
Во рамки на интервју серијалот „Луѓето зад е-трговијата“, АЕТМ ги става во фокус луѓето и тимовите кои секојдневно придонесуваат за развојот на е-трговијата во Македонија – преку нивните искуства, предизвици, успеси и перспективи.
Во ова издание разговараме со Рајна Енчева од Easy Finance за трансформацијата на финансиските услуги во дигиталната ера, зошто безбедноста и довербата стануваат клучни фактори за онлајн искуството, како AI ја менува индустријата и зошто технологијата треба да биде алатка што го поддржува човекот, а не да го заменува.
Која е најголемата промена што ја забележавте во вашата индустрија во последните 5 години и како таа влијаеше врз вашиот бизнис?
Во последните пет години сме сведоци на брза дигитализација која значително ги промени навиките и очекувањата на клиентите и со тоа целосно го смени темпото на финансиската индустрија. Денешните корисници, особено помладите генерации, очекуваат финансиските услуги да бидат транспарентни, достапни преку мобилен телефон и прилагодени на нивните реални потреби. Истовремено, со зголемената дигитална поврзаност, значително порасна и важноста на сајбер безбедноста, заштитата на личните податоци и сигурната идентификација на клиентите. Секако, ова не е тема од денес, напротив, Изи Фајнанс од своето основање пред 8 години постави систем за безбедност и заштита на личните податоци на нашите клиенти, процес којшто континуирано го надградувавме во изминатите години. Инвестираме во дигитални решенија кои овозможуваат поедноставно корисничко искуство, но без компромис кога станува збор за безбедноста и сигурноста на клиентите.
Воедно, работиме на развој на производи и услуги кои се пофлексибилни и подобро усогласени со различните профили и потреби на клиентите. Веруваме дека иднината на финансискиот сектор нема да ја одредува само технологијата, туку способноста таа да се искористи за создавање побезбедни, подостапни и поперсонализирани финансиски услуги.
Кој момент или постигнување од развојот на вашата компанија/кариера би го издвоиле како најзначаен?
Одлуката уште од првиот ден да работиме 100% дигитално беше голем чекор, но нашиот вистински успех е што ја заменивме потребата од шалтери и хартија со целосно онлајн услуги, без да направиме ниту еден компромис со безбедноста. Наместо во физички филијали, од самиот старт инвестиравме во напредни системи за заштита на личните податоци и создадовме платформа каде клиентите се чувствуваат потполно сигурни. Сепак, свесни сме дека технологијата сама по себе не е доволна. Довербата тешко се гради, а во дигиталниот свет е потребен само еден миг за таа да се сруши.
Токму затоа, ова постигнување не го гледаме како завршена работа, туку како процес во кој континуирано инвестираме. Секојдневно ги унапредуваме нашите услуги, ги следиме реалните потреби на клиентите и постојано ги подигнуваме безбедносните стандарди. Нашата цел не е само да понудиме дигитално решение, туку секој ден одново да ја оправдаме и одржиме довербата која ни е доверена.
Според вас, кои се најголемите предизвици со кои се соочува е-трговијата денес и што сметате дека треба да се промени или подобри за да бележи уште побрз раст?
Безбедноста на податоците, регулативите и довербата се трите клучни столбови кои денес ја движат е-трговијата. Со секојдневиот раст на онлајн трансакциите, ризиците од злоупотреби стануваат сè поголеми. Затоа, заштитата на личните податоци и сигурните плаќања веќе не се само предност, туку основен услов за работа. Во овој дел, нашите закони, усогласени со европските GDPR стандарди, наметнуваат строги правила кои од компаниите бараат целосна транспарентност и одговорност за секој еден податок. Најголемиот предизвик за бизнисите всушност е балансот. Во брзорастечки дигитален свет, клиентите бараат и очекуваат брзи услуги, но во исто време и сигурно и едноставно искуство. Но уште поважно, очекуваат нивните финансии и приватни податоци да бидат максимално заштитени. Доволно е да се појави и најмал сомнеж во сигурноста за граѓанинот во улога на клиент, за да ја изгуби довербата во компанијата и се откаже во последен момент.
Патот до побрз раст на целиот сектор бара три работи – постојано унапредување на безбедносните ИТ-стандарди, едукација на клиентите и доследно почитување на регулативите. Довербата е главната валута во дигиталниот свет, а сигурноста и транспарентноста се единствениот начин да ја заработиме таа доверба од нашите клиенти.
Како вештачката интелигенција (AI) веќе влијае врз вашиот бизнис и на кои полиња гледате најголем потенцијал за нејзина примена во иднина?
Вештачката интелигенција веќе има значајно влијание врз финансиската индустрија, особено во делот на автоматизација на процесите, анализа на податоците и зајакнување на безбедноста и грижа за личните податоци на нашите клиенти. Во Изи Фајнанс како 100% дигитална финансиска компанија, AI ја гледаме пред сè како алатка која ја зголемува ефикасноста и ја унапредува сигурноста на системите. Со неа многу попрецизно ги анализираме податоците, подобро ги проценуваме ризиците и реагираме навреме оневозможувајќи каква било злоупотреба.
Најголемиот потенцијал во иднина го гледаме во персонализацијата на услугите или поточно креирање финансиски производи кои се целосно прилагодени на индивидуалните потреби на клиентите. Дополнително, AI ќе има голема улога и во оптимизацијата на корисничката поддршка и понатамошното усовршување на безбедносните механизми. Во овој дел, со сигурност можеме да потврдиме дека од самиот почеток ја избравме безбедноста како наш главен приоритет, одбивајќи да правиме компромис на сметка на квантитет. Сепак, наш клучен принцип останува дека технологијата е тука за да го поддржи човекот, а не да го замени. Тоа е единствениот начин за носење правилни финансиски одлуки и одржување на долгорочната доверба со нашите клиенти.