Комерцијална банка воведе услуга за електронска идентификација на клиенти без посета на шалтер

Со воведување на новата услуга електронска идентификација преку мобилната апликација OneID, Комерцијална банка им овозможи на клиентите лесен, безбеден и брз пристап до повеќе производи и услуги од кое било место во светот и во кое било време.

Со оваа услуга клиентите на Комерцијална банка добија нова и модерна алатка за користење производи и услуги преку електронска идентификација и без посета на шалтер, со што Банката е прва во земјава што овозможува практична примена на оваа услуга во нивните секојдневни финансиски трансакции.

Комерцијална банка ја воведе електронската идентификација во рамките на својата определба за врвно корисничко искуство, а преку оваа алатка им обезбеди нови привилегии на клиентите, кои значат слобода, заштеда на време и пари. 

Со употреба на електронската идентификација OneID, без посета на шалтер, може да се ажурираат лични податоци, а наскоро ќе може да се поднесе барање преку Интернет банка за дозволено пречекорување на сметка и за потрошувачки кредит. Исто така, ќе биде овозможено и далечинско активирање Интернет банка, како и отворање платежна сметка во Комерцијална банка. 

„На задоволство на клиентите и на наше огромно задоволство заедно влегуваме во новата димензија на дигиталните услуги. Електронската идентификација OneID претставува современо дигитално решение, кое Комерцијална банка во соработка со Некстсенс и КИБС АД Скопје го воведува, пред сѐ, за поголемо задоволство на нашите клиенти. Преку OneID тие ќе го докажуваат својот идентитет без посета на шалтер, во движење, од канцеларија или од дома во кој било период од денот. Преку онлајн пристап до сервисите на Банката им заштедуваме драгоцено време затоа што треба само еднаш да ја активираат електронската идентификација и да ја користат секогаш кога треба да се идентификуваат. Комерцијална банка, благодарение на својата врвна дигитална технологија и професионално искуство и знаење, им обезбедува на клиентите максимална приватност и заштита на личните информации. А, на нив останува да уживаат во привилегиите на едноставниот и безбеден дигитален свет“, изјави д-р Маја Стевкова Штериева, Главен финансов директор и член на Управниот одбор на Комерцијална банка.

Комерцијална банка ја овозможи оваа дигитална услуга благодарение на соработката со водечката компанија за дигитална трансформација Некстсенс, која заедно со КИБС АД Скопје ја разви и пласираше услугата OneID.

 

„Преку нашата долгогодишна и успешна соработка со Комерцијална банка успеавме да обезбедиме современ и модерен канал за интеракција со нејзините клиенти. Ова е еден практичен пример за можностите што ги нуди OneID, чија цел е преку примена на доверливи и сигурни дигитални технологии да го олесниме исполнувањето на нашите секојдневни обврски кои сега ги извршуваме со физичко присуство. Убедени сме дека преку соработката со сите наши партнери кои силно се залагаат да ги имплементираат алатките кои овозможуваат дигитална трансформација на процесите ќе успееме директно до граѓаните и бизнис заедницата да ги доближиме придобивките од технолошкиот развој“, изјави Васко Кроневски, Главен извршен директор на Некстсенс.

Откако еднаш ќе креирате OneID може да го користите за идентификување кон сите компании и институции што ја овозможуваат оваа услуга. Електронската идентификација се креира преку мобилната апликација OneID, која е достапна на Google Play Store, App Store и AppGallery. 

Повеќе информации за електронската идентификација може да добиете на следниот линк: https://kb.mk/elektronska-identifikacija.nspx .

Комерцијална банка останува посветена на инвестиции и развој на нови современи дигитални алатки, кои ќе им овозможат на клиентите да уживаат во поволностите на дигиталното банкарство.