Новости од е-трговија

[Интервју] Елена Вришку, Винарија Стоби: Storytelling-от ми беше омилената „алатка“ од предавањата и е навистина моќен начин со кој се дава живот на еден бренд!

Како претставник од агро-секторот и учесник на едукативната програма „Дигитални вештини за раст“ во организација на АЕТМ и Increasing Market Employability – IME, зборуваме со Елена Вришку, маркетинг менаџер во Винарија Стоби за како дигиталнии алатки може да асистираат за онлајн пласирање на производи кои се веќе добро познати на пазарот и како стекнатото знаење од трите обуки поврзани со е-трговија и дигитален маркетинг можат да влијаат за унапредена работа на еден од напознатите традиционални, домашни брендови 🙂

АЕТМ: Производите на Винарија Стоби се веќе добро познати како производи кои совршено ја претставуваат и опишуваат нашата земја и традиција. Во последните неколку години, е-трговијата и дигиталниот маркетинг земаа голем замав, и тоа предизвика компаниите да ја увидат нивната важност и влијание во секојдневниот живот на купувачите. Какво е вашето досегашно искуство со онлајн продажбата на вашите производи?

Елена од Стоби: Винарија Стоби за своите 13 години постоење постигна одличен успех на пазарот, стигнавме на второ место по продажба на домашен пазар за реално кратко време. Како што поминува времето, се движиме напред и сме во тек со унапредувањето на продажбата, и секако клиентот/купувачите ни се на прво место. Со оглед на околностите во кои живееме веќе трета година, приморани од ситуацијата со Ковид, онлајн продажбата зема голем замав во нашата земја. Нашето искуство со онлјан продажба го имаме веќе неколку години, на повеќе онлајн продавници специјализирани за вино, или пијалоци. Забележавме пораст на нарачките во минатите две години, посебно во периодот на карантин. И тоа ни покажа дека и луѓето се повеќе се интересираат за вино,  сакаат да го пијат, и воедно учат за него.

АЕТМ: Со долгогодишна традиција постои и огромна историја која е вредна за раскажување на вашите купувачи со цел тие да се чувствуваат поблиски со брендот. Storytelling-от, или „раскажувањето на приказни“ беше една од главните теми кои се обработуваа за време на програмата “Digital Skills 4 Growth” која се одржа во текот на јуни и јули во организација на АЕТМ. Дали сметаш дека storytelling-от како маркетинг “алатка” би ви користела за уште повеќе да ја доближите приказната за производите на Винаријата Стоби до крајните корисници преку социјалните медиуми?

Елена од Стоби: Оваа тема ми беше една од омилените на предавањата Storytellingot како алатка е моќен начин со кој се дава живот на брендот. Со раскажување на приказната за Стоби, како и зошто настанала винаријата, кои се нашите вистински вредности, само повеќе ќе се зближиме со љубителите на вино. Со оглед на тоа што виното е пијалок кој буди емоции кај луѓето, така што сигурна сум кога ќе ја слушнат приказната на Стоби, уште повеќе ќе се вљубат во нашите вина. 

АЕТМ: Дали мислиш дека учеството на ваква едукативна програма носи вистинска вредност и практично знаење кое можете веднаш да го имплементирате во промоција на вашата широка палета на производи?

Елена од Стоби: Најпрво големи пофалби за целиот тим и организација на Едукативната програма „Дигитални вештини за раст“. Одлично разработени теми, со квалитетни предавачи кои ни пренесоа дел од нивните искуства и совети за онлајн продажба. Тоа што го научив на предавањата веќе почнавме и во пракса да го применуваме. Во изминатиот период работевме на нашиот ребрендинг, чекавме целосно да се заврши за да може да се започне и со нов проект за онлјан продажба каде ќе биде целото портофлио на Стоби.

АЕТМ: Што би издвоиле како најголем бенефит од учеството во програмата?

Елена од Стоби: Стекнувањето на нови вештини и знаење, споделувања на искуства и новите познанства со колеги од различни индустрии беа најпозитивните придобивки. Се надевам дека во блиска иднина ќе се организира слична обука за друга тема и ќе имам можност да учествувам.