3D Secure: Банките во Македонија инвестираат во сигурноста при онлајн купување

Банките во Република Македонија започнаа да инвестираат во сигурносни елементи, кога станува збор за онлајн купувањето од страна на клиентите кои имаат платежна картичка во одредени македонски банки. Тие овозможуваат безбедно купување на интернет, во земјата и во странство преку сертификација на платежните картички (дебитни и кредитни) издадени од Visa и MasterCard.

Станува збор за технологија која врши автоматска верификација на секое интернет плаќање, со цел потврда дека оној кој ја иницира трансакцијата со платежна картичка е вистинскиот сопственик на истата. Платежните картички од брендот Visa и MasterCard, без разлика дали станува збор за дебитна или кредитна картичка потребно е да ги поседуваат ја поседуваат 3D Secure технологијата за безбедност при интернет плаќањата (Verified by Visa – VbV и MasterCard Secure Code).

ШЕСТ БАНКИ ВО МАКЕДОНИЈА ЈА ИМААТ ИМПЛЕМЕНТИРАНО 3D SECURE ТЕХНОЛОГИЈАТА

Во Република Македонија, шест Банки ја имаат имплементирано 3D Secure технологијата. Станува збор за Стопанска банка АД Скопје, Халкбанк АД Скопје, Комерцијална банка АД Скопје, Охридска банка Сосиете Женерал, НЛБ Банка АД Скопје и УНИБанка АД Скопје.

Стопанска банка АД Скопје, прва од македонските банки ја комплетира сертификацијата на сите Visa & MasterCard картички издадени од Банката со највисоко ниво на сигурност, обезбедувајќи динамичка заштита во реално време на секоја интернет трансакција направена со картичките. Оваа услуга претставува дополнителна сигурност во процесот на Интернет купување (електронска/интернет трговија), правејќи го Интернет купувањето посигурно, а плаќањето со картичка – заштитено. Со имплементацијата на оваа технологија, Стопанска банка им овозможува на сите свои корисници на меѓународни Visa и MasterCard картички интернет купување на веб страници од цел свет.

Халкбанк АД Скопје на своите корисници на дебитни и кредитни картички им овозможи највисоко ниво на безбедност и заштита при нивните интернет плаќања во земјата и странство. Visa и MasterCard дебитните и кредитните картички издадени од Халкбанк АД Скопје ги поседуваат највисоките стандарди за безбедност во интернет плаќањата (3D Secure – Verified by Visa – VbV и MC Secure Code). Со имплементирање на 3D Secure – Verified by Visa – VbV и MC Secure Code протоколот, на Вашиот мобилен телефон се испраќа СМС порака со еднократна лозинка (OTP) со која се врши валидација на интернет трансакциите.

Комерцијална банка АД Скопје исто така има дополнителна 3D Secure заштита на Интернет трансакциите со Mastercard и Visa картички. 3D Secure е највисок меѓународен стандард за заштита на интернет трансакции. Оваа технологија врши автоматска компјутерска анализа на секое интернет плаќање со цел да се осигури дека вистинскиот сопственик на картичката ја иницира трансакцијата. Со таквата проверка се овозможува дополнителна заштита на клиентите и се спречува злоупотребата пред таа да се случи. Сервисот се користи при купување од кој било компјутер, таблет или мобилен телефон. Не се потребни лозинки, дополнителна опрема или специјален софтвер. Сите постоечки и новоиздадени Mastercard и Visa картички од Комерцијална банка, кредитни и дебитни, ќе ја имаат овозможено 3D Secure технологијата на заштита, без дополнителен надомест.

Сите VISA и MasterCard картички, издадени од Охридска банка Сосиете Женерал, се автоматски регистрирани за оваа услуга. Дополнително регистрирање за оваа услуга не е потребно. Единствен услов што треба да го исполнат клиентите е поседување валиден мобилен телефонски број, пријавен во Банката, на кој ќе Ви пристигнуваат СМС-пораки со еднократни лозинки за интернет-плаќањата.

Платформата за е-трговија на НЛБ Банка функционира согласно 3D Secure безбедносниот принцип развиен од страна на меѓународните платежни системи Visa International и МasterCard Worldwide. Дополнително, трговецот има обврска да креира web продавница на своето интернет продажно место која ќе го води купувачот во процесот на нарачка на производот / услугата. Во моментот на реализацијата на плаќањето со платежни картички, купувачот се пренасочува на заштитена web страна на Банката на која ги внесува податоците од платежната картичка потребни за реализација на плаќањето од злоупотреба на платежните картички со што трговецот не располага со истите. По завршување на обработка на трансакцијата купувачот се пренасочува назад на интернет продажното место.

УНИБанка за е-commerce услугата има имплементирано 3D Secure технологија, која подразбира дополнителни методи на автентикација (МasterCard Secure code, Verified by Visa) на имателите на платежните картички. Со имплементацијата на 3D Secure технологијата се штити и Трговецот во процесот на купување од евентуалната можна злоупотреба на платежните картички што се поминуваат преку неговото Интернет продажно место.

3D Secure кај Mastercard каричките се применува под името Mastercard SecureCode, додека кај Visa картичките под името Verified by Visa. Побарајте ги овие знаци на интернет-сајтовите каде што купувате за да се осигурате дека се сертифицирани и ја поддржуваат 3D Secure технологијата.

ШТО ПРЕТСТАВУВА И КАКО ФУНКЦИОНИРА ”3D SECURE” ТЕХНОЛОГИЈАТА?

”3D Secure” технологијата е највисок меѓународен стандард за интернет заштита на Visa & MasterCard картичките на една банка. Стандардот може да се имплементира со статичка или динамичка сигурност за клиентите, при што динамичката сигурност обезбедува значајно повисоко ниво на заштита во однос на можноста за дефинирање на статичка интернет лозинка.

”3D Secure” овозможува проверка на автентичноста и идентитетот на корисникот на картичката при извршувањето на Интернет плаќања со Visa или MasterCard картички. Користејќи ја најсовремената технологија на Visa & MasterCard платежните организации, се врши верификување на Интернет трансакциите со испраќање на СМС со еднократна ОТП лозинка на вашиот мобилен телефон за време на извршувањето на трансакцијата. Притоа за да може да ја комплетирате трансакцијата, потребно ќе биде да се внесе добиената ОТП лозинка (пратена на мобилен телефон) со што ќе се верификува автентичноста на трансакцијата.

Механизмот на заштита на ”3D Secure” технологијата е насочен кон заштита од кражба на идентитетот на корисниците на картичките и заштита од злоупотреба на податоците од картичката (бројот на картичка, датумот на истекување и CVC/CVV2 кодот). Се работи за напредна технологија која преставува највисок стандард во областа на заштитата на корисниците на картички при плаќањата на интернет.