„Ќе продолжиме да вложуваме во нови технологии и имплементација на нови концепти што ќе бидат во склад со потребите на нашите клиенти. Цел за следниот период ни е подобрување на корисничкото искуство при онлајн-продажба на полиси“.
Со М-р Марија Томеска, која што е Претседател на Управниот одбор на Еуролинк Осигурување разговаравме подетално околу активностите на компанијата поврзани со е-трговијата и направивме краток осврт на работењето во 2019 и плановите за 2020 година во областа на осигурувањето.
Целосното интервју прочитајте го во продолжение:
АЕТМ: Еуролинк Осигурување е лидер во промоција на иновативни продукти и се етаблира на домашниот пазар за осигурителни компании со имиџ на сигурна и стабилна компанија што ги исполнува своите ветувања. Кажете ни нешто повеќе за производите за кои нудите осигурување?
Марија Томеска: За нас во Еуролинк Осигурување иновацијата е движечка сила. Нови идеи, нови концепти и воведување на последните светски трендови во осигурувањето се нашиот предизвик, но и знак на препознавање. Нашите клиенти ја препознаваат оваа визија и нивната континуирана доверба е мотив да продолжиме во тој правец. Осигурителни продукти на Еуролинк се создадени според потребите на граѓаните и бизнисите. За граѓаните овозможуваме осигурување на имот, патничко осигурување, осигурување на возила, осигурување од незгода, а први во земјата го воведовме и доброволното приватно семејно здравствено осигурување како светски тренд и потреба што бележи раст. Со оваа понуда од различни продукти обезбедуваме заштита на граѓаните во секој сегмент од животот.
За малите и средни претпријатија креиравме бизнис комплет полиса што обезбедува сеопфатно осигурување на имотот, опремата, залихите и вработените во едно претпријатие. Во согласност со законските обврски нудиме и осигурување од професионална одговорност, а пакетите за колективно приватно здравствено осигурување се дополнителна можност што компаниите ја користат како средство за стимул на своите вработени и подигање на нивниот животен стандард. За секој вид осигурување нудиме неколку пакети по оптимални цени, во согласност со различните потреби и можности.
АЕТМ: Кои сѐ полиси се достапни онлајн на вашата е-продавница? Колку нашите сограѓани купуваат онлајн-полиси и која од овие полиси најмногу се купува?
Марија Томеска: Е-трговијата во Македонија е сè уште во зародиш, поради што од година во година се бележи висок раст и на продажбата онлајн и на вкупната остварена вредност во е-трговија. Така, за 2018 имаме раст од 62% во споредба со 2017 година, а вкупната остварена вредност е 139 милиони евра, што претставува 23% раст споредено со претходната година. Сепак, можам да кажам дека осигурителните продукти не се на листата на најпродавани производи или услуги што граѓаните вообичаено ги купуваат онлајн. Нас ова не нè обесхрабрува, напротив – трендовите покажуваат дека онлајн-продажбата е иднината, а во светот веќе постојат осигурителни компании, лидери во индустријата, кои функционираат речиси ексклузивно онлајн. На светско ниво, е-трговијата е во постојан силен раст. За 2019 година се проценува раст од околу 20,7% и над 3,5 трилиони долари вкупна е-трговија. Предвидувањата се дека до 2021 глобалната е-трговија ќе се проближи до вкупна вредност од 5 трилиони долари, поради што веруваме дека потенцијалот за раст е тука.
Еуролинк е прва осигурителна компанија во Македонија што започна со продажба на осигурителни полиси онлајн. Во моментов имаме 4 продукти за индивидуални корисници што граѓаните може да ги купат во нашата интернет-продавница, и тоа: патничко осигурување, осигурување од авто-одговорност, осигурување на домот и најновиот продукт – приватното семејно здравствено осигурување. Со тоа практично се заокружуваат сите основни потреби што едно лице или семејство ги има во поглед на обезбедување осигурување.
Засега, сè уште најпродавана во нашата интернет-продавница е полисата за патничко осигурување. Досега преку нашата интернет-продавница се продадени речиси 52 000 патнички полиси, а продажбата бележи постојан висок раст на годишно ниво. За 2019 година, во однос на претходната година, тој раст ќе биде над 24 %. Граѓаните се веќе свесни за неопходноста од патничко осигурување, па можноста самите да купат полиса пред патувањето е нешто што значително им го олеснува планирањето. Податоците покажуваат дека навиките на граѓаните се менуваат, заедно со потребите и темпото на живот. Па, така, еве веќе имаме онлајн-продажба и на првите полиси за приватно семејно здравствено осигурување, што е многу комплексен и сензитивен продукт за онлајн-продажба. За нас ова е знак дека сме на вистинскиот пат и мотив да продолжиме во инвестирање во нови технологии што ќе им го олеснат животот на нашите клиенти.
