Web 3 – може да се сретне и како Web3 или Web 3.0 – е термин за кој можеби во последно време многу често слушате. Тоа се однесува на моменталното (или идното) развивање на интернетот што промовира децентрализирани протоколи и има за цел да ја намали зависноста од големите технолошки компании.
Но што точно е Web 3 и зошто сè почесто се зборува за него?
За да се разбере Web 3 прво треба да се разберат претходните етапи на интернетот. Првата верзија на интернет – позната како Web 1 – пристигна во доцните 1990-ти и се состоеше од збирка на врски и страници. Веб страниците не беа особено интерактивни. Не можеше да се направи многу освен да се читаат работи и да се објавува содржина која ќе ја читаат другите.
Брајан Брукс, извршен директор на Bitfury, во говорот пред Конгресот на САД во декември 2021 на тема Web 1 изјави “Доколку луѓето се сетат на нивниот AOL акаунт, тоа беше можност да се погледне во добро курирна “ѕидна градина” со збир на содржини што не беа интерактивни…. На тој начин Time Magazine на луѓето им ги прикажуваше написите од своето списание на нивните екрани.”
Web 2 дојде следен. Некои луѓе ова го нарекуваат „читачка/пишувачка“ верзија на интернет, во однос на компјутерскиот код што ви овозможува и да отворате и уредувате датотеки наместо само да ги гледате. Оваа верзија на Интернет им овозможи на луѓето не само да консумираат содржина, туку да создаваат своја и да ја објавуваат на блогови како Tumblr, интернет форуми и е-продавници. Подоцна, појавата на платформите за социјални медиуми, вклучително и Facebook, Twitter и Instagram, го подигна споделувањето на содржината до нови височини.
По некое време, пошироката јавност стана свесна за начинот на кој нивните лични податоци се собираат од технолошките гиганти и се користат за креирање прилагодени реклами и маркетинг кампањи. Facebook, особено, беше во центарот на вниманието безброј пати поради кршење на законите за приватност на податоците и како компанија беше казнета со парична казна од 5 милијарди долари во 2019 година – најголемата казна што некогаш била издадена од Федералната трговска комисија (FTC).
Иако Web 2 на светот му донесе неверојатни бесплатни услуги, многу луѓе се уморија од новите „ѕидни градини“ што овие огромни технолошки компании ги создадоа и сакаат да имаат поголема контрола врз нивните податоци и содржина. Тука настапува Web 3.
Web 3 може да се сфати како „читачка/пишувачка/поседувачка“ фаза на интернетот. Наместо само да користат бесплатни технолошки платформи во замена за личните податоци, корисниците можат да учествуваат во управувањето и функционирањето на самите протоколи. Ова значи дека луѓето можат да станат учесници и акционери, а не само клиенти или производи.
Во Web 3, овие акции се нарекуваат токени или криптовалути и тие претставуваат сопственост на децентрализирани мрежи познати како блокчејн. Ако имате доволно од овие токени, имате право на збор преку мрежата. Сопствениците на токени за управување можат да ги трошат своите средства за да гласаат за иднината на, да речеме, децентрализиран протокол за заеми.
Во истиот говор пред конгресот, Брукс вели: „Вистинската порака овде е дека за тоа што се случува на децентрализираниот интернет одлучуваат инвеститорите наспроти она што се случува на главниот интернет за кое одлучуваат Twitter, Facebook, Google и мал број други компании“.
Што можете да направите на Web 3?
Web 3 го овозможува ширењето на структурите на кооперативно управување за некогаш централизираните производи. Скоро сè може да се токенизира, без разлика дали тоа е meme, gif, твит, парче уметност или билет за конференциja.
Одличен пример за промена на парадигмата е во индустријата за игри. Гејмерите бескрајно негодуваат за грешките што програмерите ги оставаат во нивната омилена видео игра или како најновиот patch ја нарушил рамнотежата на нивното омилено оружје. Со Web 3, гејмерите можат да инвестираат во самата игра и да гласаат за тоа како треба да се водат работите. Големите Web 2 компании, како Meta и Ubisoft, создаваат виртуелни светови делумно напојувани од Web 3. Незаменливите токени (NFT), исто така, ќе играат огромна улога во преобликувањето на индустријата за игри, дозволувајќи им на играчите да станат непроменливи сопственици на виртуелни предмети кои ги акумулираат.
Критики на Web 3.
Главната критика на Web 3 технологијата е дека таа не ги исполнува сопствените идеали. Сопственоста врз блокчејн мрежите не е подеднакво дистрибуирана, туку концентрирана во рацете на раните поседувачи и одредени финансиски моќници. Пред одредено време на Twitter имаше јавна расправија помеѓу извршниот директор на Block Inc. Џек Дорси и разни финансиски моќници за Web 3, со што оваа тема за (де)централизацијата се најде во прв план.
Во срцето на критиките е идејата за „театар за децентрализација“, каде што блокчејн проектите се децентрализирани по име, но не и по суштина. Приватни блокчејнови, инвестиции поддржани од VC или протоколи за децентрализирани финансии (DeFi) каде што само неколку луѓе ги држат клучевите за стотици милиони долари се сите примери за театар за децентрализација.
Но, и покрај неговите проблеми, односно недостатоци, Web 3 има многу потенцијал. Дали е премногу идеалистички за да се спроведе во пракса, ќе биде нешто што сегашните и идни корисници ќе го откријат во годините што следат.