Babyshop.mk е првата специјализирана онлајн продавница за деца и родители

Бојана Иванов и Елеонора Црвенкоска се двете мајки кои стојат зад првата специјализирана онлајн продавница за деца во Македонија. Во овој заеднички проект тие ги сплотиле љубовта и грижата кон своите деца и желбата за успех и реализација на сопствен бизнис. Така се роди онлајн продавницата за деца и родители, Babyshop.mk.

Идејата за Babyshop.mk постои неколку години и со огромна поддршка од страна на нашите партнери успеавме да ја реализираме. Пред да стартуваме, идејатa неколку пати претрпе измени со цел да дојдеме до онаа која ја сметавме за вистинска. Создадовме веб страница со онлајн продажба наменета за сите родители, баби и дедовци, тетки и чичковци, вујни и вујковци, комшии и пријатели кои сигурно во својот живот имаат по некое омилено дете.

Нашата цел е на едно место секој ден се повеќе и повеќе да имаме понуда од производители на облека и обувки, мебел, детска козметика, играчки, школски прибор, издавачи на книги, музика, креативни работилници, разни школи, бутици, игротеки кои своите производи или услуги ќе ги пласираат и продаваат преку нашиот веб сајт. Постоиме цели 10 месеци и позитивно сме изненадени од одзивот кој го добиваме.

Во однос на идните планови, работиме на тоа да ги прошириме нашите услуги, се со цел да ги задоволиме потребите на сите потрошувачи. Се надеваме дека планот кој го имаме зацртано да го оствариме до крајот на оваа година успешно ќе го реализираме, а истиот ќе ни донесе нови и уште посреќни соработници, купувачи или пак читатели на блогот.

АЕТМ: Колкав е потецијалот на Babyshop.mk на македонскиот пазар и дали можеби таргетирате и други пазари?

Бојана & Елеонора: Потенцијалот на македонски пазар во моментов е добар, со тоа што секако се надеваме на уште поголем интерес. Секако овој проблем го имаат сите кои се занимаваат со е-трговија, за тоа секако говорат и фактите колку од населението во Македонија купува онлајн. Во моментов немаме планови за проширување надвор од Македонија, но зошто да не. Секако не би ни сметало доколку го достигнеме истото.

АЕТМ: По што се разликува Babyshop.mk од конкуренцијата? Какви производи нудите? Која е вашата предносцт на пазарот?

Бојана & Елеонора: Во моментов можеме да кажеме дека конкуренцијата не е преголема, бидејќи барем ние не познаваме друг веб сајт кој продава исклучиво производи наменети само за деца и родители. Обично онлајн продавниците кај нас не се специјализирани за детски производи туку опфаќаат се. Секако сметаме дека конкуренцијата е здрава и треба да ја има.

Во однос на производите немаме ограничени тип на производи кои ги пласираме на сајтот, отворени сме за соработка за сите они кои сакаат да бидат дел од Babyshop.mk. За некои како дополнителен канал за продажба, а некои од нив како ексклузивен канал за пласман на нивните производи. Она што би сакале да го потенцираме, дека ние не продаваме само производи туку имаме и услуги, како организирање на работилници, изработка на роденденски видео покани, разни реквизити и слично. Туку што пуштивме и систем за купување на онлајн карти, кој на наше огромно задоволство го започнавме со најдобриот и најквалитетнит детски фестивал Златно Славејче.

Работиме на создавање и нови услуги и можности се со цел оваа таргет група да најде буквалне се на едно место за деца, трудници и родители.

Освен онлајн продавница, и е-карти, Babyshop.mk има и блог на кој пласира информации поврзани и користни за родителите, децата и трудниците на теми кои се актуелни, даваат одлични совети и препораки. Се трудиме и се почесто да правиме интервјуа со стручни лица на теми кои ја засегаат нашата публика.

АЕТМ: Каков е интересот за прозводите кои ги нудите?

Бојана & Елеонора:  За тоа колкав е интересот за производите кои ги имаме постојат многу параметри. Има производи кои се поатрактивни и се поинтересни за пошироката публика и обратно. Секако тука големо влијание има и маркетингот за истите. Имаме производи за кои интересот е многу поголем додека за други помал. Земено во глобала можеме да кажеме дека сме задоволни, но ќе бидеме искрени и ќе кажеме дека не постои некој лимит со кои би биле задоволни. Лимит не поставуваме, зошто тоа само ќе не ограничи, разочара или пак може да делува демотивирачки. Сакаме и работиме на тоа интересот да расте, прогресот е оној кој ни покажува дали се движиме по прав правец или не, и тоа е она што ќе не направи задоволни и ќе не натера да бидеме уште подобри.

АЕТМ: Со оглед на тоа дека се позиционирате на онлајн пазарот во Македонија кој е во нагорна линија, кои се вашите препораки, како да се поттикне е-трговија на македонскиот пазар?

Бојана & Елеонора:  Дефинитивно приоритет број 1 е едукација на граѓаните за безбедноста на онлајн купувањето . Луѓето треба да се информираат дека онлајн трговците немаат никаков пристап до картичките на купувачите. Единственото нешто што системот дозволува е да видат дали трансакцијата е успешна или не и веројатно причина зошто истата не е извшрена. За жал сеуште постои страв за онлајн купувањето во нашата држава. Единствено што збунува е фактот дека во оној мал процент кој купуваат онлајн, најголем дел од нив купуваат преку странските онлајн продавници. Ова е еден поразителен факт што ни укажува на тоа дека треба да се зголеми довербата за купување на домашниот пазар. Ова секако е предизвик за нас, бидејќи веруваме дека ние како дел од онлајн пазарот во Македонија  ќе помогнеме и ќе придонесеме кон зголемување на довербата и користењето на македонските онлајн продавници, со што ќе го донесеме онлајн купувањето во Македонија на повисоко ниво.