Најавена електронска наплата на патарини во Македонија

На денешната прес конференција на Јавното претпријатие за државни патишта, директорот Зоран Китанов најави систем за електронска наплата на патарините.

Првично ќе почне да функционира од Коридор 10 (Романовце, Сопот, Отовица), а се прават напори за воведување на ваквиот систем и за патарината кај Стоби.  За Коридор 8 треба да се додаде само софтверот за да почне да функционира електронската наплата. Во Македонија, ваквиот систем за прв пат ќе биде воведен и ставен во функција. Досега, плаќањето се вршеше мануелно и физички.

Во дел од европските земји ваквата практика, односно наплатата за патарини по електоронски пат е веќе воспоставена пракса, а најчесто се изведува преку вињети. Тие може да се купат за 2 недели, месечни, полугодишни и годишни. Сепак, функционирањето на вињетите е различно во секоја земја. Во Бугарија, мануелно се проверува дали ја поседуваш, додека пак во Австрија има електронски систем со камери на автопатите кои мониторираат, па доколку системот преку алгоритам покаже дека некој не го поседува доказот за платена патарина, веднаш се пушта патрола. Во Италија пак, постои можност за претплата, односно автоматски се мери која патарина е помината во текот на месецот, па на крај на месец ти стига фактура или сметка, согласно која опција е избрана од страна на корисникот.

Доколку сакате да дознаете повеќе за оваа тема и начинот на кој функционираат патарините, следниот линк ќе ви биде од помош: https://www.tolls.eu/europe