[Интервју] Зоран Стојчевски, Нетцетера: Македонскиот е-купувач заслужува да ги има истите можности како и е-купувачите од било која друга европска земја

Развојот на е-трговијата го зголемува и бројот на закани од онлајн измами, а во денешно време она што го очекува секој корисник е заштита на неговите податоци со високо ниво на автентикација, леснотија и брзина при дигиталното плаќање со загарантирана безбедност. За одредени проблеми со кои се среќаваат трговците,како и за најголемите приоритети за решавање со цел подобрување на процесите кои ги носи е-трговијата, разговараме со Зоран Стојчевски, одговорен за дигиталните финансии во Југоисточна Европа за Нетцетера, компанија која веќе 25 години успешно работи на дигитални решенија зааедно со звучни имиња од светот на онлајн плаќањето.

AETM: Netcetera ја познаваме како компанија со целосно дигитализирани процеси; како ова се одрази во време на светската КОВИД пандемија за вас во вашата компанија, но и во процесите на опслужување на вашите клиенти?

Зоран Стојчевски: Компаниите кои се родени како дигитални се под постојан притисок. Иновацијата е нешто што се подразбира и очекува од нивна страна, а технологијата е клучна за раст и развој. Пандемијата за нас беше вистински тест. Иако тоа не е секојдневна промена, Нетцетера се справи прилично едноставно и подготвено со SAFe Agile пристапот кој одамна го негуваме. Увидовме дека лесниот премин од канцеларија до работа во домот за сите наши вработени чија бројка расте постојано, одржувањето на беспрекорната комуникација со клиентите и ширењето на нови пазари е она кое не издвои од многу други играчи во нашата индустрија. Ја зацврстивме врската со клиентите, како сигурен партнер со 24/7 поддршка, надополнета со 25 годишно искуство во развој на дигитални решенија. 

Нашата цел е да им овозможиме на нашите клиенти да ја реорганизираат нивната иднина преку моќта на технологијата и дигиталните решенија. 

Со партнери и клиенти како што се Mastercard и Visa, Netflix, Paypal, Hanseatic bank, или пак Revolut, не постои простор за грешки. Потребен е врв во професионализмот, брзина во работењето и реагирање на потребите на клиентот, како и експертиза која веќе го има освоено 99% од регионот на Германија, Австрија и Швајцарија

АЕТМ: Што според вас треба да биде најголем приоретите за решавање/надминување, со цел да се подобрат процесите кои ги носи е-трговијата?      

Зоран Стојчевски: Измамите! Секако не е нов тренд, но со почетокот на пандемијата и растот на бројот на онлајн трансакции, значително се зголемија заканите од онлајн измами и начинот на кој се реализираат.

Заедничка обврска на сите во оваа индустрија, како на банките, така и на трговците е изнаоѓање на начини за минимизирање на измамите. Токму во таа насока се и последните стандарди за процесирање на дигитални плаќања и SCA (Strong Customer Authentication). Според последните податоци (од страна на оператори на платежни картички) се потврдува намалена стапка на успешни обиди за измами, но од друга страна се креира различен проблем – усложнета автентикација на сопственикот на платежната картичка што доведува купувачот да се откаже од завршување на онлајн нарачката. 

Мора да се има во предвид дека е неопходна употребата на иновативни и високо квалитетни технолошки решенија и експертиза за остварување на бизнис целите.

АЕТМ: Како компанија која веќе 25 години работите на креирање на дигитални решенија, што сметате дека е најпотребно да знае денешниот е-трговец при избор на дигитални решенија за неговиот бизнис?    

Зоран Стојчевски: Целта на секој трговец е да оствари продажба, и да добие лојален корисник. Но, тоа не зависи само од квалитетот на продуктот кој тој го нуди, туку од целото корисничко искуство. Од моментот кога корисникот ќе дојде на вашата веб страна или мобилна апликација, се додека го добие она за кое платил. 

Плаќањето на продуктот е еден од најважните процеси каде корисникот очекува лесен, едноставен и брз начин за да дојде до она што му е потребно. Токму тука настапува Нетцетера – со решенија кои стојат зад секоја безбедна и едноставна трансакција, на страната на банките, но и на трговците. 

АЕТМ: Какви иновации и решенија се нудат на пазарот со цел да се подобри работата на е-трговците преку онлајн плаќањата?

Зоран Стојчевски: Токенизацијата е револуционерен начин за да се подобри крајното корисничко искуство. Решенијата кои ги нудиме им помагаат на трговците да поработат на својот имиџ, да ги вратат назад корисниците, да го намалат процентот на напуштени и нереализирани трансакции и да ги зголемат електронските плаќања во своја полза. 

Заштитата на личните податоци беше ставена под знак прашање кога станува збор за користење на систем за електронско плаќање. Трансакциите овозможија транспарентност како никогаш претходно. Но, токенизацијата влијаеше да се смени таквиот поглед. Пример за тоа се делегираната автентикација на страна на трговецот или eCom token конектор. Заштитата на податоците преку замена на бројот на картичките со единствен кориснички токен е нешто кое Нетцетера го нуди одамна и се покажа како докажано решение кога станува збор за безбедност во Европа. Всушност, водечки начин на плаќање на европскиот пазар е дигиталниот новчаник. 

Македонскиот корисник заслужува да ги има истите можности кога станува збор за дигитални решенија и пристап до услуги и продукти, исто како и корисникот од било која друга европска земја.

АЕТМ: Може ли да споделите дел од вашето портфолио на дигитални продукти? Што е тоа што им нудите на вашите потрошувачи и зошто сметате дека изборот треба да бидат токму вашите решенија?

Зоран Стојчевски: Сигурен сум дека е-трговците добро се запознаваат со пазарната понуда и согласно своите потреби и можности го прават својот избор. Ја знаеме приказната за швајцарскиот часовник, за колата со германски мотор и италијански дизајн. Или избор на кола со 500 коњски сили тестирана многукратно пред пуштање на пазар, споредбено со послаб мотор без соодветна тест фаза. Сепак, паралелава можеби не е до крај соодветна затоа што купувањето кола е и желба, сон, а во нашиот случај станува збор за инвестиција. Секогаш постои ризик, прашање е колку некој е подготвен да инвестира во елиминирање на тој ризик, во сигурноста и развојот на сопствениот бизнис. 

Портфолиото на Нетцетера е направено да одговори на потребите и на банките и на трговците, без разлика дали станува збор за мал или голем играч на пазарот, нудиме решенија согласно светските стандарди и регулативи, и секогаш адаптирани на специфичната индустрија или локален пазар.

АЕТМ: За крај, ја користите ли е-трговијата? Што е она што последно го купивте онлајн и какво беше вашето искуство?

Зоран Стојчевски: За жал не доволно или не до степен кој би сакал да ја користам е-трговијата. Можеби тоа се должи пред се на начинот како се интегрирани начините за достава на купените производи, а не толку на модулите/начините на плаќање (со исклучок на два-три исклучиво онлајн трговци кои имаат одлично корисничко искуство, како при самиот процес на пазарување, така и при самата достава). Имаме детектирано одредени слабости на страна на автентикацијата на купувачите, кои заедно со трговците моментално се обидуваме да ги надминеме преку соодветни решенија. Со тоа би сакале да допринесеме за подобрување и зголемување на обемот на е-трговија во Македонија.

И за крај, последно онлајн купување беше картата за овогодинешната eCommerce конференција 😊.