Влијанието на е-трговијата за заштита на населението во услови на глобална пандемија #СедиДома #КупувајОнлајн

Деновиве сите ние сме изложени на невообичаени услови поради пандемијата на коронавирус COVID-19, која ги изложува на непријатни околности нашите семејства, пријатели, но и нашите деловни активности. Бидејќи ситуацијата со коронавирусот делува дека е далеку од брза разрешница и ќе продолжи да влијае на светот, АЕТМ сака да ве информира за тоа како ја поддржуваме  нашата заедница, нашите членови и вас – потрошувачите. Имено, во текот на пандемијата, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија забележува експанзија и максимизирање на капацтитетите на е-трговците, што е доказ за бенефитите кои оваа гранка им ги нуди на граѓаните, но и на компаниите кои ја имаат имплементирано е-трговијата во својата деловна активност или размислуваат да ја интегрираат во скоро време.

Ние како Асоцијација која се стреми кон кон целосна интеграција на е-трговијата и дигитализација на општеството, преку искористување на можностите кои ги нуди информатичката технологија , испраќаме неколку клучни совети за нашите сограѓани:

  1. Купувајте од комфорот на вашиот дом, без притоа да се експонирате на вирусот лично, а преку тоа индиректно и да го загрозувате животот на другите. Наместо по рафтови во маркетите и останатите физички продавници, разгледајте што се нуди на веб продавниците, направете нарачка и добијте ги намирниците и останатите производи директно на вашата домашна адреса. Речиси сите работи кои досега сте ги купувале физички, денес можете да ги купите од дома, онлајн. КликниЈади може да ви достави храна и пијалоци, Пакет.мк, Рептил и еТинекс можат целосно да ја заменат вашата посета на супермаркет и до дома да ви ги достават производите кои ги консумирате, Fashion Group и Спорт М нудат широк асортиман на производи како облека и обувки онлајн, Grouper, Кај Митра, еКупи и МаркетКонект ви овозможуваат да купите најразлични производи онлајн, Халк, Сава и Еуролинк Осигурување ви нудат можност да се заштитите преку онлајн купување на полиса и уште безброј други компании кои нудат најразлични производи онлајн со достава до вашиот дом;
  2. Бидете трпеливи, во овие моменти поради неколкукратно зголемениот обем на нарачки, капацитетите на е-продавниците се речиси целосно искористени и доставата не е експресна како во нормалните услови. АЕТМ ги советува и е-продавниците да направат максимален напор да ги доставуваат производите во најскоро време за своите клиенти;
  3. Плаќајте ги сметките за режиски трошоци (струја, вода, телефон, интернет, итн) онлајн со користење на платежна картичка од било која банка, без потреба да одите во банка или да посетувате пункт за наплата од компаниите кои ја нудат конкретната услуга;
  4. Минимизирајте ги посетите на банките и обидете се да ги реализирате сите потреби преку алтернативните канали, како електронско и мобилно банкарство, онлајн плаќање со платежна картичка. Доколку сакате да се информирате за одреден производ или услуга направете го тоа преку е-маил или преку контакт центарот и аплицирајте за услугите онлајн; 
  5. Намалете го користењето на готовина, која претставува потенцијален преносител на вирусот.

“Иако сегашнава состојба иницирана од COVID-19 е страшна и разорна по економијата, домашниот карантин и самоизолацијата несомнено ја поттикнуваат е-трговијата и онлајн нарачките, навики што секако ќе останат и по завршување на кризата. Целиот свет се соочува со предизвици од аспект на поставување соодветни безбедносни мерки, начинот на управување со испорака на производи и секако зголемената побарувачка на производи кај некои компании. Е-трговијата е една од одличните можности кои ни стојат на располагање за снабдување на луѓето со стоки и зачувување на „физичката оддалеченост“ која на сите во моментот ни е неопходна.  Седете дома, грижете се за своето здравје и здравјето на сите останати и купувајте онлајн!“ – вели Филип Чижбановски, В.Д. претседател на Асоцијација за е-трговија на Македонија.

Од Асоцијација за е-трговија апелираат само да се внимава кога се купува онлајн, односно да не се купува од нелегални продавници кои функционираат единствено на социјалните мрежи, бидејќи во периодот се забележува зголемен број на реклами за производи кои се продаваат на овој начин. Задолжително побарајте информација за компанијата која стои зад веб продавницата, проверете дали е достапна веб страна за конкретната продавница како и основни контакт податоци (телефонски број, е-маил адреса) со цел да се уверите дека станува збор за официјална електронска продавница. Сите членки на Асоцијацијата, е-трговци и други компании од синџирот на е-трговијата, можете да ги погледнете на следниот ЛИНК и да одберете што дополнително може да купувате онлајн.

#СедиДома и #КупувајОнлајн