Што содржи ЕУ регулативата за авторски права во дигиталниот маркет?

Европскиот Парламент и Европскиот Совет предложија легислатива за авторски права во дигиталниот маркет. Предлог регулативата за авторски права е поднесена во 2016 година, по што во март 2017 година е претставен драфт извештај за регулативата пред Европскиот парламент. Сите комитети на парламентот своите мислења за оваа регулатива имаа можност да ги дадат првите месеци од 2017, а истата беше отворена за амандмани до април 2017. Поднесените амандмани се консолидираат во извештајот со цел истиот да го претставува мнозинството во Парламентот, по што на 20/21 јуни извештајот би требало да биде ставен на гласање.

Што содржи регулативата за авторски права во дигиталниот маркет?

Покрај начинот на кој се пренесуваат авторските права и лиценците за истите, оваа регулатива дополнително дефинира и мерки помеѓу провајдерите на сервиси кои чуваат и овозможуваат пристап до авторски дела и имателите на правата на делата. Еден од механизмите што се напоменува е употреба на ефективна технологија за препознавање на содржина, а провајдерите се задолжени да ги информираат имателите на авторски права за функционирањето и развојот на ваквите мерки. Дополнително, се гарантира дека авторите имаат право да побараат соодветен надоместок од странката со која е склучен договорот за авторски права, во случај кога приходот на странката и сумата склучена во договорот се непропорционални.  Се напоменува и дека земјите членки на ЕУ ќе обезбедат помош од непристрасно тело со релевантно искуство во случај кога страните кои сакаат да склучат договор со цел да направат достапни аудиовизуелни дела на платформи, ќе наидат на потешкотии со лиценцирањето на правата.

Дополнително, се обезбедува исклучок од веќе постоечки регулативи и директиви, со цел да се овозможи дигитална употреба на дела и други предмети при илустрација на настава, до соодветен степен и единствено со некомерцијална цел, но само доколку тоа се одвива во просториите на образовната установа или преку безбедна електронска мрежа достапна само на учениците и наставниот кадар, наведувајќи го изворот.

Несогласувања околу регулативата кај јавноста

Корисниците на социјалните мрежи и експертите од оваа област имаат различни ставови за регулативата и за нејзината усогласеност со други правни акти на ЕУ. Дел сметаат дека член 13 нема усогласени дефиниции за „провајдери на сервиси“ со e-commerce директивата на ЕУ која провајдерите на сервиси ги дефинира како секое физичко или правно лице кое овозможува информациски сервис. Регулативата за авторски права од друга страна вели дека провајдери на услуги се сите кои чуваат и обезбедуваат пристап на јавноста до големи количини на дела и други предмети кои ги генерираат корисниците. Оттаму, се создава конфузија кој точно ќе треба да користи технологии за препознавање на содржината. Од друга страна пак, ваквата технологија дел од јавноста ја толкува како прекршување на одредбите за основни човекови права, поконкретно слобода на изразување и право на информации. Бидејќи дефиницијата за провајдери ги опфаќа и корисниците кои генерираат содржини, останува нејасно дали оваа регулатива ќе ги опфати гифовите, мемињата, фотографиите и друг тип на содржина генерирана на социјалните мрежи, сајтови и блогови.