Европската Унија е соочена со масовен прилив на евтини пакети од азиските гиганти за е-трговија како Shein, Temu, и AliExpress, кои доминираат на пазарот со евтини производи под прагот од 150 евра. Ова значи дека поголемиот дел од пратките не подлежат на царинска контрола, што создава сериозни безбедносни ризици, нелегален увоз на фалсификувани производи и нелојална конкуренција за локалните компании.

Европската комисија размислува за воведување нови мерки, вклучувајќи данок на приходите од платформите за е-трговија и такса за обработка на пратки, за да се забави приливот на ултраевтини стоки. Според податоците, оваа година се очекува влез на 4 милијарди парцели во ЕУ, тројно повеќе во споредба со 2022 година, што дополнително ги оптоварува царинските служби.
Европските институции изразуваат загриженост за нелојалната конкуренција, бидејќи локалните компании се соочуваат со повисоки трошоци за усогласување со европските стандарди, додека азиските компании користат субвенционирани поштенски трошоци, што им овозможува да испраќаат евтини производи по воздушен пат. Меѓу предложените мерки се и укинувањето на прагот од 150 евра, под кој парцелите не се оптоварени со царина, што веќе го направија САД.
Тоа што исто така претставува дополнителен проблем е зголемен обем на работа за царинските служби, кои се соочуваат со големи количини на пратки. За пример, пристаништето Ротердам и аеродромот Шипхол во Амстердам заедно обработуваат 3,5 милиони пакети дневно, што е околу 40 пакети секоја секунда. Бројот на опасни производи што биле пријавени во 2023 година е зголемен за над 50% на повеќе од 3.400 случаи, според податоците на ЕУ.

Дополнително, истражувањата, како она на Toy Industries of Europe (TIE), покажуваат дека дури 80% од играчките купени на популарни платформи како Shein, Temu и AliExpress не ги исполнуваат европските безбедносни стандарди, претставувајќи сериозни ризици за здравјето, вклучувајќи токсични хемикалии и опасност од гушење.
Крајната цел на овие мерки е да се заштитат локалните економии, да се елиминираат небезбедните производи од пазарот и да се воведе фер конкурентна средина за европските компании.