Колку се употребува интернетот во Македонија?

Имајќи го предвид брзиот развој на технологијата и дигиталната револуција која секојдневно го менува начинот на живот, употребата на интернетот станува еден од клучните фактори за да се овозможи следење на информациите, трендовите и употреба на новите можности кои се нудат. Колку и како Македонците употребуваат интернет ќе прочитате во овој блог пост, кој содржи податоци од анализата за е-трговија на која АЕТМ работеше изминатиот период, со поддршка од MasterCard.

 

Пристап до интернет

Според Државниот завод за статистика, во Македонија, во 2017 година, 73.6% од домаќинствата имаат пристап до интернет, односно вкупно 417 535 домаќинства со пристап до интернет. Македонија, во споредба со Балканските земји, има повисок процент на пристап на домаќинствата до интернет , односно има поголем пристап од Грција, Бугарија, Србија и Црна Гора. Овој просек на ниво на Европска Унија е 87%, додека во развиените земји како Луксембург и Данска процентот е 97.

Употреба на интернет

Според Еуростат, употребата на интернет се пресметува на населението на возраст од 16-74 години. Во последната година, 76% од населението во Македонија на оваа возраст употребило интернет. Во 2010 година, овој податок е 54%. Во Европската Унија овој просек во 2017 година изнесува 85%, додека во 2010 година е 71%.

Причини за немање интернет

Од домаќинствата во Македонија што немаат интернет пристап 48% како причина наведуваат дека немаат потреба, 40% дека им недостига искуство или умешност, 29% дека цената на интернетот е многу висока, 13% наведуваат друго. На ниво на Европска Унија, од оние кои немаат интернет, 47% наведуваат дека немаат потреба, а 42% дека им недостига умешност или искуство.

Уреди за пристап до интернет

58% од вкупното население во Македонија пристапило до интернет со мобилен или паметен телефон, 64% пристапиле до интернет со компјутер или лаптоп, а само 7% со паметен телевизор. Во Европската Унија, 65% пристапиле до интернет со мобилен телефон, 76% со компјутер или лаптоп, а 12% со паметен телевизор.

 

Интерет пристап на деловни субјекти

Во Македонија 7,6% од од деловните субјекти со 10 или повеќе вработени немале интернет пристап во 2017 година. Во Европската Унија овој просек изнесува 3%. Најмногу од компаниите (10+ вработени) во Македонија во 2017 година користат фиксно широкопојасно поврзување, односно 88.4%, додека на ниво на Европска Унија овој процент е 94%. Меѓутоа, популарно станува и мобилното поврзување, кое во Македонија го користат 63% од деловните субјекти (2017 година).

 

Извор: Државен завод за статистика и Еуростат