Е-трговијата во месец март пораснала за 99% во однос на март претходната година

Народната банка ги објави статистичките податоци за безготовински платежни трансакции на виртуелните места на продажба заклучно до 31.03.2020 година. 

Согласно податоците за реализирани трансакции во текот првите три месеци од 2020 година, објавени на веб страната на НБРСМ бројот и вредноста на реализирани онлајн нарачки и купувања во текот на минатата година покажува дека е-трговијата во земјава е во пораст. Во текот на првите три месеци од 2020 година реализирани се вкупно 1.954.957 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.599.274 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2019 година што претставува пораст од 22,2%. Од аспект на вредноста, исто така се забележува пораст. Во текот на првите три месеци од 2020 година вредноста на трансакциите реализирани на виртуелните места на продажба во земјата и во странство, изнесува 49,6 милиони евра, што во споредба во првите три месеци од 2019 година кога се реализирале 41,8 милиони евра претставува пораст за 18,7%.

Ковид-19 ги промени навиките на Македонците, огромен раст на трансакциите реализирани онлајн кон домашни е-трговци

Пандемијата со корона вирусот влијаеше кон промена на навиките на домашните купувачи, кои голем дел од онлајн купувањето наместо кон странски земји го пренасочија кон домашни е-продавници. Влијание кон ова секако има и затворањето на границите и комплексноста која се појави со доцнењето со испорака на производи купени од странство, како и стравот од нарачка на производи кои потекнуваат пред се од земји кои беа со голем број на заразени од вирусот Ковид-19.

Имено, во текот на првите три месеци од 2020 година македонците со домашни картички кон македонски е-продавници потрошиле вкупно 28,9 милиони евра онлајн, што претставува пораст од 17,9 милиони евра (61,5%) во однос на истиот период претходната година.

Во оваа категорија, евидентно е дека македонците во текот на првите три месеци од 2020 година стекнуваат се повеќе доверба кон е-трговијата и онлајн нарачките, а тоа може да се заклучи од растот на бројот и вредноста на трансакциите со домашни картички онлајн, особено кон домашни е-продавници. Голем дел од трансакциите кои во претходниот период се одлевале од државата онлајн, кон странски земји во текот на првите три месеци, а особено во месец март се пренасочени кон домашни е-продавници. 

Ограничувањата на движењето кое беше на сила од средината на март, зголемениот број на новоотворени онлајн продавници во Северна Македонија, а со тоа и поголемата понуда на производи и услуги онлајн од страна на домашните компании, износот на трансакции кон домашните е-продавници пораснал во однос на странските е-продавници. Конкретно, 59,4% од вредноста на онлајн трансакциите реализирани со платежни картички издадени во Македонија останале во земјава, додека 40,6% од трансакциите се реализирани кон онлајн трговци во странство.


Свеста за е-трговијата се менува, БУМ на е-трговијата во месец март 

Имателите на домашни платежни картички (платежни картички издадени од македонски банки), значајно го зголемиле бројот и вредноста на онлајн трансакциите во месец март 2020 кон е-продавници кои функционираат во земјава. Бројот на онлајн трансакции реализирани од страна на физички лица во месец март годинава, во корист на виртуелни места на продажба во Македонија бележи пораст од 99% во однос на месец март претходната година. Конкретно, годинава реализирани се вкупно 367.535 трансакции, за разлика од претходната година кога биле реализирани 184.652 трансакции. 

Ако ја земеме предвид вредноста на онлајн трансакциите реализирани со домашни платежни картички кон онлајн продавници во земјава, исто така се соочуваме со огромен раст имајќи предвид дека во текот на месец март 2020 година се потрошиле 10,1 милиони евра од македонски купувачи кон македонски компании кои продаваат онлајн, за разлика од 5,2 милиони евра во текот на месец март 2019 година. Станува збор за раст од 94,2%. 

Во Македонија заклучно со 31.03.2020 година активни се 1.078 витруелни ПОС уреди

Согласно податоците за бројот на уредите на виртуелните места на продажба (веб страници за е-трговија), заклучно со 31.03.2020 година во Република Северна Македонија активни се 1.078 продажни места. Станува збор за активно регистрирани витруелни продажни места кои се пријавени од страна на петте банки кои во моментов нудат е-трговија како дел од своето портфолио на услуги.  За период од три месеци во текот на 2020 година бројот на онлајн продавници се зголемил за 58 новоотворени.

Согласно податоците кои Асоцијацијата за е-трговија ги обезбеди од петте банки кои ја нудат услугата е-трговија, само во месец март банките имплементирале 42 нови е-продавници и согласно тој податок во месеците јануари и февруари годинава се имплементирани вкупно 16 е-продавници.

Поврзани содржини