АЕТМ: Во вашето портфолио имате и осигурување на пакети и стоки при транспорт, што може да е интересно и пред сѐ потребно за е-трговците во нашата земја. Дали ќе може да ни кажете нешто повеќе за овие типови осигурување? За кои видови транспорт на стоки важи осигурувањето? Дали важи во границите на нашата земја или и меѓународно? Од кога до кога важи ова осигурување?
Марија Томеска: Да, ова е осигурително покритие што го имаме развиено токму во согласност со потребите на трговците што работат со транспорт на стоки. Осигурителното покритие што го нудиме важи од моментот на утовар на стоката сè до дефинитивниот растовар во местото наведено во полисата за осигурување, што значи покрива ризици од врата до врата. Генералната полиса за осигурување на стоки при транспорт може да се адаптира на потребите на е-трговците, во зависност од обемот, релациите и типот на стоката. Ова осигурување обезбедува од сите ризици на кои е изложена стоката за време на транспортот што може да биде поморски, езерски, речен, друмски, железнички, воздушен или нивна комбинација и може да се склучи со локално или меѓународно покритие во зависност од потребите на трговецот.
АЕТМ: Покрај редовните осигурителни услуги, Еуролинк Осигурување важи за компанија со голем фокус кон општествената одговорност, која вложува во заедницата во која работи. Минатата недела бевме сведоци на доделувањето на Еуролинк стипендиите што се доделуваат веќе шест години по ред, како дел од платформата за корпоративна општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“. Каква е конекцијата на Еуролинк со студентите и дали имате увид во нивниот понатамошен развој и кариера?
Марија Томеска: Да се биде дел од една заедница, да се биде прифатен и ценет член, е привилегија за секоја компанија. Ние во Еуролинк сметаме дека е наша должност да ја поддржуваме заедницата од која ние сме дел, нашите вработени, клиентите и сите наши соработници. Затоа ја создадовме платформата за општествена одговорност „Еуролинк – Вашата врска со вистинските вредности“. Во рамки на оваа платформа се вклучуваме во различни активности од областа на културата, уметноста и секако од областа на образованието. Токму во правец на обезбедување поквалитетно образование, Еуролинк во континуитет вложува напор и изнаоѓа начин како да инвестира во младите, во талентираните поединци, во науката и образованието. Еуролинк стипендијата за студентите од Правниот факултет „Јустинијан Први“ при УКИМ – Скопје е дел од таа долгорочна платформа за општествена одговорност. Стипендиите се доделуваат веќе 6 години по ред и досега се доделени средства на повеќе од 150 стипендисти. Тоа се одлични студенти на кои веруваме дека им претстои добра иднина. Неколку од нив своите први професионални чекори ги направија токму во Еуролинк, а другите се веќе дел од други успешни компании. Секако дека до нас постојано доаѓаат вести за успесите на нашите стипендисти, и секогаш сме горди кога ќе слушнеме за нивниот напредок, но и за важноста на поддршката што сме им ја пружиле во клучен момент од нивното образование.
АЕТМ: Неодамна одбележавте 17 години од започнување со работа на македонскиот осигурителен пазар. Од формирањето до денес, компанијата бележи континуиран раст и веќе неколку години се наоѓа на втората пазарна позиција на целокупниот пазар за неживотно осигурување. Се надеваме дека овој раст ќе продолжи и во новата 2020 година. Дали би можеле да ни откриете некои проекти што се планираат за 2020 година? Дали се планираат новости кај онлајн-полисите и онлајн-продавницата?
Марија Томеска: Да, на македонскиот осигурителен пазар сме 17 години, и веќе неколку години по ред ја држиме втората пазарна позиција, со учество од 13,22 % на целокупниот пазар за неживотно осигурување. Овој успех го постигнавме со напорна и посветена работа на целиот тим од над 210 професионалци, проектирање долгорочен здрав раст што се темели врз внимателна анализа на ризиците и освојување нови пазарни сегменти, во согласност со светските трендови во осигурувањето. Така што секако очекуваме задржување на растот, а на долг рок насочени сме кон освојување на првата пазарна позиција. Како што споменав, во основата на нашите продукти и услуги е иновацијата, така што за 2020 продожуваме во тој дух, а развојот на е-трговијата е интегрален дел од нашите идни планови.
Во 2020 ќе продолжиме да вложуваме во нови технологии и имплементација на нови концепти што ќе бидат во склад со потребите на нашите клиенти. Цел за следниот период ни е подобрување на корисничкото искуство при онлајн-продажба на полиси што се веќе достапни преку нашата интернет-продавница. Ќе вложиме и во дополнително приближување на онлајн-услуги до корисниците и оптимизација на дигиталните решенија, со што очекуваме овој канал на дистрибуција да стане сè поактуелен, а вкупната онлајн-продажба како процент од продажбата преку сите канали да расте. Она што е ново за следната година се нашите планови за поголемо присуство во други онлајн-продавници преку партнерства со други е-трговци и креирање онлајн-пакети посебно наменети за онлајн-потрошувачите, со што веруваме дека ќе донесеме пораст во интернет-продажбата на осигурителни продукти на ниво на целиот сектор.