Ова се победничките решенија од виртуелниот хакатон: „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ 🏆

Крајот на годината се користи за правење на ретроспектива и истакнување на сите успешни моменти кои оставиле значаен впечаток во нашата работа. Еден од тие успеси се трите финални решенија кои произлегоа од хакатонот: „Хакирај ја сивата економија во е-трговија“ кој се одржа во мај оваа година и беше организиран од страна на АЕТМ и во соработка со Економскиот факултет при УКИМ и ФИНКИ. На хакатонот учествуваа десет тимови составени од студенти од Економскиот факултет, Скопје и ФИНКИ и работеа на креативни решенија кои ќе придонесат кон адресирање и намалување на сивата економија во е-трговијата.

По 48 часовна напорна работа и бреинсторминг од страна на студентите кои беа менторирани од 18 ментори од приватниот сектор, академијата, како и институциите УЈП и Царинската управа, беа одбрани 3 победнички решенија од страна на жири комисијата составена од д-р Нина Ангеловска, Претседател на АЕТМ, Проф. Д-р Димитар Трајанов, од ФИНКИ и Проф. Д-р – Ежени Брзовска, од Екононскиот факултет – Скопје. За победничките решенија беше обезбеден награден фонд од 3000 евра, кој им послужи за имплементација на решенијата. 

Запознајте се со победничките решенија:

PROVERIPRODAVNICA.COM – ЕКСТЕНЗИЈА ЗА GOOGLE CHROME

Тимот Economy Solutions, составен од Симеон Маркоски и Фидан Стоименов од ФИНКИ, Драгана Нелоска, Габриела Козарова и Даниела Мурџеска од Економски факултет при УКИМ креираа веб екстензија за Google Chrome која прави автоматска проверка на валидност на одредена е-продавница согласно регистарот на е-трговци. Целта на оваа екстензија е да детектира сомнителни е-трговци, како и да ги информира купувачите за валидноста на е-трговците при онлајн купување.

„Со цел да ги поттикнеме потрошувачите да бидат повнимателни при нивното купување на интернет, создадовме решение каде преку екстензија која со автоматска проверка и рецензии ќе можат самите корисници да воочат дали одредената веб страница е безбедна. Преку ова решение ќе поттикнеме и намалување на сивата економија каде самите продавачи ќе бидат повнимателни при нивната продажба со цел да ставаат повеќе информации на веб страната и да имаат регистрирано компанија.“ – велат од тимот.

Екстензијата е достапна за инсталирање на веб-пребарувачот Google Chrome на овој линк

NATAPET.MK – ВЕБ-ПЛАТФОРМА ЗА РЕЦЕНЗИИ

Тимот Halfpace, составен од Јована Маројевиќ, Јаков Митровски и Гораст Ангеловски од ФИНКИ, и Дафина Андонова од Економскиот факултет при УКИМ креираа веб-платформа каде може да се прочитаат и остават рецензии за е-трговци со цел да се информираат е-купувачите за валидноста и интегритетот на е-продавниците во Македонија. Воедно, платформата во втор план има и цел да ги едуцира нерегистрираните е-трговци како да го регистрираат својот бизнис и ја одбегнат сивата економија, со цел да изградат квалитетни и задоволни купувачи.

„Главната цел е да ги информираме и насочиме купувачите да го направат правилниот избор на е-продавница која ќе ги заштити нивните права како купувач. Така онлaјн купувањето ќе стане побезбедно и релевантно, со тоа се придонесува кон сузбивање на сивата економија во е-трговијата која зафаќа значаен процент од економијата во нашата држава.“ – велат од тимот.

Веб-платформата е достапна на овој линк.

PROVERIPAKUPI.MK – КАТЕГОРИЗИРАН РЕГИСТАР НА СИТЕ РЕГИСТРИРАНИ Е-ПРОДАВНИЦИ

Тимот Economy Debuggers, составен од Ана Матеска, Стефанија Цветковска и Симона Милошеска од ФИНКИ, како и Христина Петковска од Економскиот факултет при УКИМ креираа веб-платформа која е регистар на сите регистрирани е-продавници со категоризација за лесно навигирање и проверка на регистрираните е-трговци. Идејата на решението е да ги стимулира граѓаните да проверуваат од каде купуваат, пред да направат нарачка со цел да се поттикне купувањето од регистрирани е-трговци и се придонесе кон позитивно искуство со е-трговијата.

„Целта на решението што го развивме е на едно место да бидат собрани сите е-трговци и доколку физичко лице сака да купи нешто онлајн, може на едноставен начин прво да провери дали тој е-трговец е регистриран, и доколку е, да биде сигурен дека е веродостоен и дека се заштитени неговите права како потрошувач. Купувањето на тој начин станува безбедно и доверливо, а корисниците на платформата учествуваат во сузбивање на сивата економија во е-трговијата.“ – вeлат од тимот.

Веб-платформата е достапна на овој линк.

 

Поврзани содржини