Новости од е-трговија

Првиот Регионален беџ за доверба во е-трговијата ќе биде достапен наскоро

Со цел да се подобри квалитетот на онлајн продавниците кои доаѓаат од седумте CEFTA пазари (Северна Македонија, Србија, Босна и Херцеговина, Албанија, Косово*, Црна Гора и Молдавија) и да се воспостави доверба помеѓу е-трговците и онлајн купувачите на регионалната веб платформа www.ecommerce4all.eu е создадена информативна страница за првиот Регионален беџ за доверба во е-трговија за пазарите од ЦЕФТА кој е во фаза на развивање од страна на асоцијациите за е-трговија од регионот со поддршка на Отворениот регионален фонд за Југоисточна Европа – Надворешна трговија во рамки на Германското друштво за меѓународна соработка – GIZ, по нарачка на Германската влада и ЕУ. 

Со Регионалниот беџ за доверба во е-трговија, асоцијациите за е-трговија кои доаѓаат од пазарите на ЦЕФТА ќе ја стимулираат меѓународната продажба преку подобра заштита на потрошувачите и е-трговците, а како резултат на тоа, потрошувачите ќе бидат посигурни во онлајн купувањето. Регионалниот беџ за доверба во е-трговија ќе покаже дека онлајн продавницата е проверена од националните асоцијации за е-трговија, и дека е во согласност со законите и прописите неопходни за водење бизнис со е-трговија. 

ШТО Е РЕГИОНАЛЕН БЕЏ ЗА ДОВЕРБА ВО Е-ТРГОВИЈА?

На интернет, како и во реалниот свет, првиот впечаток е многу важен. Кога потенцијалните клиенти посетуваат одредена е-продавница, нивното мислење е од витално значење. Особено кога е-продавницата се занимава со прекугранични трансакции, ако клиентите сметаат дека е недоверлива или нема кредибилитет, тие најверојатно ќе ја напуштат. 

Регионалниот беџ за доверба во е-трговија е визуелна ознака што е-продавниците може да ја добијат откако ќе поминат низ евалуација која има за цел да ја процени нивната комплементарност со одреден сет на критериуми. Откако ќе бидат одобрени, е-продавниците кои доаѓаат од пазарите на ЦЕФТА може да го прикажат беџот на нивните веб-страници. На овој начин, купувачите лесно можат да идентификуваат дека продавницата е регистрирано правно лице и ќе знаат дека независна трета страна темелно ја проверила усогласеноста на е-продавницата со законите и прописите. Регионалниот беџ за доверба во е-трговија е дизајниран да ја намали недовербата на потрошувачите и да ја реши најголемата пречка за потрошувачите додека донесуваат одлука за купување – да купуваат од недоверлив, сомнителен е-продавач, особено кога купуваат прекугранично.

Кога една е-продавница ќе го постави Беџот, тоа означува дека: 

  • Е-продавачот е регистриран субјект
  • Е-продавачот има јасни и прецизни информации за неговиот идентитет и контакти
  • Е-продавачот ги обезбедува сите информации за цената и останатите поврзани трошоци пред последниот чекор на нарачката
  • Е-продавачот јасно и разбирливо ги прикажува сите услови и договорни обврски на купувачот
  • Е-продавачот нуди транспарентен и општо прифатен начин на плаќање
  • Е-продавачот нуди транспарентни начини и услови за испорака
  • Сите информации за Политиката за приватност и заштитата на личните податоци се достапни за купувачите на лесен и разбирлив начин
  • Е-продавачот јасно и разбирливо му ги презентира на купувачот сите негови законски права и обврски, правото да се повлече од договорот и има транспарентна политика за враќање на производите
  • Е-продавачот има политика за колачиња достапна на е-продавницата

 

КАКО ЌЕ МОЖЕ ДА СЕ ДОБИЕ РЕГИОНАЛНИОТ БЕЏ ЗА ДОВЕРБА ВО Е-ТРГОВИЈА?

Пред да се издаде Регионалниот беџ за доверба, е-продавницата мора да добие национален беџ за верификуван е-трговец од локалната асоцијација за е-трговија. Штом е-продавницата ќе го има локалниот беџ за верификуван е-трговец, е-продавачот треба да аплицира и да ги исполнува основните законски услови и да ги следи правилата наведени во Кодексот на однесување во периодот на ревизија. Беџот ќе биде поставен само на веб-страниците на е-продавачите кои аплицирале за него, успешно ги поминале проверките и биле усогласени со потребните прописи и обврски за работење во е-трговија.

ПРИДОБИВКИ ОД РЕГИОНАЛНИОТ БЕЏ 

Поседувањето на Регионален беџ за доверба во е-трговијата обезбедува повеќекратни придобивки и за е-продавачите и за е-купувачите. 

Во висококонкурентна е-трговија, поставувањето на Регионалниот беџ за доверба во е-трговијата може да ја разликува е-продавница од другите и дава конкурентна предност со истакнување на посветеноста на е-продавницата кон сигурни и доверливи онлајн трансакции.

Регионалниот беџ за доверба во е-трговијата исто така помага да се изгради доверба кај посетителите на е-продавницата и кај потенцијалните клиенти и укажува дека е-продавницата има имплементирано безбедносни мерки за заштита на податоците на клиентите. Знаењето дека со нивните лични и финансиски информации ќе се постапува безбедно, ги охрабрува е-купувачите да ги споделуваат своите податоци со доверба, што доведува до побезбедно искуство за купување преку Интернет.

Процесот за стекнување на Регионалниот беџ за доверба во е-трговија е во развој и ќе биде објавен наскоро.