Новости од е-трговија

Креиравме платформа за дигитални услуги и дигитална солидарност

Асоцијацијата за е-трговија на Македонија (АЕТМ Скопје) поддржано од ФИТР како дел од јавниот повик “КРЕАТОН” изработи веб платформа  за дигитални услуги достапни за сите граѓани на нашата земја. Јавниот повик “КРЕАТОН” е дел од иницијатива на ФИТР која има за цел справување со последиците од КОВИД-19 и истиот е поддржан од Амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија, УСАИД, УНДП, УНИЦЕФ и МАСИТ.

Веб платформата „Дигитални услуги за сите”  има за цел да ги презентира сите можности кои им стојат на располагање на граѓаните кои поради ограничувањето на движењето се останати дома, но од друга страна во целост ги презентира предностите кои со себе ги носи дигитализацијата. 

Веб платформата се состои од три различни видови на дигитални услуги, кои го олеснуваат секојдневието на секој од нас, притоа овозможувајќи попродуктивно користење на слободното време поради достапноста на овие алатки.

Првиот дел од веб платформата се состои од бесплатните алатки кои се достапни за сите граѓани, кои нудат можност да се едуцирате, да работите од дома, да следите културни настани, да се забавувате, а воедно и да бидете одговорни кон себе и вашите најблиски. Бесплатните алатки се категоризирани во неколку сегменти:

  •  Е-учење
  •  Култура и уметност
  •  Настани
  •  Работа од дома
  •  Спортски активности

Вториот дел од веб платформата е наменет за сите оние кои сакаат да купуваат онлајн и ги содржи речиси сите е-продавници на територијата на нашата земја. Во овој дел сите граѓани имаат можност да пребаруваат домашните е-продавници според одредена  категорија (облека, се за дома, култура, убавина и здравје, храна и пијалаци и други категории), овозможувајќи на лесен и едноставен начин да се дојде до посакуваниот производ, притоа седејќи дома и целосно почитувајќи ги препораките од надлежните. 

Третиот дел од веб платформата пак, се однесува на онлајн плаќањето на сметки за струја, вода, греење, телекомуникации и останати режиски трошоци на брз, лесен и едноставен начин.

Како Асоцијација за е-трговија, се стремиме да влијаеме на менување на дел од навиките на граѓаните за користење на дигитални услуги на долг рок, што ќе ја олесни транзицијата кон дигитално општество и ќе овозможи полесно интегрирање со светските трендови. Веб платформата “Дигитални услуги за сите” има за цел, покрај да ги информира граѓаните на едно место за сите достапни можности кои можат да ги користат од дома, да го едуцира населението и да ги зајакне и зголеми нивните дигитални вештини” , велат од Асоцијацијата за е-трговија на Македонија.

На веб платформата е достапна и посебна алатка преку која секој посетител може да предложи конкретна бесплатна алатка да биде објавена и промовирана, без разлика дали станува збор за е-платформа за учење, алатка за работа од дома, онлајн курсеви, онлајн книги, филмови, музика и телевизиски содржини. Исто така, доколку сте сопственик или купувач од е-продавница која не е дел од платформата поднесете барање преку контакт формата со цел да се прикаже саканата онлајн продавница и на тој начин повеќе луѓе да бидат информирани од каде може безбедно онлајн да купуваат и да ги користат предностите кои ги нуди дигитализацијата.