Новости од е-трговија

[Интервју] Анџела и Ана, domato.mk за Agri E-commerce: Локалното производство не само што ве ослободува од сомнеж за квалитетот и потеклото на тоа што го конзумирате, туку несомнено влијае врз економијата

Зборуваме со Анџела и Ана од domato.mk кои исто така се дел од сопствениците на е-продавниците кои го согледаа значењето на иницијативата на АЕТМ, „Аgri E-commerce“ за тоа што е пресудно – брендот или квалитетот кога станува збор за домашните брендови, кои производи од „Agri E-commerce“ се продаваат на нивната е-продавница и кое е нивното мислење за важноста на поддршката на домашното прозводство.

AETM: Производите на Domato.mk се од познати домашни брендови, но има и такви за кои прв пат ќе чуете, но лесно ќе ги запаметите, благодарение на квалитетот кој го поседуваат. Што велат бројките, пресуден е брендот или квалитетот, кога станува збор за домашните брендови?

Анџела и Ана: Domato.mk се раѓа како онлајн маркет со иновативна мисија: “Да ги поврзе купувачите со малите земјоделци и локалните артисан производители”. Инвестиравме долг период во пронаѓање на истите и ги внесовме во нашата заедница која им дава поддршка, промоција и лесен пристап до купувачите.
Македонија е агри земја, секој од нас имал баба или дедо на село, сите ние го знаеме вистинскиот вкус на домашно сирење, стара сорта на јабучар, природен мед и квалитетно вино.
Приоритетот на купувачот е квалитетот, брендот е секундарен. За повеќето агри производители, брендот е тој кој допрва се гради, затоа даваме силна поддршка во овој сегмент.

AETM: Од неодамна сте дел од проектот „Agri e-commerce“ за промоција на македонските агри-производи, дали овие производи се атрактивни за македонскиот потрошувач? Кои производи се продаваат преку вашата е-продавница?

Анџела и Ана: Домато е маркет кој покрај продажба, главен акцент става на едукација и потенцирање на квалитетот посебно кај домашните брендови. Се трудиме да ги доближиме домашните брендови до купувачот и преку нивна промоција да зајакнат на македонскиот пазар. Преку проектот “Agri e-commerce” почнавме соработка со Биомелан, Seeds of Life и Винарија Иванов, а набрзо ќе започнеме и со други.

AETM: Зошто Domato.mk се приклучи кон овој проект? Дали е важно да се даде поддршка на домашното производство?

Анџела и Ана: Многу бевме среќни кога дознавме за проектот „Agri e-commerce“  бидејќи ја делиме истата мисија, да го поддржиме домашното агри производство. Како онлајн маркет кој во својата срж го има артисан производителот, локалните мајстори на вкусови, мини фарми и локални земјоделци веруваме дека препознатливоста на домашното е преку високиот квалитет и автентичност на состојките и вкусот.
Нашата земја изобилува со одлични артисан производи, а тоа македонскиот потрошувач многу добро го знае. Единствениот проблем е како да се стигне до овие производи, кои преку Домато му се се поблиски на крајниот корисник. Локалното производство не само што ве ослободува од сомнеж за квалитетот и потеклото на тоа што го конзумирате, туку несомнено влијае врз економијата.