Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Бобан Милосавлески, Vendor.com.mk – Очекувам успешна конференција, како сите претходни до сега

Разговаравме со Бобан Милосавлески, основач и CEO на Vendor.com.mk за идејата на Vendor, решенијата кои ги нуди, соработката со банки, членството во АЕТМ и нивната поддршка на развојот на домашната е-трговија. Vendor.com.mk оваа година е Златен партнер на петтата јубилејна, регионална конференција за е-трговија “E-commerce:Accelerate!” и е една од компаниите со кои заеднички ќе го забрзаме растот на е-трговијата кај нас.

 

1. На 11 ноември се одржува 5-тата годишна конференција за е-трговија под мотото “E-COMMERCE: ACCELERATE!” која оваа година има и регионален карактер. Кои се вашите очекувања од конференцијата и што сметате дека е неопходно да се реализира кога е во прашање е-трговијата за да дојде до нејзино забрзување на локално и на регионално ниво?

Бобан: Во последните две години, бизнисите, а особено оние кои се во допир со е-трговијата доживеаја огромни промени. Како резултат на тоа, станавме поотпорни и поподготвени за нови предизвици од било кога претходно. Настани како оваа конференција нé охрабруваат да го преземеме првиот чекор, да креираме нови партнерства и да им помогнеме на бизнисите и трговците да започнат да продаваат онлајн. Искрено очекувам успешна конференција, како сите претходни до сега.

Во моментот, однесувањето на потрошувачите радикално се менува и се повеќе луѓе се подготвени да купуваат од компании со кои резонираат поради географијата и корпоративните идеали. Сега е вистинското време да ја редефинираме е-трговијата, да вложиме во функционална дигитална архитектура и да го промениме начинот на кој компаниите гледаат на овој неизбежен процес.

 

2. Вашата компанија нуди креирање на е-продавница на брз и едноставен начин. Од каде дојдовте до идејата за понуда на решение кое ќе им го олесни процесот до отворање на е-продавница на компаниите кои сакаат да го воведат овој канал за плаќање на своите купувачи?

Бобан: Идејата позади Vendor е тесно поврзана со нашите секојдневни потреби и динамичниот начин на функционирање во денешно време. Vendor е креиран со јасна цел, да понуди решение за најголемите проблеми во е-трговијата за овој регион, како за бизнисите, така и за крајните купувачи. 

Дојдовме до решение кое е комплексен спој на стандарди, протоколи и успешни практики, претставени преку најсофистицираните технолошки решенија во индустријата.

 

3. Што содржи една Vendor е-продавница и зошто го препорачувате ова решение на оние компании кои се заинтересирани да започнат со е-продажба?

Бобан: Креирањето на една Vendor е-продавница започнува со темелна анализа на бизнисот за кој ќе биде наменета. Секоја компонента e дизајнирана и селектирана за да одговори на вистинските потреби на клиентот, да може во целост да ја пренесе вредноста и суштината на производот или услугата до крајниот купувач.

Продавницата е екстра лесна за навигација, менаџирање и следење на сите параметри поврзани со продажбите, посетителите и корисниците. Истата може да се поврзе со сите платежни процесори, трети сервиси и функционира на серверска инфраструктура која може да поддржи неограничен број на корисници одеднаш. 

Сумирано, Vendor е-продавниците се најдоброто дизајнерско, корисничко и техничко решение на пазарот.

 

4. Соработувате со голем број банки, платежни процесори и останати соработници од областа на е-трговијата. Беше ли предизвик да се воспостави соработка со сите овие соработници со цел вашето решение да има поголем кредибилитет на пазарот?

Бобан: Соработката не ја направивме за да имаме поголем кредибилитет. Тоа го прават оние кои немаат свој продукт и функционираат со piggybacking на останатите. Целта беше да ги поттикнеме банките да ги препознаат важноста и габаритот на малите и средните е-трговци, но и да им помогнеме да им овозможат брза и лесна процедура за дигитализација на оние компании кои немаат свој внатрешен технички тим. Банките се големи, но и доста инертни играчи. Предизвикот е голем, бидејќи секогаш ќе постојат нови можности и нови начини на кои ќе им ги доближиме на стопанствениците.

 

5.Овогодинешнатa конференција има регионален аспект, оттука произлегува и прашањето дали сте застапени само на локалниот пазар или вашите услуги можат да ги користат и странски компании, односно дали вашето решение функционира само во Македонија и со македонски платежен процесор?

Бобан: Нашите услуги веќе 7 години ги користат компании од Америка, Франција, Шведска, Норвешка, Финска, Германија, Италија, Балканот и Македонија. Вендор е само сублимат на целокупното искуство и вештини кои ги стекнавме во работењето. Не радува што конференцијата е регионална, што е одлична можност за нас да се поврземе со голем број на странски компании.

 

6. Што значи за VENDOR да се биде член во Асоцијација за е-трговија и во која мера активностите кои ги спроведува АЕТМ како дел од својата годишна програма се од поддршка на вашата компанија во делот на е-трговијата?

Бобан: Нашето членување во Асоцијацијата за е-трговија значи да се биде дел од процесот на глобална дигитализација, што воедно е од големо значење и за нашиот пазар. Растот на е-трговијата е директно поврзан со развојот на домашната економија, а тоа е нешто што е во заеднички интерес за сите нас. 

Публикациите и годишните извештаи се мое омилено четиво, особено кога ги креирам идните планови и стратегии. Вредноста на информацииите кои ги содржат (за некој кој знае правилно да ги интерпретира), се сериозно добра алатка и поддршка во процесот на размислување.