Новости од е-трговија

Вештачката интелигенција во фокусот на претстојното издание на Конференцијата за е-трговија

 

Со помалку од месец дена до претстојната Конференција за е-трговија, која ќе се одржи на 14 ноември во големата сала на Националната опера и балет во Скопје, настанот ветува ден исполнет со клучни говори, панел дискусии и неформални разговори за интеграцијата на вештачката интелигенција, податоците и маркетингот во областа на е-трговијата. Учесниците ќе имаат ексклузивната можност да научат од интернационалните и домашните индустриски пионери и лидери кои ефективно ја искористиле вештачката интелигенција за да ја забрзаат својата успешност во онлајн трговијата.

Конференцијата ќе истражува како вештачката интелигенција ја менува реалноста на е-трговијата, навлегувајќи во клучни теми како што се искористувањето на вештачката интелигенција за персонализација на корисничкото искуство, донесување на одлуки базирани на податоци и многу други.

Конференцијата со свое воведнo обраќањe ќе ја отворат претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски и претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

Конференцијата потоа продолжува со првата сесија наречена „Маркетплејс пионери и нивниот успех во е-трговијата“ која се содржи од панел-дискусија и студија на случај, кои ги вклучуваат индустриски лидери од регионалните и глобалните маркетплејс платформи како Марко Царевиќ, извршен директор во „Ананас“,  Катарзина Роса, лидер за образование и развој на трговци во „Алегро“ и Ралука Буџореану, продукт-лидер во „Заландо“, Никола Илчев од „Екомерц Академи“ од Бугарија и други.

Подоцна во денот, преку сесијата “Фокус на доставата и плаќањата и нивната повезаност со прекугранична е-трговија” поддржана од НЛБ банка, присутните ќе ги истражуваат опциите за плаќања во е-трговија во регионот, патот кон успехот и научените лекции. Оваа сесија вклучува разговори со еминентни говорници од регионот меѓу кои и Бранко Грегановиќ, извршен директор во НЛБ Банка Македонија, Иван Мирковски, извршен директор во „Смарт ливинг“ , Елвис Пивиќ, ко-основач во „Мој бренд“ од Босна и Херцеговина, Фидан Рамизи, основач на платформата aoos.com.al од Албанија, Соња Буха, менаџер за е-трговија во „Мона Мода“ од Србија и многу други.

Конференцијата продолжува со сесијата “Трка за иновации и технологија: Како да се искористат вештачката интелигенција, податоците и маркетингот во е-трговија” поддржана од А1 Македонија. Оваа сесија ги истражува иновациите и напредокот во областа на е-трговијата, вклучувајќи ја презентацијата на Стефан Ковачевиќ, глобален е-комерц лидер во „Нестле“ и подоцна следува дискусија на панелот за иднината на маркетингот со експерти од различни области.

Четвртата сесија, “Купувачот во центарот на е-трговијата: Нови начини за подобрување на неговото онлајн шопинг искуство”, се фокусира на создавањето на персонализирани искуства и разбирањето на навиките на корисниците. Каи Херцбергер, групациски директор за DACH и EMEA во „Мета“ и Саманта Тилет, глобален директор за партнерства во „Хттпоол“ за Amazon Ads, ќе споделат вредни искуства поврзани на оваа тема со присутните гости.

Последната сесија насловена „Финансирање во е-трговијата: Кои се барањата на инвеститорите?“ се фокусира на можностите за финансирање и раст на бизнисите со е-трговија во земјава и регионот.

За потсетување, оваа година конферецијата за втор пат ги отвора вратите за регионалната публика. Очекувано е присуство на повеќе од 600 гости – успешни претприемачи, е-трговци, директори на компании и владини претставници од Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово, Црна Гора, Романија, Бугарија и Хрватска, што ја прави конференцијата уникатна и единствена во регионот во своето шесто издание.

Настанот е поддржан од Германското друштво за соработка – ГИЗ како организациски партнер, Мастеркард како генерален партнер, А1 Македонија како дигитален партнер, Ананас и НЛБ Банка како златни партнери и Комерцијална банка, Корпа, Пивара Скопје, Геники Таксидромики, Фит Кит, Халкбанк и Фешн Груп како сребрени партнери на настанот.

Повеќе информации поврзани со агендата и сите останати детали поврзани со конференцијата, вклучувајќи ги и последните 50 картите во продажба, се достапни на официјалната веб страница на конференцијата: https://ecommerceconference.mk/