[Интервју] eКupi.mk – компанија ориентирана кон крајните потрошувачи

Екупи е онлајн продавница која нуди широк асортиман на производи и бесплатна испорака низ цела Македонија. Со користење на ekupi.mk добивате можност да изберете каде и кога купените производи да се достават, начинот на плаќање кој најмногу одговара на вашите можности, вирманско плаќање со општа уплатница или плаќање при испорака на вашата адреса. Тие укажуваа дека се компанија која е ориентирана кон крајните потрошувачи, водени од страст за совршенство, одговорни за своите постапки, со стремеж за тимска работа и дух.

За да дознаеме нешто повеќе, направивме интервју со Слободан Андонов од Екупи.

Како започна идејата и концептот за еКупи и зошто се решивте да започнете онлајн?

Екупи за првпат започна со работа во Хрватска во 2010 година. Екупи е дел од „М САН Група”, групација со повеќе од 50 компании од различни сектори и е водечка IT компанија во Хрватска и регионот. Поради брзиот технолошки развој насекаде во светот се јави идејата да се создаде интернет продавница која ќе нуди производи од сите категории на едно место. Во Македонија Екупи започна со работа средината на 2013 година. Денес еКупи е најголема регионална интернет продавница во Хрватска како и во соседните земји: Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Словенија и Црна Гора.

Кои се клиентите на еКупи?

На веб страницата на еКупи може да купува секого без разлика дали е физичко или правно лице во Македонија, или надвор од неа, но испораката мора да биде во границите на Македонија. Се регистрираат на нашата веб страница www.ekupi.mk , ги одбираат производите кои им се допаѓаат, ги ставаат во нивната кошничка и ја комплетираат нарачката со одбирање на начинот на плаќање во последниот чекор.

Кој од начините за плаќање клиентите најчесто го употребуваат?

На еКупи купувачите може да одберат еден од следните начини на плаќање: со дебитна или кредитна картичка на рати од VISA, Mastercard или Maestro, вирмански или со електронско банкарство и во готово при испорака на доставната служба. Во почетокот најчесто купувачите одбираа плаќање при испорака на адреса бидејќи не беа сигурни дали ќе го добијат тоа што го нарачале. Но кога ќе се осигураат дека се заштитени со Законoт за заштита на потрошувачитe и го добиваат од нас токму тоа што го нарачале, истите тие кога повторно ќе нарачаат, одбираат плаќање или со картичка или со електронско банкарство. Испорачуваме низ цела Македонија, во било кое населено место во рок од еден до три дена. Секогаш на прво место ни се купувачите и најбитно ни е сите да се услужени со брза и квалитетна услуга.

Во моментов нудите производи што спаѓаат во категориите компјутери, автомобилска опрема, апарати за домаќинство, мода и модни додатоци, играчки, деца и бебиња, парфеми и козметика, дом, градина и алати, спорт, книги, училиште и канцеларија. Дали потрошувачите ви бараат и друг тип на производи и што најчесто бараат?

Имаме голем избор на производи од повеќе различни категории кои постојано ги збогатуваме со нови производи и постојано правиме акциски и промотивни активности кои би ги задоволиле и најпребирливите купувачи. Нашата визија е да бидеме прв избор на купувачите, а мисија ни е успехот на нашето работење да зависи од задоволните купувачи. Целта ни е да понудиме услуга над очекувањата и затоа се трудиме континуирано да ги зголемуваме стандардите за квалитет, постојано да градиме технологија која ќе ги следи светските трендови и заедно со планот да создадеме синергија помеѓу продажбата и развојот.

Какво досегашно искуство имате? Дали корисниците сакаат онлајн купување и достава?

Брзиот технолошки развој и динамика на живеење не ни дозволува да имаме повеќе слободно време за уживање и дружење со најблиските. Мислам дека сето тоа допринесува луѓето да бараат алтернативни начини како би заштедиле повеќе слободно време за да уживаат со најблиските. Мислам дека во иднина сè  повеќе купувачи ќе се ориентираат на купување преку интернет, пред сè поради удобноста од својот дом, со најмал труд да го добијат производот на адресата која ја одбрале без да губат дополнително време и трошоци за да одат по продавници и да ги бараат производите по продавници. Мислам дека иднината е во интернет продажбата и голем дел од нас во блиска иднина сè повеќе ќе се ориентираат на купување и плаќање преку интернет без разлика дали се работи за производи или услуги. Ние сакаме на секој поединец кој ја посетува нашата страница да му понудиме индивидуален пристап и да му понудиме сè што му е потребно. Сакаме да ја запознаеме секоја негова потреба и да понудиме најдобра услуга.

