За што го користат Македонците интернетот?

Брзиот развој на технологијата и проширувањето на интернетот донесе до значајни социо-економски промени во општеството. Достапноста на интернетот и технологијата влијае на многу сегменти од секојдневниот живот. Еден од тие сегменти се интерперсоналната комуникација, трговијата и купувањето и начинот на добивање информации. Каде се наоѓа Македонија во овие четири категории во споредба со европскиот просек може да се дознае од сеопфатната анализа за е-трговија која ја креира Асоцијацијата за е-трговија на Македонија со поддршка од MasterCard, а која наскоро ќе биде објавена. До тогаш, со вас споделуваме неколку корисни информации од анализата за начинот и целите за кои Македонците го користат интернетот.

 

 

Социјални мрежи

Македонија со 84% е четврта земја во Европа после Малта, Исланд, Норвешка и Унгарија во користење на интернетот за социјални мрежи за креирање на кориснички профили, пораки и друг придонес на Фејсбук и Твитер. Македонците го користат интернетот за телефонирање и видео повици најмногу на ниво на Европа веднаш после Црна Гора и Бугарија, со 77%. Просекот на Европската Унија за ова е 46%.

 

 

Информирање и забава

68% од Македонците читале онлајн сајтови за весници, вести, магацини како процент од оние кои користеле интернет во последните три месеци од 2017 година. 59% од корисниците на интернет во последните три месеци од 2017 година интернетот го користеле за барање за информации за здравјето што е блиску до европскиот просек од 61%. Македонците сакаат да играат онлајн игри и симнување на игри па од корисниците кои употребиле интернет во последните три месеци од 2017 година, 38% од нив го користеле за игри.

 

 

Каде сме во споредба со ЕУ просекот?

Споредбено со ЕУ просекот, каде 80% од корисниците интернетот го употребуваат за барање информации за производи или услуги, овој процент кај Македонците изнесува само 50%. За управување со сметка за онлајн плаќање Македонија е далеку под европскиот просек (35%), со само 9%, додека за користење интернет банкарство 11% од Македонците го користат интернетот. На европско ниво овој просек е 61%. За барање и аплицирање на работа процентот за Македонија е 12, a на европско ниво е 20%. За користење на професионални мрежи само 5% од Македонците го користеле интернетот (европскиот просек е 15%). За продавање производи и услуги, со само 4%, заостануваме далеку под европскиот просек кој е 50%. За сместување во ЕУ земјите интернетот се користи со 50% додека во Македонија тој процент е 13%. За праќање или примање мејл европскиот просек е 86% додека нашиот е 58%.

 

 

Што можеме да заклучиме?

Можеме да заклучиме дека Македонците на интерет најмногу ги сакаат социјалните мрежи, сакаат да телефонираат и да имаат видео повици. Блиску до европскиот просек сме по барање на здравствени информации, читање онлајн вести и споделување авторска содржина. Од друга страна, под просекот сме за праќање мејлови, барање на информации за услуги и производи, сместување, продавање на услуги и производи, барање работа и праќање апликации за работа, интернет банкарство и менаџирање на сметка за онлајн купување.