[Интервју] Дарко Булдиоски, decal.mk: Секоја налепница се изработува според нарачката, и затоа сме во можност да одговориме на желбите и потребите на купувачите

Разговараме со Дарко Булдиоски од decal.mk за идејата за создавање на нивната креативна е-продавница, инспирацијата позади најпопуларните дизајни и важноста на запознавање со своите купувачи.

АЕТМ: Што е decal.mk? Од кога постои вашата е-продавница на македонскиот пазар и како дојде до идеја за нејзино отворање? Дали можете да создадете налепници за било каков вид на лап топ?

Дарко Булдиоски: Decal.mk е онлајн продавница за налепници за лаптоп. Во понудата има налепници со готови дизајни кои ние ги подготвуваме или со свој, односно дизајн по желба на купувачот. Идејата за Decal.mk се роди некаде во 2018 година но 2020 е годината во која официјално го лансиравме брендот. Нудиме налепници за сите лаптопи со димензии по желба и опција за исечок на лого за сопствениците на Apple компјутери. Секоја нарачка е индивидуална, секоја налепница се изработува според нарачката па затоа и сме во можност да одговориме скоро на сите желби и потреби на нашите купувачи.  

АЕТМ: Кој ги создава дизајните за налепниците кои се достапни на вашата е-продавница? Од каде се црпи инспирација за истите, и кој е најактуелен дизајн меѓу купувачите? Кај која возрасна група се најактуелни овој вид на производи?

Дарко Булдиоски: Зад Decal.mk стои тимот на NewMediaMK, агенција за дигитален маркетинг која на пазарот постои повеќе од 10 години. Целиот концепт всушност е развиен во рамките на самата агенција а дизајните ги создаваат искусни дизајнери кои се дел од тимот на NewMediaMK. Тие секојдневно црпат инспирација од светските дизајн и арт трендови, но и од реакцијата и барањата на купувачите. Следиме актуелни и популарни светски брендови што се бават со истата дејност и можеме да се пофалиме дека добиваме одлична реакција од публиката. Секој ден објавуваме по минимум 2 нови дизајни и постојано внесуваме нови категории и едиции со различни тематики, стилови и секако за различни вкусови. Најактуелни дизајни се оние апстрактните и колоритните, но добро поминува и „space” колекцијата. Возрасната група на купувачи моментално се движи над 25, но веруваме дека самиот производ е доста популарен и кај помладата генерација, само им треба малку охрабрување за да донесат конечна одлука. Знаете, лаптоп е лична работа, и треба време додека се одлучите што ќе залепите на него. Не дека не може да се смени налепницата, нашите лесно се лепат и одлепуваат ама лепењето на прва налепница е процес на одлучување, избирање и секако најважното, уживање. 

АЕТМ: Неодамна додадовте нова опција – корисниците да можат да си порачаат налепница за лап топ со нивен дизајн. Како функционира процедурата за оваа опција? Дали би рекле дека купувачите повеќе ги користат дизајните кои веќе ги имате понудено, или прават свои?

Дарко Булдиоски: Можноста за нарачка на налепница за лаптоп со сопствен дизајн е една од новостите што беше дел од самиот концепт и идеја уште од самиот почеток, но сакавме да измине некое време по лансирањето на продавницата пред да ја пуштиме опцијата. Нашата цел е да ја поттикнеме и охрабриме креативноста и индивидуалноста. Затоа и пораката ни е: Твој лаптоп, твој дизајн. Токму затоа Decal.mk е бренд што внесува боја во секојдневието. Процесот за нарачка на налепница со сопствен дизајн се разликува само во еден мал дел во споредба со нарачка на понуден дизајн. Имено, при нарачувањето се што треба покрај изборот на лаптоп, димензии и исечок е купувачот да го прикачи и фајлот со посакуваниот дизајн. Ние ги дотеруваме техничките детали на самиот дизајн и испорачуваме премиум налепница. Секако, имаме јасно упатство како точно да се измери  лаптопот и каков треба да биде техничкиот квалитет на самиот дизајн. Рано е да носиме заклучоци, сега за сега има нарачки и од едниот и од другиот тип. Можеби очекувавме за нијанса повеќе да има нарачки со сопствен дизајн, но изгледа дека нашите дизајни им се толку убави на луѓето па лесно се одлучуваат и за некој од понудените. 

АЕТМ: Дали може да не информирате за начинот на достава на вашите производи? Дали користите некој надворешен логистички сервис или имате сопствена достава? Она што е интересно за овие производи е дека тие и покрај за себе си, се и одлична идеја за подарок; па така, колку е просечно времето на испорака и дали таа е бесплатна или се доплаќа? 

Дарко Булдиоски: За достава на производите комбинираме неколку опции. Сѐ што можеме ние самите лично да доставиме, испорачуваме сами. Ова најчесто се однесува за нарачките кои се од Скопје. Целта ни е да си ги запознаеме лично купувачите, да ја осетиме нивната возбуда и да побараме да ни го споделат својот „нов”  лаптоп со залепениот декал. Секаде каде не можеме да испорачаме ние лично користиме услуги од компании за достава. Сме користеле услуги на две различни компаниии за достава и до сега не сме добиле поплаки од купувачите. Ако продолжи тоа така, ќе продолжиме со исто темпо. А што се однесува за доставата во Скопје, ќе се потрудиме да доставуваме сами сѐ додека тоа има логика, додека можеме и има ефект, потоа ќе бараме решение од компанија која ќе биде еколошки свесна. 

АЕТМ: За крај, што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои сеуште (ако има такви) не го искусиле онлајн пазарувањето?

Дарко Булдиоски: Хммм, ако не се брои нарачувањето храна тогаш ако добро ме држи сеќавањето мислам дека тоа беше еден мал додаток (гeџет) за новиот лаптоп на колегата Дими. Мораше да го мотивираме за со својот нов лаптоп да прави уште подобри дизајни за decal.mk