[Интервју] Драган од paket.mk: Сè повеќе расте побарувачката за автентични локални брендови; тоа се занаетчиските производи кои имаат дополнителна вредност.

Драган Јосифовски, paket.mk
Драган Јосифовски, paket.mk

Дел од е-трговците кои ги пласираа производите на агро-производителите кои се дел од проектот Agri E-commerce е и е-продавницата paket.mk. Зборуваме со нејзиниот основач Драган за тоа кои намирници ги преферираат македонските потрошувачи, кои локални агро производи имаат најголем потенцијал за онлајн продажба, дали проектот Agri E-commerce асистираше при воспоставување на контакт помеѓу paket.mk и агро-производителите и како се одвива соработката со производителите кои ги пласираа своите производи на paket.mk.

АЕТМ: Според информациите на вашата веб платформа, Paket.mk е интернет супермаркет кој ви овозможува избор на повеќе од 4.000 намирници достапни за достава истиот ден. Што говори искуството, кои намирници повеќе ги купува македонскиот потрошувач – домашните или странските?

Драган Јосифовски: Во однос на ова не постои некое правило. Како и во традиционалните канали, потрошувачите ги бараат познатите брендови, без разлика дали се странски или домашни. Но, сè повеќе расте побарувачката за автентични локални брендови. Тоа се занаетчиските производи кои имаат дополнителна вредност. Веруваме дека потрошувачите се презаситени од индустриските брендови кои полека им здосадуваат, па бараат нови искуства.

Biomelan на paket.mk
Biomelan на paket.mk

AETM: Дали според вас е потребно да им се даде на македонските агро-производители поголем простор за пласирање на локалните производи? Доколку одговорот е да, кои локални агро производи сметате дека имаат најголем потенцијал за онлајн продажба?

Драган Јосифовски: Секако дека треба. Тоа е корисно и за производителите и за државата, но и за самите трговци. За трговците е начин да се диференцираат во однос на конкуренцијата. Можноста за вклучување на вакви производи им дава предност во однос на конкурентните канали. Онлајн трговците ја имаат оваа можност поради природата на самиот канал, па треба да ја искористат.
Според мене, најголем потенцијал имаат производите кои се карактеристични за нашето поднебје. Тоа се сирењето, медот, преработките од овошје и зеленчук, виното и ракијата, чаевите и сè друго за кое постои автентично искуство и знаење за да се произведе на занаетчиски начин.

Seed of Life на paket.mk
Seed of Life на paket.mk

АЕТМ: Дали проектот “Agri e-commerce” ви помогна да стапите во контакт со нови македонски агро-произвдоители?

Драган Јосифовски: Да. Вмрежувањето секогаш недостасува. Ние преку овој проект на релативно лесен начин остваривме контакт со десетина исклучително квалитетни производители.

АЕТМ: Како се одвива соработката со агро-производителите кои веќе ги пласираа своите производи на вашата онлајн продавница? Кое е вашето очекување од имплементацијата на овој проект на долг рок?

Драган Јосифовски: Веќе започнавме со продажба на производите од Ресенските јаболка, Biomelan и Бороџун, а во фаза на воведување сме на уште 2-3 други брендови. Претходно имаме неколкугодишно одлично искуство со Органски Шумски мед Берово, кој е всушност и најпродаваниот бренд во оваа категорија кај нас. Веќе една година работиме со Аквапоника кои одлично се покажаа во делот на свежиот зеленчук. Нивните органски производи станаа едни од најпродаваните во соодветните категории.