[Интервју] Владимир Вецовски, РЗ Инфомедиа: Бизнисите кои на време ќе ја разберат потребата од дигитализација на нивните бизнис процеси ќе успеат да преживеат и да растат

Во кратко интервју Владимир Вецовски кој е основач на РЗ Инфомедиа ни кажува нешто повеќе за InOne.mk, платформата која ги содржи сите алатки за онлајн маркетинг и онлајн продажба, за важноста на дигитализацијата на бизнисите и работата на РЗ Инфомедиа иInOne.mk за време на глобалната пандемија.

АЕТМ: Што е InOne.mk? Од кога постои во Македонија и  како компаниите во Македонија го прифаќаат ова решение? Дали можете да ни кажете нешто повеќе за апликацијата и нејзиното функционирање?

Владимир Вецовски: Мој личен став е дека парите кои ги носи продажбата за секоја фирма се како крв за организмот. Ако искрвавите, ќе умрете. Ако нема продажба, нема пари, фирмата умира.

Идејата за воведување на InOne во Македонија произлезе од фактот дека во поразвиените земји фирмите масовно користат слични платформи за да комуницираат со пазарот и ја растат својата продажба. 

InOne е целосно решение, платформа која ги содржи сите алатки за онлајн маркетинг и онлајн продажба потребни за современо работење на малите и средни фирми. 

На платформата градиме современа веб страна за фирмата (со или без онлајн продавница), чија главна задача е да го “трансформира” посетителот во клиент. Добра веб страна е основа на онлајн присуство за секоја сериозна фирма. Дополнително, секој клиент добива алатки за менаџирање на своите профили на социјалните медиуми, систем за управување со контакти, за праќање на имејли. 

Клиентот работи преку една платформа, со едно корисничко име, на деск топ или преку мобилна апликација. Нашиот тим обезбедува дизајн на веб страницата, нејзино одржување, комплетна обука и поддршка на фирмите за користење на платформата.

InOne е проект на тимот на Златна книга. Софтверот е израелски, СааС базиран, има илјадници фирми корисници од сите континенти на светот, а производот е комплетно прилагоден на потребите и нивото на знаење на домашните компании. Во минатите 2 години повеќе од 60 македонски компании станаа корисници на InOne: https://inone.mk/portfolio

Од минатиот ноември InOne е дел од портфолиото на дигитални услуги на Македонски Телеком и постои можност да се плаќа на месечни рати, преку телефонска сметка.

АЕТМ: Од вашиот веб сајт можеме да забележиме дека нудите три различни пакети со дигитални маркетинг услуги: Start, Professional и Premium. Кои се услугите кои спаѓаат во овие пакети и како една компанија може да донесе одлука за тоа кој пакет најмногу и одговара? Ако треба да препорачате некој од овие пакети за ваш клиент кој е нов на пазарот, што би препорачале?

Владимир Вецовски: Пакетите зависат од комплексноста на сајтот и другите модули кои му стојат на располагање на клиентот, како и нивото на поддршка кое го добива од нас. Најчесто правиме интервју на кое заедно со клиентот носиме одлука кој пакет му е потребен, за каква намена му е веб страницата и кој темплејт најмногу одговара на неговите потреби.

Ние ја дизајнираме веб страницата, ги подесуваме календарите и системот за резервации согласно бизнис процесите на клиентот за му го олесни работењето и ја зголемиме продуктивноста. Доколку клиентот нема, му отвораме Google my business профил и профил на уште некоја социјална мрежа и ги поврзуваме со платформата. Потоа следи обука за сите алатки кои ги добива во пакетот. 

Најважно е фирмата да почне да работи на платформата. Најпрво треба да ги внесе контактите од своите постојни клиенти, и да го прати првиот имејл. Потоа, клиентот сам да си ја одржува содржината на својата веб страницата.

Ги советуваме нашите клиенти да почнат со една активност и потоа до додадат следна. Дигиталниот маркетинг не е баук и секоја фирма може основните работи сама да си ги води, како што секој си го води својот профил на социјална мрежа.    

АЕТМ:Сведоци сме дека COVID-19 пандемијата ги разбуди бизнисите за процесот на дигитализација и колку истиот е важен во денешно време за опстојување на бизнисот. Дали преку InOne.mk нова компанија може да ги добие сите услуги за дигитално претставување на бизнисот, вклучувајќи и е-продавница? Што е потребно и какви се процедурите за да може да се креира е-продавница на InOne.mk? 

