Новости од е-трговија

[Интервју] DHL Express Macedonia: COVID-19 не претставува пречка при преземање и достава на пратки во сите држави и региони во светот

Сметајќи дека за време на глобална пандемија, повеќе од кога било, брзата доставата на пратки е клучна за нормализирање и олеснување на секојдневниот живот, разговараме со DHL Express Macedonia за нивното справување со вонредната состојба, предизвиците со кои се соочуваат при работниот процес и меѓуграничната испорака за време на covid-19.

 

АЕТМ: Влијанието на глобалната пандемија covid-19 врз начинот на работа на компаниите е речиси неизбежно. На кој начин се прилагодува DHL на вонредната состојба и настанатите рестрикции поради истата?

DHL Express Macedonia: Во ситуација на глобална криза и непогода предизвикани од КОВИД-19, ДХЛ Експрес, како лидер во меѓународниот транспорт, одговори на предизвиците така што ги мобилизираше своите планови за континуитет на бизнисот и веднаш се прилагоди и продолжи да обезбедува сигурна достава за своите клиенти во повеќе од 220 земји и територии. Нашите глобално-оперативни екипи непрекинато работеа за да ја прилагодат глобалната мрежа, адаптирајќи ја согласно капацитетот и побарувачката, така што голем дел од ограничениот капацитет е посветен на транспорт на специфичен медицински материјал и лична заштитна опрема, кои ги доставуваме точно пред вратата на нашите клиенти, со што им се овозможува да останат безбедни во нивните домови.

Со цел да ги заштитиме нашите клиенти и вработени, и воедно да обезбедиме брза и непречена достава, преземавме низа мерки и упатства за одржување на хигиената и социјалната дистанца на највисоко ниво. Како една од мерките за одржување социјално растојание е овозможување на опцијата Signature Release (Достава без потпис) преку нашата On Demand Delivery платформа со која им овозможивме на клиентите да не се потпишуваат на скенерите или на хартија, како и опцијата Proof Of Delivery (Доказ за достава) со која им овозможуваме на клиентите да имаат јасен доказ за доставата на нивната пратка со фотографија од истата од местото на доставата.

 

АЕТМ: Дали затворените граници и ограничениот авиосообраќај влијаат на вашиот работен процес, имајќи во предвид дека брзината и точноста при доставата се од големо значење?

DHL Express Macedonia: Во повеќето земји ширум светот, ограничувањата во авиосообраќајот кои ги применуваат локалните власти не се однесуваат на транспортот на стоки и документи, туку на комерцијалните летови. Затоа, нашата мрежа непречено функционира за извоз и увоз на пратки во овие услови на глобална криза. ДХЛ Експрес како лидер на глобалниот пазар и специјалист во меѓународниот транспорт и куриска достава располага со своја сопствена флота на авиони. Оттаму ограничениот авиосообраќај за нас не претставуваше пречка на патот кон извршување навремена и сигурна достава и продолживме да работиме без никакви ограничувања па, дури и со зголемени капацитети на авиони кои секојдневно слетуваат на нашиот аеродром, овозможувајќи преземање и достава на пратки во сите држави и региони во светот како и во најкритичните места опфатени од КОВИД-19 како ЕУ, САД и Кина. Исто така, за сите промени во нашите услуги, ограничувања од локалната Власт, како и влијание врз транзитното време редовно и навремено ги информираме нашите клиенти.

АЕТМ: Знаејќи дека испораката во е-трговијата во моментов е една од најважните работи за нормализирање на секојдневниот живот во време на глобална пандемија поради самоизолацијата, со какви предизвици се соочувате при истата?

