Со купувањето од нерегистрираните интернет трговци граѓаните треба да се свесни дека немаат никаква гаранција и заштита, вели претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на Македонија, Нина Ангеловска во интервју за НоваТВ.
Според Ангеловска, токму со ваквото купување од нерегистрирани е-трговци, се поттикнува сивата економија која прави непроценлива штета на позитивниот развој на општеството и придонесува за понеквалитетен живот на сите граѓани.
Таа апелира до сите потенцијални корисници на е-услугите, пред да нарачаат било каков производ, да ги посетат веб-пребарувачите „Провери продавница“, веб-платформа за рецензии „Натапет.мк“ и категоризиран регистар на сите регистрирани е-продавници „Проверипакупи.мк“.
Во 2020 година биле отворени над 400 нови е-продавници што претставува најголем број на отворени продавници на годишно ниво до сега. „Во услови на рестрикции на движење и во обид да се заштити сопственото здравје и граѓаните се повеќе се свртеа кон онлајн купување па согласно последните податоци на ДСЗ, 46% од интернет корисниците направиле онлајн нарачки во 2021 година“, вели за НоваТВ, Ангеловска и додава дека за жал, институциите се уште немаат воспоставено механизам со кој ќе ги детектираат и спречуваат ваквите продажби.
НоваТВ: Во време на пандемија, граѓаните се исплашени да пазаруваат по продавници, па се повеќе практикуваат купување преку Интернет. Но, тоа само по себе носи и големи ризици. Дали и колку поплаки Асоцијацијата за е-трговија има добиено од незадоволни купувачи и на што најчесто се жалат?
Точно е дека пандемијата отвори бројни можности за забрзување на растот на е-трговијата, но и бројни предизвици како за е-трговците така и за онлајн купувачите. Компаниите станаа се повеќе свесни за потенцијалот на е-трговијата и особено за нејзината улога во процесот на адаптација кон новонастанатата ситуација. Во 2020 година беа отворени над 400 нови е-продавници што претставува најголем број на отворени продавници на годишно ниво до сега. Во услови на рестрикции на движење и во обид да се заштити сопственото здравје и граѓаните се повеќе се свртеа кон онлајн купување па согласно последните податоци на ДСЗ, 46% од интернет корисниците направиле онлајн нарачки во 2021 година.
Како што растеше понудата од регистрирани е-трговци истовремено се зголеми и понудата од нерегистрирани субјекти кои нудат за продажба најразлични производи преку социјалните медиуми (без издавање фискална сметка или фактура) кои учествуваат во сивата економија и претставуваат нелојална конкуренција за регистрираните е-продавници.
Многу граѓани го направија своето прво онлајн купување и што се однесува на ризикот од сигурност во плаќање и заштита на личните податоци, можеме да кажеме дека истото е добро организирано од страна на банките и регулирано со законот за заштита на лични податоци. Ако се купува онлајн од регистриран е-трговец исто така ако не му се остварат правата на купувачот може да пријави во надлежните институции. Останува дека главен ризик претставува купувањето од нерегистрирани продавачи.
Иако Асоцијацијата за е-трговија не е надлежна за примање или постапување по дописи од граѓани до нас преку нашите канали за комуникција пристугнуваат поплаки од граѓани кои се оштетени при нарачките од ваквите нерегистрирани субјекти. Поплаките се најчесто бидејќи она што го нарачале на соодејствува со она што го добиле, а потоа не можат да извршат поврат на производот и да си ги добијат средствата назад, едноставно продавачот е недостапен по извршената достава.
Бројни поплаки стигнуваат и до Државниот пазарен инспекторат со кој неодамна потпишавме меморандум за соработка, од каде информираат дека имаат бројни претставки од граѓани по кои не можат да постапат кога купувачот нема фискална сметка/фактура за нарачката.
НоваТВ: Од објавите на социјалните мрежи може да се види дека најчесто поплаките се за погрешен или неквалитетен производ, или пак дека порачале едно, а добиле нешто сосем друго. Но, тоа што вознемирува е дека трговците нашле начин како истите производи со лош квалитет да ги продаваат и натаму со тоа што само го менуваат името на страницата преку која ја вршат продажбата. Постои ли начин или институција која може тоа да го контролира и да го санкционира?
Така е, за жал, и токму затоа Асоцијацијата за е-трговија во изминативе 2 години во фокус на своите активности ја стави и „сивата економија во е-трговија”. Институциите се уште немаат воспоставено механизам со кој ќе ги детектираат и спречуваат ваквите продажби.
Како што посочивте и вие решението не е едноставно, дури и да се исклучуваат тие профили на социјалните медиуми, тоа не значи дека не можат да отворат нов профил/страна. Сепак ‘исклучувањето’ на Facebook/Instagram страните би значело моментално отежнување на таквите продажби кои се дел од сивата економија.
Сивата економија е компексен феномен кој бара истовремено да се ‘нападне’ од различни страни со различни средства. Уште повеќе како што новите технологии носат предности така носат и нови ‘можности’ за нерегистрираните, а претставуваат и предизвик за институциите кои треба постојно да учат, да менуваат и да применуваат нови дигитални решенија и да имаат агилен пристап. Ние покрај тоа што се обидуваме паралелно да работиме со институциите и да туркаме за промени, истовремено делуваме кон кревање на свеста на граѓаните и како тие самите да се заштитат – затоа што ова е нешто на кое може да се влијае веднаш и кое зависи од самите граѓани.
