Објавено лансирањето на IMN – првата пан-европска платформа за е-трговија

Четири водечки е-трговци во Европа, го објавија лансирањето на првата пан-европска платформа за е-трговија на пазарот.

Платформата за европски пазари наречена Меѓународната мрежа на пазарот (International marketplace network) ги вклучува: Cdiscount (Франција), real.de (Германија), eMAG (Романија) и ePrice (Италија). eMAG е најголем онлајн трговец во Романија и регионален лидер во Унгарија, Бугарија и Полска. Платформата за онлајн продажба eMAG обединува 27.000 е-трговци од Романија. Cdiscount пак, е најголемата малопродажна онлајн мрежа во Франција, со продажба од над 3,6 милијарди евра во 2018 година, а Real.de е најголемата платформа на оналајн пазарот во Германија, со продажба од 600 милиони евра во 2018 година. EPrice е лидер на пазарот за е-трговија во Италија.

Станува збор за единствена платформа за малопродажба преку Интернет за сите четири е-трговци. Платформата е првиот ваков проект, кој претставува целосно интегриран европски „пазар” од ваков вид. Преку оваа платформа ќе се промовира поефикасно прекугранично купување на стоки, што ќе им биде од корист и на потрошувачите.

Овој проект може да се смета како обид за поддршка на прекуграничните трговци да продаваат на меѓународно ниво додека се шират на европските територии. Со лансирањето на пан-европската платформа на пазарот, на трговците им се овозможува да користат едно место за да ги синхронизираат своите производи. Меѓународната мрежа на пазарот (IМN) ќе овозмможи интерфејс за продажба во реално време, дозволувајќи им на е-трговците да имаат пристап до повеќе од 230 милиони потенцијални клиенти. Едноставно кажано, ќе стане многу полесно да се додаваат и продаваат производи на овие четири „пазари”.

Новиот концепт има за цел да ги поддржи напорите за експанзија на е-продавачите, преку намалување на „болните” точки при „освојувањето“ на нови територии, бидејќи трговците нема да мора да ги поставуваат и опишуваат своите производи одделно на секоја платформа специфична за конкретна земја. Со лансирањето на IMN, и европските потрошувачи ќе имаат пристап до поширок спектар на производи и услуги.

IMN платформата првично ќе биде пуштена во бета верзија, но ќе биде развиена во наредните месеци и се очекува да и се придружат уште повеќе е-трговци.

Поврзани содржини