Разговор со Љупка Ѓорѓиевска [НЛБ Банка]: Како може да се искористи дигиталниот идентитет во секојдневното банкарство

Електронскиот идентитет започнува да се користи во Македонија од 12-ти октомври и претставува основа на дигитализацијата за голем број процеси со кои се соочуваме во секојдневието, започнувајќи од јавните институции, реализирањето на разни плаќањата, верификацијата на крајниот корисник и сл.

Веднаш по разговорот со Вања Манова од Mastercard, продолжуваме со објави на оваа значајна тема и следен наш соговорник е Љупка Ѓорѓиевска од НЛБ Банка, со која одблизу го анализираме користењето на оваа иновација во НЛБ Банка. Љупка е Директор на сектор за развој на понуда и маркетинг во НЛБ Банка, првата банка на пазарот која го интегрираше користењето на електронски идентитет во своето работење и повеќегодишен член и поддржувач на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

АЕТМ: Кои услуги корисниците на електронски идентитет можат да ги искористат моментално во НЛБ Банка?

Љупка Ѓорѓиевска: На почеток, НЛБ Банка на своите корисници ќе им овозможи употреба на електронскиот идентитет за надминување на потребата од физичка посета на експозитурите на банката за доставување на разни барања/документи поврзани со продуктите на клиентот. Услугата е овозможена за користење преку Контакт центарот на Банката 24×7 каде клиентот се јавува со конкретното барање, а потребните документи за потпишување му се проследуваат преку апликацијата каде и се врши електронската идентификација и потпишување. Листата на услуги кои се достапни преку овој канал се: барање за реиздавање на ПИН за картичка, промена на дневен лимит на картичка, барање за доспевање на рати, активација на картичка, итн.

АЕТМ: Дали се планира проширување на услугите во блиска иднина?

Љупка Ѓорѓиевска: Изборот на услугите е направен со цел да ги покриеме најчестите барања од клиентите, а притоа овозможувајќи им комфор на корисниците во користењето на оваа нова и модерна услуга во било кој дел од денот и од било која локација. Сетот на услуги пропорционално ќе се збогатува и проширува во зависност од потребите и очекувањата на нашите клиенти, но и паралелно со промена на нивните навики, однесување и користење на сервисот, при што крајната цел е да се овозможи целосно дигитално работење со сите продукти и услуги на Банката.

Наша постојана мотивација во дигиталната трансформацијата е фидбекот кој го добиваме од клиентите, задоволството од користење на услугите и барањата за нивно проширување и унапредување.

АЕТМ: Дали ова значи дека правните лица кои поседуваат електронски идентитет на управителoт може да користат услуги како ажурирање на податоци за правно лице, целосно електронски, без да бидат приморани да одат во банка како што е сегашната пракса?

Љупка Ѓорѓиевска: Во иницијалната фаза од лансирање на сервисот, правните лица не се поддржани за негово користење, пред сè имајќи ги во предвид спецификите кои ги носат во своето работење како што се  врзани овластувања, ограничувања во овластувањата итн. Во следните фази на развој останува да се уредат и интегрираат сите овие специфики и да се унапреди овој сервис со можности за користење и од страна на правните лица во процесот на  ажурирањето на нивните податоци, но и за низа други активности во процесот на завршување на банкарски трансакции.

АЕТМ: НЛБ Банка е првата банка што ја интегрираше поддршката на електронски идентитет. Што сè треба да поседува или подготви една банка за да може да поддржи дигитален идентитет?

Љупка Ѓорѓиевска: Сметам дека за имплементирање на дигитални современи решенија, како што е дигиталниот идентитет, Банката прeд сè, треба да поседува пасија, фокусираност и стратешка определба кон дигитализацијата и тоа на секое ниво на работењето, од најниско до највисоко. Понатаму, неопходни се: добро поврзување и интегрирање на дигиталните можности, воспоставување на потребна инфраструктура и активно следење на дигиталните светски трендови, законската регулатива и техничките предиспозиции со цел нивно искористување и интеграција во банкарското работење.

Можноста за користењето на електронскиот идентитет е отворање на една сосема нова страница во банкарското работење. НЛБ Банка како предводник во дигитализацијата го направи првиот чекор и ќе го трасира патот за негово помасовно користење, а целта е тој да стане основен и неизбежен дел во банкарското работење.  Секако свесни сме за сите предизвици со кои ќе се соочиме ние и нашите клиенти во процесот на негова имплементација и користење. Со оглед на тоа дека се работи за сосема ново дигитално решение, ние како пионери во развојот, подготвени сме да ја спроведеме едукацијата на клиентите за придобивките и користењето, но и да помогнеме во процесот на дигитално описменување на граѓаните. Токму затоа и целосната имплементација, надоградување и искористување на сите можности кои ги нуди ова решение ќе се случуваат во повеќе развојни фази, со што на клиентите ќе им овозможиме простор постепено да се запознаат со ова ново дигитално искуство и да го прифатат во секојдневното работење со Банката.