Изминатиов период АЕТМ беше дел од повеќе работни групи, иницијативи и состаноци помеѓу засегнатите државни институции за изнаоѓање за решение за детектирање на нерегистрираните продавачи и намалување на сивата економија во е-трговијата, од кои што произлегоа најразлични активности и мерки. Секако останува да се види имплементацијата и промените во пракса во периодот кој следи, а при тоа треба да се има предвид и дека е неопходен холистички пристап, координирани напори и одлична соработка помеѓу институциите.
Секако голема улога има и едукацијата за можните негативни искуства, како и градење на свесност кај самите е-купувачи. Со купувањето од нерегистрираните е-трговци граѓаните треба да се свесни дека немаат никаква гаранција и заштита во рамки на законот за заштита на потрошувачи во случај да не се задоволни од испорачаниот производ или услуга и сакаат да направат поврат, како и дека со ваквите купувања директно учествуваат во сивата економија преку која се прави непроценлива штета на позитивниот развој на општеството и придонесува за понеквалитетен живот на сите граѓани.
АЕТМ постојано се стреми да делува со едукативни и практични иницијативи кои ќе ја зголемат свеста кај онлајн купувачите, како и даночниот морал и од нивна страна, како и од страна на трговците. Минатата година, креиравме едукативно видео за сивата економија во е-трговијата, колку всушност таа е штетна и како таа влијае врз општествениот живот на сите граѓани во нашата земја. Дополнително, во мај 2021 година, Асоцијацијата беше организатор на првиот студентски хакатон посветен на сивата економија во е-трговија наречен „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ во соработка со Економски Факултет Скопје и ФИНКИ, на кој присуствуваа 18 ментори од приватниот сектор, академијата, од институциите – УЈП и Царинската управа, кои менторираа 10 тимови и каде што беа одбрани 3 победнички решенија кои директно ја адресираат сивата економија во е-трговијата во нашата земја: екстензија за веб-пребарувач „Провери продавница“, веб-платформа за рецензии „Натапет.мк“ и категоризиран регистар на сите регистрирани е-продавници „Проверипакупи.мк“. Покрај овие иницијативи потпишавме меморандум со Државен пазарен инспекторат и со други институции со цел заеднички да можеме да направиме промена на ова поле.
НоваТВ: Постојат ли механизми каде купувачите може да проверат дали избраната епродавница е веродостојна пред да ја направат нарачката?
Во текот на 2020 година, Асоцијацијата за е-трговија на Македонија ја лансираше платформата „eТрговија за сите” (https://ecommerce4all.mk/). Дел од оваа платформа е и модулот посветен на сивата економија во рамки на кој се креираше и објави првиот онлајн регистар на е-трговци, кој ги содржи сите онлајн продажни места што се регистрирани во една од петте банки во нашата земја кои нудат е-трговија, односно процесирање на онлајн трансакции. Онлајн регистарот на е-трговци, кој е изработен во соработка со петте банки кои што нудат е-трговија, има за цел да ја зголеми информираноста на купувачите и нивната заштита, да им овозможи лесно да направат разлика помеѓу регистрирани е-трговци и нерегистрирани субјекти кои учествуваат во онлајн продажбата и да ја намали можноста за купување од непроверени онлајн продавачи и учество во сивата економија.
Купувачите можат многу едноставно да ја проверат легитимноста на е-продавницата од која планираат да купуваат со тоа што ќе го внесат нејзиното име во регистарот, и тој ќе им даде информација дали е-продавницата е дел од датабазата на регистрирани е-продавници.
Покрај овој регистар, како дел од платформата ecommerce4all.mk лансиравме беџ за верификуван е-трговец кој овозможува јасна дистинкција на онлајн продавници кои се регистрирани субјекти; беџот гарантира дека овој е-трговец е регистриран и ги исполнува минималните законски регулативи за работење. Во моментов, над 80 македонски е-продавници се имаат здобиено со беџот кој најчесто може да се забележи на почетната страна на нивниот веб-сајт.
НоваТВ: Како потрошувачите да се заштитат од измами и да бидат сигурни дека купуваат квалитетен производ од веродостојна фирма?
Согласно спроведениот анкетен прашалник на 2.800 е-купувачи кој беше дел од сеопфатната Анализа на е-трговијата, 2020 година, 47% од купувачите прават нарачки преку пораки на социјални медиуми, а 61% од нив се изјасниле дека го прават тоа затоа што им е полесно и побрзо. 48% од е-купувачите никогаш не добиваат фискална сметка при ваквите нарачки, а 27% се изјасниле дека ретко добиваат. Над 70% од нив се запознаени за ризиците, дека не се заштитени како потрошувачи, како и дека се дел од сивата економија, но сепак го прифаќаат ризикот при ваквите нарачки. Овие податоци се загрижувачки и говорат за ниското ниво на даночен морал и свест за значењето и негативните последици од сивата економија, како и ниското ниво на дигитални вештини на
населението.
Како што споменав и претходно, граѓаните мораат самите да внимаваат од каде прават нарачки, бидејќи ако нарачаат од нерегистриран субјект кој не издава сметка, потврда или фактура и добијат нешто сосема поразлично, тие нема да можат да упатат никаква поплака кон соодветните институции поради тоа што не се заштитени според законот и регулативата за е-трговија во нашата земја. Покрај употребата на регистарот за е-трговци, она на кое граѓаните треба да внимаваат при е-купување со цел да избегнат незадоволство е да проверат дали на веб-сајтот се истакнати името на правниот субјект, адреса, матичен број на компанијата, контакт информации, „Политика за приватност“, „Услови за употреба“, „Политика за рефундација“, кои би биле корисни доколку се појави било каков проблем при нивното онлајн купување. Дополнително може да ги прочитаат рецензиите/искуствата на другите купувачи за продавачот и да ги користат некои од алатките кои беа лансирани во рамки на хакатонот кој го организиравме споменати претходно.