[Интервју] Brainster.co го промени начинот на учење!

Brainster.co е нов бизнис модел на македонскиот пазар односно платформа за неформална едукација основана во 2015 година. Нивната визија е да го променат начинот на учење и да го претворат целиот град во универзитет, секој простор во училница и секој да може да биде и инструктор и студент. Brainster по завршувањето на курсевите и академиите, оние кои ги завршиле курсевите ги спојува со компании и фирми кои имаат потреба од таленти. Бројот на Hire Up партнери постојано расте, а тоа го сметаат како доказ дека на компаниите не им се потребни луѓе со диплома и теоретско знаење, туку со реално знаење и вештини, зошто преку тоа компаниите го исполнуваат својот раст и развој. Нивната цел во иднина е да постигнат бројка од 100% вработување по завршување на курсевите. Препознатливи се по нивната уникатност, брз раст и константно унапредување и надградување.

Петар Ниновски е е-трговецот кој стои позади Brainster.co, па затоа направивме кратко интервју со него.

Кој е бизнис моделот на Brainster?

Продажба на курсеви и академии за Програмирање, Маркетинг и Дизајн.

Како се одлучи да влезеш на пазарот на е-трговија и да започнеш свој бизнис? Дали имаше претходно искуство во оваа област?

Brainster влезе на пазарот за едукација а е-трговијата ја искористи како продажен канал. Претходно имав искуство во областа на едукацијата но немав во областа на е-трговијата и немав бизнис искуство.

Со кои предизвици се соочуваше при започнувањето на бизнис и со кои се справуваш денес?

Во секој стадиум од бизнисот се соочуваш со различни предизвици. На почетокот нормално предизвик е да изградиш квалитетен продукт и одржлив бизнис модел а сега успешно реализирање на растот.

Како ги надмина/надминуваш овие предизвици?

Постојано подобрување и постојана иновација е мотото на Brainster. Сите членови на тимот на Brainster си имаат своја улога и ownership на различните процеси во работењето на компанијата.

Кои се купувачите на Brainster?

Купувачите на Brainster се луѓе помеѓу 25 и 35 години кои сакаат да започнат кариера како програмери, маркетери или дизајнери. Истите по завршување на програмите на Brainster ги поврзуваме со компании кои имаат потреба од таленти.

Имаше планови за ширење на Brainster во други држави. Какво беше искуството со потенцијално ширење и освојување нови пазари? Со кои пречки се соочи?

Веќе правиме тестирања на маркети надвор од Македонија. Ширењето на бизнис како Brainster е огромен предизвик бидејќи мора да се внимава на многу фактори меѓу кои квалитет на програмите за курсевите и академиите, наоѓање на инструктори со 7+ години искуство од областа, партнерства, физичка присутност на новиот маркет итн. Меѓутоа очекуваме до крајот на оваа година и официјално да започнеме на друг маркет.  

Кои се идните планови за Brainster?

План на Brainster е да ја достигнеме бројката од 100% вработени по завршување на академиите, зголемување на бројот на партнерства и студенти, проширување во други држави, нови програми итн.

Какви програми, политики или мерки сметаш дека се потребни за стимулирање за отворање на повеќе компании за е-трговија?

Подобрување на сервисите на банките, овозможување на интернационален пејмент провајдер, овозможување на Recurring Payments.

Колкав процент од продажбите ти се онлајн?

Околу 70%. Останатите се преку фактура и уплатница.