АЕТМ: Што е разликата помеѓу електронскиот идентитет преку квалификуван сертификат за електронски потпис (токен) и новата понуда на дигитален идентитет преку Mastercard/Evrotrust?

Љупка Ѓорѓиевска: Разликата е во опсегот на можности кои овие две решенија ги нудат. Во случајот на  Mastercard/ Evrotrust како сертифициран оператор со дигитален идентитет, квалификуваниот дигитален потпис е само една од фунционалностите во склоп на поширок спектар на услуги кои се покриени со законот за електронски документ, електронска идентификација и доверливи услуги и кој може да се користи во рамките на сервисот на Evrotrust. За разлика од ова решение, основната и единствена функционалност на електронскиот потпис / токенот е да се овозможи дигитално потпишување од страна на неговиот имател, секаде каде што има потреба.

Исто така во нашиот случај Evrotrust е издавач на шема за електронска идентификација, а квалификуваниот дигитален сертификат го издава со користење на шемата за електронска идентификација односно без физичко присуство, што не е случај со издавањето на квалификуван сертификат за електронски потпис.

АЕТМ: Дали може да ја споделите вашата проценка колкав е интересот за овие современи технологии? Како ги прифаќаат корисниците овие дигитални решенија?

Љупка Ѓорѓиевска: Моменталната дигиталната писменост на пазарот кај нас е на релативно ниско ниво, особено во споредба со западно-европските земји, следствено на што има голем потенцијал за понатамошен развој и унапредување. Нашата улога и задача е не само да овозможиме дигитализирани услуги туку и да ги мотивираме, поттикнеме, запознаеме и едуцираме нашите клиенти, но и сите останати заинтересирани корисници на модерни услуги и сервиси, за нивната примена како и бенефитите кои ги овозможуваат бидејќи тој е поедноставен, поевтин и подостапен канал за извршување на банкарските трансакции.

Предусловите за подигнување на дигиталната едукација се создадени, имаме високо ниво на интернет пенетрација  и висок степен на користење на мобилните телефони. Од искуство можам да кажам дека нашите заложби за пренасочување на работењето на клиентите преку дигиталните канали носат позитивни резултати со значително зголемување во нивното користење. Само како за пример ќе споделам дека преземените мерки за време на ковид кризата со цел пренасочување на клиентите кон користење на дигиталните канали придонесоа за пораст во одредени дигитални сегменти и повеќе од 100% за период од една година. Исто така мобилниот кредит кој го воведовме минатата година веќе станува препознатлив и баран производ од страна на нашите клиенти бидејќи им овозможува задоволување на нивните финансиски потреби, независно од работното време на Банката и локацијата на која се наоѓаат. Ова се значајни индикатори за промената на навиките на клиентите и отвореноста за прифаќање и користење на нови технологии.

Во однос на решението за дигитален идентитет нашите очекувања се дека овој сервис ќе биде пред сè интересен за оние лица кои се редовни и понапредни корисници на дигитални услуги и кои ги користат сите можности и придобивки од дигиталните решенија. Исто така, од голема корист ќе биде за сите лица кои од различни причини не се во можност да дојдат и да посетат експозитура и ќе може да го спроведат целиот процес онлине. Секако со помасовна комуникација и едукација верувам дека постепено ќе успееме да го наметнеме и на поширока маса на клиенти кои ќе ги увидат придобивките од негово користење и понатаму ќе станат дури и активни промотери на решението.

АЕТМ: Објаснете ни чекор по чекор што треба да направи еден корисник кој што сака да поседува дигитален идентитет и да го користи за услугите на НЛБ?

Љупка Ѓорѓиевска: Процесот е доста едноставен. Првиот чекор е инсталација и активација на апликацијата од „Play Store“ или „Apple Store“. Самата апликација го води корисникот низ чекорите, од скенирање на документ за лична идентификација, потврдување на неговиот идентитет, како и детално информирање за принципот на работа на решението како и условите за користење на истото. Секој корисник кој сака да го користи овој сервис, потребно е да се јави во Контакт центарот на Банката, каде соодветно ќе му се посочи, како за конкретната потреба може да се употреби овој сервис.

АЕТМ: Дали електронската идентификација ќе понуди и бенефит за е-трговците?

Љупка Ѓорѓиевска: Постојат голем број на аспекти како електронската идентификација може да придонесе во е-трговијата, почнувајќи од самиот процес на  воспоставување на деловен однос со трговецот, вклучувајќи и потпишување на целокупната потребна документација. Тоа во пракса би значело дека е-трговецот ќе може да се регистрира во банка без физичко присуство. Како што и претходно споменав, планот на НЛБ Банка е постепено да се надоградуваат услугите кои ќе бидат оспособени преку решението за електронска идентификација, при што секако дел од услугите кои ќе се понудат ќе бидат поврзани и со е-трговците.

Интервјуто е реализирано во соработка со it.mk