Новости од е-трговија

Интервју со Нина Ангеловска Станков за серијалот „Што ја одбележа 2024, а што нè очекува во 2025?“ во е-трговијата

Нашата претседателка Нина Ангеловска Станков, заедно со Драган Јосифовски, основач на Paket.mk и член на нашата асоцијација, низ интервју ни откриваат „Што ја одбележа 2024, а што нè очекува во 2025?“ во е-трговијата. Ова е дел од серијалот воден од IT.mk, каде што се анализираат клучните трендови и иновации во секторот, како и предизвиците и можностите што го дефинираат развојот на дигиталната економија во Македонија.

Оценка на електронската трговија во Македонија во 2024?

Е-трговијата во Македонија забележува забележителен раст и во 2024 година. Најновите податоци на Државниот завод за статистика покажуваат остварен раст од 10 процентни поена во последните 12 месеци во споредба со истиот период минатата година, односно 63.5% од интернет корисниците направиле онлајн нарачки. Македонците како и во минатите години, најмногу купувале облека, вклучително и спортска опрема или 74.3% наспроти 72.1% во 2023 година. Позитивно е што се забележува порастот на онлајн нарачки кај повеќе категории и тоа: спортска опрема 25.6% наспроти 23.1% минатата година; мебел, додатоци за домот или производи за градинарство (12.2% наспроти 10.8%), компјутери, таблети, мобилни телефони или додатоци (12.8% наспроти 6.2%), козметика, производи за убавина или велнес (22.4% наспроти 13.5% ), храна или пијалаци од продавници (7.5% наспроти 4.1%), испораки од ресторани, брза храна, угостителски услуги (14.4% наспроти 8.9%), медицина или додатоци во исхраната како што се витамини (7.6% наспроти 4.6%).

Позитивно е што забележуваме значајно раздвижување во целиот екосистем на е-трговија, како во зголемување на понудата преку отворањето на нови продавници и влез на големи интернационални играчи така и кај придружните сектори како што е доставата која е всушност еден од главните предизвици на е-трговците. Ако до сега единствен достапен начин на достава на производите беше до врата (home delivery), од неодамна започна поставувањето на пакетомати, кое го најавуваат како услуга повеќе компании, што ќе придонесе за развивање на out-of-home delivery мрежата.  

Што се однесува до вредноста, според податоците на Народната банка на Република Северна Македонија, во првата половина на 2024 година, вкупната вредност на онлајн трансакциите кон интернет продавниците изнесува 339.8 милиони евра. Од оваа сума, 210.2 милиони евра или 61.8% се реализирани кај македонски е-трговци, од кои 193.1 милиони евра (56.8%) се од домашни и 17.1 милиони евра (5%) се од странски иматели на платежни картички. Оваа година Народната банка направи измени во методологијата, па сега во извештаите за платежна статистика се додадени и повторливите трансакции (reccurring payments). Во првата половина на 2024 нивната вредност кон домашните е-трговци изнесувала само само 53.7 илјади евра, што претставува мал дел од вкупната вредност. 

Што треба да се направи за да се натераат луѓето во Македонија да купуваат и плаќаат онлајн? Дали е реално очекување да се намали плаќањето при достава?

Краток одговор би бил – едукација, едукација, едукација со паралелено стимулирање на плаќањата со картичка и дестимулирање на плаќањата со готовина, или народски кажано ‘морков и стап’.  Првиот чекор е адресирање на основните предизвици како што се ниските дигитални вештини и ограниченото користење на платежни картички, што е поврзано со ниската финансиска писменост. Многу луѓе сè уште немаат доволно знаење за безбедно користење на интернетот или за процесите на онлајн купување, што ги одвраќа од ваквите активности. Последните податоци на Евростат (2021) покажуваат дека во Македонија процентот на поединци со основно или над основно ниво на дигитални вештини е 34.6% и е значително помал од европскиот просек од 53,9%. Македонија е подобра само од Бугарија, Турција, Косово и Албанија (Извештај за е-трговија во Западен Балкан, 2024). Исто така, финансиската писменост игра важна улога. Ограниченото користење на платежни картички и ниското познавање на електронското банкарство го спречуваат преминот кон онлајн плаќања. Податоците на Светска банка (2021) покажуваат дека само 43% од имателите на кредитни и дебитни платежни картички истите и ги употребиле, за разлика од развиените европски земји каде тоа изнесува над 90%  (Извештај  за е-трговија во Западен Балкан, 2024). Од тука, плаќањето со готовина при достава, останува доминантен метод на плаќање во Македонија. Оваа практика е резултат на ниската доверба – од една страна во онлајн плаќањата, а од друга страна и недоверба дека ќе го добијат производот и долгогодишните навики на потрошувачите.

Истражувањата покажуваат дека попустите и промоциите се важни мотиватори за првото онлајн купување, особено за потрошувачи кои се скептични или неинформирани. Кампањите зa дигитална едукација, како и обучување за користење на картички и дигитални платежни решенија, исто така можат да помогнат во зголемување на довербата во онлајн плаќањата. Влезот на новите регионални и меѓународни е-трговци ја зголемува онлајн понудата и со различни промотивни акции придонесува за зголемување на бројот на онлајн корисници. Овие е трговцивлијаат и на зголемувањето на бројот на корисници кои плаќаат онлајн, заради тоа што, кај дел од нив, како единствен начин на плаќање се нуди плаќање со картичка. За плаќање со картичка се заинтересирани и домашните е-трговци. Според спроведената анкета за плаќање и предизвиците со кои се соочуваат е-трговците од Западен Балкан во септември 2024 година, како дел од Извештајот за е-трговија во Западен Балкан, поддржан од НЛБ групацијата, 63.5% од е трговците сакаат да го заменат плаќањето со готовина со картичка, 45% од анкетираните е-трговци дури и прават кампањи самстојнo или со поддршка на картичните организации Виза и Мастеркард. Сепак, 82.5% од потрошувачите сè уште претпочитаат плаќање при достава, најчесто поради недоверба и културолошки навики. 

