Како го оценуваат потенцијалот на Македонија за е-трговија?

Во анализата за е-трговија на Македонија, на која работи Асоцијацијата (поддржана од MasterCard) се опфатени три индекси (Индекс на логистички перформанси, Индекс за е-трговија, Индекс на мрежно поврзување) со цел да следи напредокот и растот на Македонија за е-трговија. Анализата ќе биде објавена наскоро, а до тогаш, кратка сумација за ранговите кои ги има Македонија според овие индекси може да прочитате во овој блог пост.

Индекс за логистички перформанси (Светска банка)

Овој индекс мери шест клучни димензии: ефикасност на процесот на царинење, квалитетот на трговијата и транспортната инфраструктура, леснотија на менаџирање на пратки по конкурентни цени, компетентност и квалитет на логистички услуги, способност за означување и следење на пратки, навременост на пратки. Оценката ја прикажува од 1 до 5, каде 1 е најниска оценка а 5 е најдобар резултат. Според овој индекс, Македонија има 2.51 оценка и е на 106 место на светско ниво од 159 земји во 2016 година, додека во 2010 се наоѓала на 73 место од вкупно 156 земји (оценка 2.71).

Индекс за мрежно поврзување (Светски економски форум)

Извештајот за глобалната информатичка технологија 2016 ги содржи последните податоци од Индексот за мрежно поврзување, кој ја оценува подготвеноста на земјите за искористување на придобивките од новите технологии и за капитализирање на можностите што ги носи дигиталната револуција. Рамката за овој индекс се состои од четири главни категории (подиндекси), 10 подкатегории и 53 индивидуални показатели. Подкатегориите што се опфаќаат се: политичко и регулаторно опкружување, бизнис и иновативност, инфраструктура, достапност, вештини, деловно користење, владина употреба, економско и социјално влијание.

Индексот за мрежна подготвеност на Македонија бележи напредок во 2016 година а рангот на земјата е на 46 место до 139 земји, споредбено со 67-то место од 144 земји во 2013 година.

Индекс за е-трговија (UNCTAD B2C)

Овој индекс зема превид 4 параметри: интернет пенетрација, покриеност на поштенска испорака, пенетрација на платежни картички и безбедносни интернет сервиси. Македонија во 2015 има пад на индексот за е-трговија односно 45-то место од 137 земји споредено со 41-вото место од 133 земји во 2014 година. Сепак, Македонија е најдобро рангирана од транзициските земји. Важно е да се напомене дека има промена на методологијата за пресметување на индексот, односно во 2014 се разгледувала само физичката достапност а во 2015 – поштенската покриеност.

 

Може да се забележи дека Македонија има напредок во обезбедувањето на услови за раст и развој на е-трговијата во однос на 2010 година. Иако имаме понизок ранг од европските земји, сепак имаме подобри услови од земјите од регионот.