DHL Express Macedonia: Е-трговијата е во нашиот фокус веќе години наназад, и нешто кон кое константно се стремиме бидејќи сметаме дека е клучно за понатамошниот раст и развој на нашите клиенти во динамичниот пораст на глобалната е-трговија. Постојано се трудиме да се подобриме, преку креирање на нови е-алатки и методи за подобрување на корисничкото искуство, секогаш во чекор со технологијата. Силно веруваме дека ова е метод кој треба да го прифатат сите трговии, да “избегаат” од стегите на традиционалниот метод на продажба и да се отворат кон модерното, новите предизвици и новите пазари. Ние, секогаш ги поддржуваме овие храбри бизниси и им помагаме да достигнат што поголем глобален успех. Пандемијата го забрза процесот на имплементација на концептот на е-трговија во своите модели на продажба кај многу трговци кои ја осознаа предноста и удобноста која е-трговијата ја овозможува особено во овој кризен период. Искрено, се надеваме дека многу е-трговци ќе останат доследни, ќе продолжат да се надоградуваат и да ги прошируваат своите бизниси меѓународно. 

Нашиот бизнис модел ни овозможува многу успешно да се справиме со зголемениот број на нарачки и достави ширум светот. ДХЛ Експрес е експерт за е-трговија кој опслужува клиенти од сите големини на бизниси. Нудиме испорака со еден клик, поедноставен процес на испраќање како и преземање на пратки до крајот на работниот ден, што им овозможува подолго време на клиентите да продаваат и да ги испратат своите производи истиот ден.

Сведоци сме на експанзијата и рапидниот раст на B2C меѓународната е-трговија, но исто така, сметаме дека B2B е-трговијата има подеднакво ист потенцијал да расте со динамичино темпо. Е-трговијата радикално го трансформира начинот на кој работат B2B компанииите, и им отвара можности за освојување нови пазари ширум светот. Потребно е B2B компаниите да го променат нивниот синџир на снабдување, да станат транспарентни, флексибилни и подготвени да реагираат и одговорат на брз начин. Врз основа на нашето долгогодишно искуство со B2B секторот како и нашиот успех со B2C меѓународната е-трговија, подготвени сме да им помогнеме на компаниите во земјата да се трансформираат во развојот на новиот продажен канал за да можат успешно да се развиваат и растат во новите услови на е-трговијата. 

 

АЕТМ: Дали соодносот на дојдовни и појдовни пратки во овој период се разликува од периодот пред почетокот на месец март? Според бројот на испратени пратки, можете ли да ги посочите индустриите чии пратки се најактуелни во овој момент?

DHL Express Macedonia: Несомнено, многу индустрии глобално се директно погодени од оваа криза која резултира со намален број на работни места, загуби или целосно затворање на капацитетите. Во нашата држава веќе се забележа пад од -13.4% во првиот квартал во индустриското производство како последица на падот во Март поради КОВИД-19. Како најтешко погодени индустрии се автомобилската и Hi-Tech индустријата. Но, тоа секако се одразува и на сите останати индустрии кај нас во државата кои поради глобалната намалена побарувачка мораат да го прекинат или намалат своето производство или пак да креираат залихи со што ќе мораат да ја зголемат цената на крајниот производ поради зголемениот трошок кој настанува во вакви услови на работење. Имајќи во предвид со каква здравствена и економска криза се соочија најголемите земји во Европа како Италија, Франција, Шпанија, Германија и В. Британија кои од друга страна се и најголемите трговски партнери на Македонија, се очекуваше дека соодносот на дојдовните и појдовни пратки ќе се разликува од периодот пред почетокот на кризата скоро во сите индустрии, освен се разбира во фармацевтската индустрија. 

Но, од друга страна познато е дека секоја криза нуди нови можности, па така дел од компаниите кои успеаа брзо да се прилагодат на новите промени и услови го препознаа потенцијалот на е-трговијата и одговорија на побарувачката од странство така што се трансформираа во насока на е-трговијата како во B2C така и во B2B сегментот, користејќи ја нашата експертиза, глобална покриеност, премиум услуга и краткото транзитно време како предност и предусов за да продолжат успешно да работат и да се развиваат и во вакви услови на криза.