Во секој момент бевме во можност да ги контролираме и следиме пратките и истото им го овозможивме и на нашите клиенти.м

Самото искуство ни укажуваше на слабости, но и новини кои моравме да ги имплементираме како во софтверот, така и во работата. Иако бележевме брз раст, пандемијата само дополнително го забрза истиот, што од нас побара инвестирање во сите ресурси.

Со зголемената побарувачка се намалуваат роковите за испорака бидејќи ние како компанија која нуди најдобра услуга во доставата, растеме пропорционално со растот на пратките. Инвестиравме во нови возила, нови канцеларии низ Македонија и нови вработени.

Она што не одвои од конкуренцијата е можноста за Супер Брза Достава, и тоа во главниот град превземање и достава на пратка во рамка на 1 час, и низ Македонија во истиот ден.

АЕТМ: Во изминатиот период, ЕЛС реализираше стратешка инвестиција преку фузија со две компании (Експрес пошта и Фалкон логистик), a по ново и Боми 10. Што претставува оваа инвестиција за вас како компанија и за бизнисот поврзан со достава воопшто?

Игор Гешовски:Следејќи го светскиот пример на вкрупнување на неколку успешни компании во една, за прв пат на македонскиот пазар направивме здружување, спојување на повеќе успешни компании со различни модели во една и успеавме да покажеме дека овие здружувања можат да успеат и кај нас.

Мое мислење е дека здружувањето е секогаш од голема полза за сите кои се инволвирани во овој процес. Фузијата на неколку пошти нуди големина, сигурност и успешност на пазарот.

На овој начин ќе функционираме сплотено и заеднички со цел намалување на слабите точки кај секоја од овие компании. Здруженото работење на неколку квалитетни тимови само може да го подобри работењето на компанијата.

АЕТМ: Кои се главните предности кои ќе произлезат од фузијата за крајните корисници, компаниите кои ги користат вашите услуги и граѓаните/бизнисите кои се приматели на пратки?

Игор Гешовски: На овој начин го централизираме текот на пратките. Фузијата придонесува за оформување на една огромна доставна, професионална служба која може да излезе во пресрет на сите компании кои имаат потреба за достава, како и на примачите на пратки.

Покрај можноста за достава на уште поголем број пратки, предност е користењето на еден унифициран софтвер за полесно следење на пратките.

Воглавно, сите услуги ги нудиме на едно место и истите се најдобри на пазарот. Со ова постигнавме рационализација, го зголемивме тимот со искусни професионалци, нормално го зголемивме и капацитетот на компанијата и пред сè, разменивме искуства. Воведовме и побрз модел за решавање на тековните проблеми.

АЕТМ: По комплетирањето на фузијата, подобрени се ресурсите кои се на располагање на вашата компанија. Со какви ресурси располага ЕЛС, од аспект на број на вработени лица, возила за достава, софтвер кој ви е на располагање и сл.?

Игор Гешовски: Со фузирањерто како што напоменав, споивме многу професионалци во својот сектор во една доставна служба. Бројот на вработени во ЕЛС го надмина бројот 230, изградивме возен парк од над 180 возила за достава, само во текот на минатите 15 дена отворивме 3 нови канцеларии (хабови) со што бројот се зголеми над 45, имаме околу 180 активни наши доставувачи, го зголемивме секторот на грижа за корисници, како и call центарот.

Со ваква поставеност и мрежа претставуваме убедливо најсериозна доставна служба на пазарот. Сите компании кои се дел од оваа фузија ги интегриравме на нашиот веќе постоечки поштенски софтвер кој го споменав погоре

АЕТМ: Бизнисот со достава на пратки во иднина ќе се развива уште повеќе, делумно благодарение на развојот на е-трговијата. Каква е вашата визија за иднината на ЕЛС, во која насока ќе се движите во периодот што следи и какви иновации можеме да очекуваме?

Игор Гешовски: Во секој случај фузијата се покажа како доста корисна за сите учесници во неа. Планираме и понатаму да продолжиме со фузирање на помали доставни служби и локални пошти во една голема. Би сакал да нагласам дека веќе сме во завршна фаза на преговори со со неколку физички и други субјекти кои го гледаат нивниот развој преку фузија со нас.

ЕЛС е отворена и коректна компанија за соработка така што во следниот период очекуваме голем дел до веќе постоечките, но и нови компании кои функционираат регионално и локално да ни пристапат во оваа фузија.

Продолжуваме со развојот и подобрување на услугите. Воведовме нов модел на достава, постојано спроведуваме акции за нови клиенти. На пример, на секој наш нов клиент, нова онлајн продавница, веб страна или платформа им одобруваме 50% попуст во одреден период и на тој начин би го потпомогнале нивниот почеток и развој .

Проширување на капацитетите со кои располагаме, како и зголемување на комплетниот тим на Еко Логистик Сервис пружа уште подобра услуга за нашите клиенти. Токму поради тоа започнуваме со нова маркетинг стратегија преку која би биле препознатливи како кај продавачите, така и кај купувачите. На овој начин би стекнале свесност и верност за брендот и дека сè што е доставено преку ЕЛС е успешно и навремено доставено. Како доставна служба која ги нуди сите услуги за достава на пакети, писма и габаритни пратки, во моментов развиваме систем за достава на храна.

Како најголема приватна пошта, се стремиме за прераснување во регионална и меѓународна пошта како би можеле на нашите клиенти да им овозможиме брза и успешна достава надвор од границите на Македонија. На тој начин би го прошириле пазарот како на продавачите, така и на купувачите во Републикава.

Со целиот овој процес доаѓа и потребата за формирање комора за која е повеќе од потребна и која ќе ни овозможи на сите кои се занимаваме со поштенска дејност полесно да ги пребродиме проблемите со кои се соочуваме.