fbpx
+389 78 58 44 48
info@ecommerce.mk

Новости

(Интервју) Цветанка Христовска, бренд директор во Тинекс МТ: Преку E-Tinex ги модернизираме потрошувачките навики на нашите клиенти!

Тинекс маркетите се достапни во Македонија веќе 25 години и на своите потрошувачи им ги обезбедуваат најдобрите производи со врвен квалитет и по одлични цени. Компанијата располага со 41 продажен објект, во 11 градови низ државата, а од неодамна располага и со сопствена интернет продавница E-Tinex.

Кажете ни нешто повеќе околу одлуката да започнете со онлајн продажба на производите, кои беа главните причини поради кои одлучивте да започнете да го освојувате пазарот за е-трговија во Македонија?

Интересот за е-трговија во Северна Македонија е во постојан подем и со отворањето на нашата интернет продавница имавме за цел да придонесеме кон развој на оваа брзо растечка индустрија во нашиот регион. Следејќи ги светските трендови за малопродажба, преку отворањето на наша Тинекс електронска продавница направивме уште еден чекор напред кон модернизирање на купувачките навики во Македонија, приближувајќи го нашиот пазар кон светските, конкурентни пазари. Како дополнителна причина која не охрабри да имплементираме нова, дигитална платформа за продажба е долгогодишниот успех на нашата компанија, која како докажан лидер на пазарот на малопродажба, веќе 25 години е фокусирана кон континуирано унапредување на своето работење и превземање на нови чекори со кои ќе ја задржиме лидерската позиција на пазарот и ќе го завцрстиме односот со нашите потрошувачи.
Преку e-tinex.mk, ги доближивме нашите маркети уште поблиску до нашите потрошувачи, овозможувајќи им да го добијат истото купувачко искуство, истовремено користeјки ги бенефитите кои ги нуди интернет продажбата.

 

Онлајн продавницата E-Tinex претставува современа е-продавница, со широка понуда на производи достапни за купување од дома или било која друга локација. Производите се поделени во категории според својата припадност со цел купувањето и пребарувањето да биде поедноставено. Колку производи може да се најдат во е-продавницата и колку вкупно групи (категории) поседува продавницата?

Нашата продавница располага со асортиман од над 6000 производи поделени во 22 групи кои опфаќаат различни категории на производи како основни производи, овошје и зеленчук, месо и сувомеснати производи, млечни производи, готови јадења, средства за хигиена и чистење, производи за домот и др.
Со цел да обезбедиме што е можно поширока и подобра понуда, асортиманот на e-tinex.mk континуирано се проширува со нови производи на неделно ниво, но исто така се надополнуваат веќе постоечките производи.

Изгледот на веб продавницата е модерен, а воедно нуди можност купувачот лесно да се снајде и да изврши купување. Дали при дизајнирањето на продавницата се водевете по примерот на некој од големите ланци за малопродажба во светски рамки или истата е изработена со поддршка на домашни експерти кои како фокус го имаа македонскиот купувач и локалните навики?

Фактот што сме први од водечките ланци на супермаркети во земјата кој отвори ваков тип на продавница, носи голема одговорност кон нашите клиенти за обезбедување на континуиран квалитет на производите и услугите, но исто така значи дека немавме значајна „референца“ или шаблон по кој можеме да се раководиме при креирањето на нашата страница.  За да го реализираме ова, целиот тим вложи огромно внимание на деталите, а од големо значење беше да ги креираме вистинските модели и да го направиме правиот избор на соодветни алатки за реализација на овој проект.  При креирањето e-tinex.mk најмногу се потпиравме на нашето досегашното знаење, собрано преку долгогодишното работење на пазарот на малопродажба, но секако, за добивање на сеопфатна анализа, ангажиравме надворешни соработници кои не снабдија со соодветните информации и статистики со кои не располагавме, а се значајни за градење на добра основа на која потоа ќе ја развиваме нашата интернет продавница, како на пример анализа на извештаи за купувачките навики на потрошувачите на интернет во Македонија итн.