Владимир Вецовски: Според теоријата на Чарлс Дарвин, не преживуваат видовите кои се најснажни ниту оние кои се нај интелигентни, туку оние кои најдобро се прилагодуваат на промените во  нивната околина. 

Така е и со бизнисите, оние кои на време ќе ја разберат потребата од дигитализација на нивните бизнис процеси и ќе почнат да користат модерни алатки за дигитален маркетинг и продажбата ќе успеат да преживеат и да растат. 

Дигитализацијата е процес кој трае, не се случува преку ноќ. Најпрвин сопственикот на бизнисот е потребно да разбере дека процесот е неизбежен, потоа да инвестира во софтвер и обуки.  

Во пракса ова значи дека лекарските ординации треба да овозможат пациентите да закажат преглед онлајн, трговските фирми кои работат на големо да креираат онлајн каталог каде лесно може на се постави прашање за одреден производ или услуга и веднаш да одговорат, а оние кои работат малопродажба да отворат е-продавница кој редовно ќе ја одржуваат.   

Отворање на е-продавница е само една од фукционалностите на платформата, трошокот е минимален и се реализира многу едноставно, за 2-3 дена. Направивме интеграцијата со платежниот процесор CaЅys за плаќања со платежна картичка. 

Минатиот октомври потпишавме договор за соработка со Уни банка, и секој фирмата кој ќе отвори сметка во банката, добива попуст од 140 ЕВРА во првата година од отварање на онлајн продавницата. 

АЕТМ: Каква беше 2020 за InOne.mk и Р3 Инфомедиа? Може ли да ни направите паралела на вашиот работен интензитет сега и пред пандемијата? Што се случуваше во изминатите неколку месеци? Дали бројот на вашите клиенти за време на пандемјата се зголеми? 

Владимир Вецовски: 2020-та беше тешка година за работа. Приоритет ни беше да го одржиме бизнисот и да им помогнеме на нашите 1,200 постојни клиенти полесно да ги пребродат предизвиците кои ги донесе кризата. 

За жал дел од фирмите, нарочно од секторите кои беа најтешко погодени ги изгубивме. Но добивме и нови клиенти кои изникнаа во кризата. 

Преку различни услуги на www.zk.mk, www.marketkonekt.com и www.inone.mk можеме за фирми од различна големина и индустрија да креираме пакет услуги кои ќе им помогнат да се претстават на интернет и да започнат со онлајн трговија или онлајн продажба.

Плановите ни се годинава да добиеме уште најмалку 200 нови корисници на InOne.

АЕТМ: За која маркетинг техника сметате дека е најважна за опстанок на една фирма и задржување на своите веќе придобиени клиенти? Според вас, која социјална мрежа овозможува најдобар простор за промоција на еден бизнис?

Владимир Вецовски: Сите маркетинг активности кои се базираат на концепт и идеа, и на кои се работи упорно и долгорочно даваат резултат. 

Секако дека работата со постојните клиенти има апсолутен приоритет – многу е поскапо да се донесе нов клиент, отколку да се задржи постојниот. 

Поради тоа верувам дека развој на сопствена веб страница која генерира сопствени клиенти, кои ги знаеме по име и презиме, за кои знаеме интереси и купувачки навики е концепт кој е апсолутно неопходен за секој бизнис кој планира уште долго да работи и да расте.

Изборот на социјална мрежа која треба да се користи најмногу зависи од тоа што се промовира – Facebook за широка потрошувачка и различни целни групи, Linkedin за бизнис услуги. Важно е и маркетинг активностите на социјалните мрежи да се испланирани и да се работат континуирано за да дадат резултат.    

АЕТМ: За крај, што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои се уште (ако има такви) не го искусиле онлајн пазарувањето?

Владимир Вецовски: Последно купив одличен кашкавал од мала веб продавница која нуди домашни производи од домашни производители. Сметам дека е добро да ги поддржиме малите производители кои воведуваат модерни начини на работење и кои се трудат да креираат свој бренд.

Лично, не сум љубител на купување на работи онлајн само заради тоа што се на попуст, или од досада. Магичното црево кое го купив преку интернет се распадна после 2-3 користења. Сметам дека со купување на вакви производи само ја загадуваме планетава.

На тие кои се уште не направиле онлајн трансакција им порачувам дека мора да се отворени за нови искуства. Има доза на возбуда кога го отпакувате тоа што сте го нарачале онлајн.