Новости од е-трговија

Градиме доверба во е-трговијата во соработка со компанијата VISA: Доделени 10 бесплатни Беџови за верификувани е-трговци 

Според анкетите на AETM спроведени во 2018, 2020 и 2022 година, нелојалната конкуренција е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат онлајн продавачите во Северна Македонија. Справувањето со нелојалната конкуренција преку активности во сивата економија е од клучно значење за обезбедување на здрав и одржлив екосистем за е-трговија.

Како резултат на оваа потреба, во соработка со VISA ја започнавме креативната кампања “Градиме доверба во е-трговијата”, преку која доделивме 10 бесплатни Беџови за верификувани е-трговци. Овој процес се одвиваше во месец септември и октомври 2024, кога преку јавен повик беа собрани 49 апликации од е-трговци за стекнување со бесплатен Беџ за верификуван е-трговец. Десет е-продавници кои што освоија најмногу поени во процесот на селекција ја добија оваа можност за бесплатна проверка и верификација на нивните е-продавници и воедно за стекнување со Беџот за верификуван е-трговец. Овие продавници сега можат да се пофалат со беџ кој им помага да го изградат својот углед и да ја подобрат својата онлајн продажба.

Еден од е-трговците кој се стекна со Беџот за верификуван е-трговец е Little Dinos, онлајн продавница која нуди квалитетни и уникатни брендови за деца, како Leokid и Hello Hossy, со цел да го олесни секојдневието на родителите. FREYA, македонски бренд за сребрен накит, се истакнува со внимателната изработка на уникатни парчиња од сребро 925, создадени со љубов и страст кон накитот. Biana комбинира мода и удобност, нудејќи најквалитетни обувки за сите генерации. Artspace создава прилагодени и креативни дизајни за своите клиенти, помагајќи им во развојот на нивните брендови. cosLOVEmetics, е онлајн продавница која нуди иновативни козметички производи за нега на кожата, вклучувајќи брендовите PURITO и Laneige. Maximum, компанија која бележи стабилен и конзистентен развој, водич за продажба на бела техника, акустика, апарати за домаќинство, велосипеди, мотори и многу друго. Mebel-Vi е лидер на македонскиот пазар за мебел и првата компанија која ја вовела онлајн продажбата на мебел. Tehnomarket, малопродажен ланец за техника и дистрибутер на познати брендови како Panasonic и Samsung, го нуди најдоброто од светската технологија на е-купувачите. Petland е е-продавница која нуди широк асортиман на производи за миленичиња, од храна до додатоци, додека Hommex, онлајн платформа за недвижнини, ги поврзува луѓето со домови и инвестициски можности во Македонија.

Беџот за верификуван е-трговец е визуелен знак за доверба, кој им помага на купувачите полесно да проценат дека станува збор за регистриран правен субјект кој во периодот на проверка на е-продавницата од страна на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ги исполнува основните законски услови за обавување на дејноста е-трговија согласно правилата предвидени со Правилникот за беџот на верификувани е-трговци. Беџот има за цел да им помогне на купувачитекои сакаат да се уверат дека купуваат од безбедни и регистрирани онлајн продавници.

Со оваа кампања, AETM и компанијата Visa придонесоа за зголемена доверба во е-трговијата во Северна Македонија, преку промоција на верификуваните е-трговци, преку промоција на безбедното онлајн купување, едукација на е-купувачите на темите како што се сивата економија и безбедно онлајн плаќање, како и едукација на јавноста за препознавање на безбедните е-трговци и Беџот за верификуван е-трговец.