Неспорно е дека асортиманот на производи во веб продавницата е огромен, доволен да ги задоволи потребите на купувачите. Но, предизвик претставува како сето тоа да се промовира на потенцијалните клиенти, како да се привлечат да ја отворат веб продавницата, да ја креираат нивната потрошувачка кошничка и да го направат своето прво купување. На кој начин Тинекс се стреми да дојде до купувачот со цел тој да го направи своето прво купување онлајн токму во Вашата електронска продавница?

Во денешната интернет ера, каде поголем дел од нашите таргет потрошувачи времето го поминуваат на своите смартфони, таблети или компјутери, а дигитал маркетинг алатките се доста распространети и развиени, најголемиот проблем не е како да се привлечат потрошувачите да дојдат на нашата страна, туку како истите да се задржат, да направат нарачка и да продолжат со онлајн купување.  Еден од најзначајните аспекти кој игра голема улога во привлекувањето на посетителите на страната е првиот впечаток кој ќе го остави истата. Токму затоа, нашата онлајн продавница ја дизајниравме на едноставен, “user friendly” начин, кој е клучен за да обезбеди посетителите да го најдат тоа што го бараат, брзо и лесно, создавајќи уникатно и пријатно искуство при секое пазарење.

Процесот на пазарување на Е-TINEX се состои од неколку лесни чекори, вообичаени за купување преку интернет, како создавање кориснички профил, избор на посакувани артикли и  плаќање на нарачката. Кога сите чекори се завршени, нарачката ќе биде доставена во рамките на времето и датумот, одбрани од страна на клиентот за испорака.  Како што научивме од нашето 25годишно работење на овој пазар, задоволниот купувач повторно се враќа. Со цел да ја зголемиме стапката на задоволни купувачи кои би ги претвориле во лојални купувачи кои редовно би купиле од e-tinex, обрнуваме големо внимание на забелешките од клиентите, ги третираме сериозно и учиме од нив со цел постојано да ги подобриме нашите услуги.

 

Доставата е еден од најголемите предизвици со кои се соочуваат компаниите кои во своето работење имаат имплементирано онлајн продажба. Дополнително, брзината во доставата и достапноста 24/7 ја позиционираат компанијата на самиот врв, особено кога е во прашање малопродажбата. На кој начин Тинекс ја организира доставата на производите кои се купени онлајн, дали постои ограничување од аспект на временски период до кога може да се нарачува и дали доставата е достапна за сите градови во државата? Колку време е потребно за да се комплетира една нарачка, од моментот на плаќање – па се до достава на производите?

За да една интернет продавница биде успешна, освен добра понуда треба да има и добра реализација на нарачките. Еден од аспектите во кој вложуваме многу труд е континуриано подобрување на дистрибутивниот систем, со цел комплетираните нарачки да ја достигнат својата крајна локација во договореното време. Иако нарачките може да се извршат од било која локација, засега доставата на производи се врши само на територија на град Скопје. Но, земајќи ја во предвид големата побарувачката и интересот на нашите потрошувачи од другите градови, ја разгледуваме можноста за проширување на дистрибутивната мрежа во блиска иднина.

На почетокот ги доставувавме нарачките само со едно возило, но бидејќи побарувачката се зголеми во првите три месеци, се обезбеди дополнително сервисно возило. Доставата на нарачките се врши од понеделник до сабота во две смени. Имајќи го потребниот број на возила и вработени овозможува достава на нарачките дури истиот ден, доколку купувачот направи нарачка од e-tinex најдоцна до претпладне. 

Неодамна Вашата компанија воведе Поен + картичка за лојалност. Дали оваа картичка може да се користи за добивање на поени при онлајн купување во E-Tinex и дали поените можат да се користат за плаќање на дел од производите во онлајн продавницата?