Според тебе, што е она што корисниците ги поттикнува да купуваат од кај вас, наместо од друга е-продавница?

Нашата мисија е да бидеме прв избор на купувачите. Ние секогаш гледаме од страната на купувачите и што тие бараат. Се трудиме да имаме секогаш атрактивна понуда од секоја катетегорија на производи, како би ги задоволиле и најприбирливите вкусови. Нашата мисија за успех зависи од задоволен купувач. Најбитно ни е да му понудиме на купувачот производи кои се по негова мерка, да имаме досег до секој корисник и да ги задоволиме неговите барања.

Што следно може да очекуваме од еКупи?

Екупи постојано ќе ја зголемува својата понуда во секоја категорија и дополнително ќе отвара нови категории на производи сè со цел купувачот да може да најде сè на едно место. Секогаш ја унапредуваме нашата дигитална платформа да е достапна на секој и да им дава врвно искуство при посетата на страницата. Нашата мисија е да бидеме бр.1 во секоја група на производи, во сè што нудиме, да имаме најдобра понуда и најмногу задоволни купувачи. Се водиме со мислата: „Со труд до совршенство.”

Според тебе, што е најважно за од бизнис идеја да се премине во успешна приказна (тим, дизајн, квалитет на продукт…?)

Јас сметам дека најбитно е да имаш зацртана цел што би очекувал дека ќе ја постигнеш и да се стремиш да ја оствариш таа цел. За да се оствари секако потребно е комбинација од одличен и добар тим, квалитетна услуга или производ, голема желба за успех и сето тоа би се преточило во успешна приказна.

Почесто сме сведоци на онлајн измами и кражби, кои на корисниците им влеваат недоверба за онлајн купување. Како вие се справивте со ова? Дали сметате дека недовербата влијание на бројот на ваши корисници?

Кога започнавме со работа во Македонија имаше голем број на корисници кои нарачувале најчесто од страници надвор од Македонија и биле измамени или добиле производи со различен квалитет од тоа што го пишувало. Ние од почетокот се трудиме да ги едуцираме потенцијалните купувачи дека е безбедно да се купува преку нашата страница, ги имаме сите сертификати за безбедност дека сме регионална интернет страница која е застапена во соседните земји, дека во Македонија има Закон за заштита на потрошувачите, кој ги штити од било какви измами. Мислам дека во последно време кај нас голем труд вложуваат владините институции како Министерството за информатичко општество и администрација, Народната Банка на РМ, банките и останатите финансиски институции за дополнителна едукација на граѓаните за безбедноста при онлајн плаќања, кое позитивно влијае како и за зголемување на довербата дека е безбедно купувањето преку интернет и дека луѓето можат без никаков сомнеж да купуваат преку интернет и да бидат безбедни.

Со кои предизвици се соочувате при секојдневното работење (достава, начин на плаќање, маркетинг, соодветен кадар)?

Во интернет трговијата секој ден носи нови предизвици различни од претходните денови. Овој начин на продажба е релативно нов во Македонија и секогаш бараме начини како ние така и нашите соработници, без разлика дали е во прашање логистика со доставната служба, дали се во прашање добавувачите, банките, да најдеме баланс како со најмалку можни проблеми да ги завршиме ефективно и ефикасно работите.

Како сметате дека може да се намалат овие предизвици?

Јас сметам дека со тек на време со зголемениот обем на продажба преку интернет, ќе се отворат поголем број на интернет продавници за производи и услуги, а со тоа ќе се зголеми и квалитетот на понудата и од останатите институции и фирми кои се директно или индиректно поврзани со овој начин на работа и ќе нудат многу поквалитетни услуги, а со тоа ќе се намалат проблемите и предизвиците со кои се соочуваме денес.

Какви програми, политики или мерки сметате дека треба да се воведат за да се олесни секојдневното работење на е-трговците?

Јас мислам дека формирањето на Асоцијација за е-трговија на Македонија ќе одигра главна улога во формирањето на програмите, регулативите, мерките, политиките и законот за поефикасно и подобро функционирање на е-трговијата во Македонија. Кога ќе се здружиме сите заедно можеме да допринесеме повеќе за подобра иднина на е-трговијата каде сите граѓани би имале позитивни бенефити од истата.