ЈП Водовод и канализација: Се поголем број на граѓани ја користат можноста за онлајн плаќање на сметки

Основна дејност на Ј.П. Водовод и канализација Скопје е собирање и дистрибуција на вода за пиење како и пречистување и одведување на урбани отпадни води, обезбедување на здравствено исправна вода за пиење неопходна за животот на граѓаните и воопшто за функционирање и развој на Град Скопје. ЈП Водовод и канализација е основано како самостојно претпријатие во 1992 година и нуди широк спектар на канали за плаќање на сметките кои се постојано достапни на потрошувачите. Станува збор за можност за онлајн наплата преку веб страната или мобилната апликација за Android и IOS оперативен систем, плаќање на сметките за вода и смет преку банка (електронско банкарство, мобилно банкарство, со траен налог или на шалтерите на банките и пошта), шалтерска наплата (Централа и пункт Сарај) како и самоуслужувачки уреди во моментов достапни на 4 локации.

Стефан Вангелски, Советник на директор за финансиски прашања во ЈП Водовод и Канализација вели дека изминативе години ова претпријатие силно се посвети да ги овозможи сите канали за наплата на сметки со посебен акцент на дигитализација и заштита на животната средина. Следејќи го трендот на дигитализацијата, претпријатието ја зголеми достапноста на своите услуги и можностите за наплата преку речиси сите канали, веб страна, мобилна апликација, но и воведе повеќе апарати за самонаплата  на неколку локации низ градот Скопје. Успехот и зголемената наплата се должи токму на тоа, зголемената достапност на услугите за граѓаните и следење на дигиталните трендови.

Можноста граѓаните и бизнисите да ги плаќаат сметките онлајн е имплементирана од март 2012 година. Онлајн наплатата бележи константен раст, особено по започнувањето на COVID-19 кризата кога наплатата се зголеми за речиси 3 пати. Дополнително кон овој раст придонесе и имплементацијата на системот „Плати брзо” што им овозможува на клиентите без креиран профил да ја платат сметката за помалку од 10 секунди. Компанијата во моментов има 51.800 корисници, регистрирани за плаќање сметки онлајн.

Веб страната на претпријатието и мобилната апликација за Android и IOS нудат одлично корисничко искуство за секој корисник и неколкукратно ја олеснуваат секојдневната комуникација помеѓу корисниците и претпријатието. Преку постојано прилагодување на потребите на корисниците, опцијата за онлајн плаќање на сметките, внесување состојба на водомер (со што се избегнуваат чести посети од инкасатори), пријава на дефект, испраќање на известувања за навремени интервенции од страна на компанијата и други можности кои се повеќе се користат од страна на потрошувачите секојдневно работиме за да бидеме поблиску до нив, а целата активност да можат да ја комплетираат од својот удобен дом или работното место. Сите овие новитети придонесоа значително да се зголеми користењето на дигиталните канали.

Во текот на 2020 година растот на бројот и вредноста на трансакциите кои се однесуваат на платени сметки онлајн изнесуваше 145% во бројот на трансакции, односно 177% кај вредноста на трансакциите. Во текот на 2021 година, од почетокот на годината до денес, ЈП Водовод и Канализација Скопје има остварено 371.750 примени наплати онлајн, со што е реализиран промет од 306 милиони денари.

Извор: Гостински текст на Стефан Вангелски, Советник на директор за финансиски прашања во JП Водовод и канализација