Преку Мој Тинекс програмата за лојалност, која ја стартувавме во јуни изминатата година, сакавме да ги наградиме нашите најлојални потрошувачи, со Поен+ картичката да купат одредени производи по пониски цени и да добијат cash back во вид на поени со купување на одредени производи и дополнителни поени од висина на направената сметка.  Како начин да им дадеме на нашите лојални потрошувачи уште повеќе придобивки, додадовме и опција на e-tinex која им овозможува на членовите на Мој Тинекс да ја поврзат својата картичка со нивната лична сметка и да собираат и трошат поени за лојалност на ист начин како и во нашите супермаркети.

Едукацијата на купувачите претставува клучен сегент кој придонесува кон успешно функционирање на веб продавницата. Какви мерки презема Тинекс со цел зголемување на свеста на потрошувачите за електронското пазарење?

Најчесто, како платформа за едукација и зголемување на свеста за поволностите од електронското пазарење ги користиме механизмите преку кои вообичаено „допираме“ до нашите потрошувачи, како промотивни материјали, информации на веб страните и социјалните медиуми и сл. Дополнително, ги прифаќаме сите покани поврзани со е-tinex за учество во некој електронски или пишан медиум и ја користиме секоја прилика да го прошириме нашето знаење и да научиме нови начини како можеме да придонесеме кон поголема едукација на потрошувачите и афирмација на е-трговијата. Токму затоа започнавме соработка со Агенцијата за е-трговија во Македонија, со чија помош ќе можеме да допринесеме повеќе кон развивање на е-трговијата и креирање на стабилна е-околина за нашите потрошувачи. 

Какви се досегашните остварувања од отворањето на веб продавницата E-Tinex од аспект на порастот на купувањата, од кое подрачје најчесто се нарачките и кои се производи кои најчесто се купуваат?

Напорната работа и посветеноста на константното унапредување на нашата онлајн продавница, наиде на бројни позитивни критики од пошироката јавност и клиентите, што резултираше со повеќе од 2500 нарачки од отворањето, во првите шест месеци.  Денес, e-tinex може да се пофали со стабилна база на редовни потрошувачи, кој извршуваат нарачки еднаш до двапати неделно, но исто така бројката на нови купувачи постојано расте.  Генерално, најмногу се купуваат газирани и негазирани пијалоци, детергенти за алишта и останати хемиски производи и производи за нега кои најчесто имаат поголема тежина, потоа кондиторски производи и свежи производи како овошје и зеленчук. Ова е добар индикатор дека потрошувачите во Северна Македонија знаат да ги искористат предностите на интернет пазарењето, бидејќи преку е-tinex производите се доставуваат до саканата адреса, без многу вложен труд.
Во однос на регионите за достава, најчесто се доставува во општините Аеродром, Центар и Кисела вода.

Темата на овогодинешната конференција е “БИЗНИС РАСТ СО Е-ТРГОВИЈА”, каде Тинекс МТ е сребрен партнер. Кои беа причините поради кои одлучивте да ја поддржите оваа конференција и сметате ли дека Северна Македонија има потенцијал да биде е-држава и во која насока треба да се стремиме во иднина со цел соодветно да ги искористиме потенцијалите кои ги поседуваме кога е во прашање е-трговијата?

За компанијата Тинекс, која следејќи ги светските трендови во трговијата од неодамна започна ново, дигитално подглавје, од особено значење е да се биде дел и да се поддржи еден ваков настан. Северна Македонија секогаш е насочена кон прифаќање на најактуелните трендови во регионот и пошироко, па ниту е-трговијата не е исклучок.  Во бумот на е-трговијата во нашата земја, компаниите од е-бизнис секторот потребно е заеднички да работат на развој, промоција и едукација за поволностите од користењето на дигиталните технологии и можностите за развој на истите, а конференцијата е одлична платформа која ќе не обедини сите во оваа цел и ќе допринесе кон усогласување на потребите на бизнис заедницата и дигиталните потрошувачи. Тинекс и во иднина ќе продолжи да ги поддржува сите активности и проекти на АЕТМ кои се насочени кон обезбедување на сигурен развој на оваа брзорастечка индустрија во нашиот регион.

 

Post a comment