Очекуваме долгогодишните навики и доминацијата на плаќање со готовина при достава да се намалуваат од година во година, поттикнати со попусти за дигитални плаќања и кампањи за зголемување на довербата во онлајн трансакциите. Останува да работиме холистички со сите засегнати страни и да видиме колку брзо ќе се намалува уделот на плаќањата во готово и за колку брзо плаќањето со картички ќе стане норма како во развиените земји бидејќи ова е од особена важност за намалување на сивата економија, како еден од главните предизвици на е-трговците во Македонија, како и на Балканот.

Дали забележавте некои значајни промени во навиките на потрошувачите оваа година?

Според податоците на Државниот завод за статистика, во 2024 година се зголемува процентот на интернет корисници кое достигнаа 91.2% (од население на возраст од 15-74 години) наспроти 85.3% минатата година. Иако забележуваме раст во % на интернет кориснции кој купува онлајн, сепак останува дека Македонците најмногу го користат интернетот за комуникација и социјални мрежи. Имено, за телефонирање и видео повици го користеле 94.6% од интернет корисниците, што претставува зголемување спрема 89.2% во 2023 година. Користењето инстант пораки (WhatsApp, Viber), исто така е зголемено на 87.6%, во однос на 75.2% минатата година. Социјалните мрежи продолжуваат да бидат доминантни, со 84.2% од интернет корисниците кои учествуваат во нив, што е значително повеќе од 76.9% минатата година. Намалување на користењето на интернетот има за информации поврзани со здравјето, кое паднало на 55.5% од интернет корисниците во 2024 година, спрема 67.7% минатата година. 

Една од најзначајните промени во навиките на корисниците е зголеменото барање информации за производи и услуги онлајн, односно 72.5% од интернет корисниците, во споредба со 54.2% минатата година. Исто така, позитивно е што се зголемени активностите како праќање/примање електронска пошта (53.2% во споредба со 44% минатата година), учество во продажба на производи или услуги (13.7% во споредба со 6.8% минатата година), како и користење на интернет банкарство (40% во споредба со 32.8% минатата година). Овие податоци укажуваат на значителна промена во навиките на интернет корисниците и зголемена активност на дигиталните платформи во 2024 година.

Што очекувате да биде најголемиот предизвик за електронската трговија во 2025? 

Во главно веќе неколку години е-трговијата се соочува со истите предизвици. Како дел од Извештајот за е-трговија во Западен Балкан кој го изработивме оваа година со поддршка на НЛБ спроведовме анкета на е-трговците од Западен Балкан. Резултатите покажаа дека предизвиците на е-трговците од Западен Балкан се скоро исти за сите. Најголем предизвик претставува доставата и тоа проблемите со брзината на достава, високите цени, доверливоста на курирските услуги, ограничените опции за достава како и ниското ниво на професионалност на кадарот на доставувачи (оценета со 3.92 за регионот, додека македонските е-трговци го оценија уште повисоко со 4.55 на скала од 1 до 5). Нелојалната конкуренција предизвикана од сивата економија е вториот значаен предизвик, која најчесто се манифестира преку продажба на социјални медиуми од нерегистрирани продавачи. Понатаму, предизвиците со плаќањето се рангирани на трето место, и тоа недостатокот на платежни методи, високите банкарски провизии и потешкотиите со интеграции на платежните сервиси со е-продавниците. Човечките ресурси, потешкотиите во наоѓање и задржување квалификуван кадар, исто така претставуваат предизвик за е-трговците.

Што може да се очекува во е-трговијата во Македонија во 2025?

Во 2025 година, секако очекуваме растот да продолжи, а со какво темпо во голема мера ќе зависи од напорите и активностите кои ќе бидат реализирани од сите, од е-трговците, институциите, банките, компаниите за достава и другите засегнати страни. Понудата и отворањето на нови е продавници очекуваме да продолжи, а растот на маркетплејс платформите како Ананас да биде се повеќе забележано од страна на најразлични компании во малопродажбата кои ќе ги понудат своите производи онлајн. Дополнително, диверзификацијата на понудата ќе придонесат да се зголеми конкуренцијата, а со различни промотивни акции да се зголеми привлечноста на онлајн купувањето. Очекуваме навиките на купувачите да еволуираат и нивните очекување се повеќе да растат што ќе направи дополнителен ‘пуш’ на е-продавачите и придружните сектори како доставата да го унапредуваат своето работење. 

Очекуваме дека се позначајна улога ќе зема е-трговијата како дел од дигиталната економија и кај владините иснтитуции кои ќе преземаат мерки за адресирање на бројните предизвици со цел креирање на поповолна клима за забрзан раст и развој. Воедно се очекува отпочеток на нови проекти од страна на меѓународните развојни организации во кој е-трговијата ќе има значајно место, па со холистички пристап на крајот на оваа година гледаме на 2025 оптимистично и веруваме дека ќе успееме веќе од следната година да зборуваме за нови предизвици, односно малку ‘пософистицирани проблеми’ од сегашните. Иако предизвиците остануваат, позитивните трендови и зголемената дигитализација сугерираат натамошен развој на е-трговијата.

Целото интервју може да го прочитате на IT.mk.

Поврзани содржини