[ИНТЕРВЈУ] Милкица Ѓеринска, Пивара Скопје: За да се одговори на новите пазарни трендови, неопходно е сите во екосистемот на е-трговијата да се адаптираат на променетите навики и потреби на потрошувачите

  • Е-трговијата е најбрзорастечки канал за продажба со најголем потенцијал за натамошен раст
  • Наша примарна задача е да учиме од тоа што ни го кажува пазарот и потрошувачите, да ја адаптираме нашата стратегија и да најдеме нови иновативни начини како на најдобар и најбрз начин да им го предложиме и да го исполниме токму тоа што го сакаат потрошувачите     
  • Клучот на успехот во е-трговијата е во креирањето на долгорочни ефективни партнерства помеѓу големите компании, како Пивара Скопје, кои располагаат со силни брендови, значајни ресурси, знаење и стратегија, и е-продавниците чија силна страна е агилноста и можноста за брза адаптација и имплементација на новите пазарни трендови       

АЕТМ: На 11 ноември се одржува 5-тата годишна Конференција за е-трговија под мотото „E-COMMERCE: ACCELERATE!” која оваа година има и регионален карактер. Кои се вашите очекувања од годишената конференција? Што сметате дека е неопходно да се реализира кога е во прашање е-трговијата за да дојде до нејзино забрзување на локално и на регионално ниво?

Милкица Ѓеринска: Како компанијата која во најголем дел го темели својот одржлив развој на иновации во сите сегменти на своето работење, почнувајќи од производството, па сѐ до маркетингот и продажбата, Пивара Скопје со големо внимание ги следи глобалните трендови во развојот на дигиталните технологии и се обидува соодветно да ги вклопи во своето работење и својот развоен бизнис модел. Една од областите која во изминатиот период навистина доживеа глобална експанзија е токму е-трговијата која прерасна во најбрзорастечки канал за продажба и истовремено располага со најголем потенцијал за натамошен развој. Но, за да се ослободи тој потенцијал и соодветно да се активира, особено на помалите пазари, каков што е пазарот на нашата земја, неопходно е сите субјекти кои се инволвирани и оние кои допрва ќе почнат да делуваат во екосистемот на е-трговијата, да го дадат својот придонес за неговиот натамошен развој.  Оттаму, ние како компанија, свесни за нашата лидерска позиција на пазарот и во останатите сегменти кои имаат влијание врз одржливиот развој, сме особено горди што сме дел од активностите што се спроведуваат преку Асоцијацијата за е-трговија, чија цел е креирање поволна клима која ќе овозможи забрзување на растот и развој на е-трговијата во земјава. Многу значајна улога во исполнување на ваквата цел има токму оваа конференција која и оваа година на едно место собира импозантен број експерти и практичари од областа кои со своето знаење и искуство навистина можат да им помогнат на бизнисите да ги унапредат своите модели и практики во овој сегмент. Истовремено, оваа конференција значајно придонесува за позиционирањето на е-трговијата кај потрошувачите и пошироката јавност, што исто така има големо значење за нејзиниот натамошен развој. 

АЕТМ: Пивара Скопје, како дел од моќни глобални корпорации и носители на брендови кои се глобални лидери, ги следи промените кај потрошувачите „од првиот ред“. Што велат информациите што ги имате, колку се брзи овие промени, колкав импакт имаат на бизнисите, што е она на што треба да обрнеме внимание, а што вие веројатно веќе сте го евидентирале.

Милкица Ѓеринска: Да се биде дел од моќни групации како Coca-Cola HBC и HEINEKEN за Пивара Скопје е голема привилегија, но истовремено и огромна можност, затоа што овие глобални системи располагаат со огромен обем на знаење, експертиза, ресурси и секако стратегија која ја ставаат во функција на развојот на секоја компанија–членка на овие групации и на секој поединечен пазар каде тие делуваат. Во основата на оваа стратегија е крајниот потрошувач, неговите навики и потреби. Истражувањата кои редовно се прават, особено на развиените пазари, прецизно ги детектираат трендовите. Тие покажуваат дека кога се работи за е-трговијата потрошувачите сакаат и очекуваат да добијат повеќе, да имаат поголем и разноврстен избор и да ја добијат својата нарачка во најкраток можен временски рок. Оттаму нашата примарна задача е да учиме од тоа што ни го кажува пазарот и потрошувачите, да ја адаптираме нашата стратегија и да најдеме нови иновативни начини како, користејќи современи дигитални технолошки решенија, на најдобар и најбрз начин да им го предложиме и понудиме, а потоа и да им го овозможиме, односно испорачаме токму тоа што им е потребно и што го сакаат потрошувачите.       

АЕТМ: Вие сте дел од тимот на Coca-Cola HBC задолжен за креирање и адаптирање на стратегијата за е-трговија заедно со останаите членки. Која е вашата задача во овој тим и какви придобивки од неговата работа може да се очекуваат за локалниот развој на е-трговијата?    

Милкица Ѓеринска: Како одговорна за развојот на сегментот на е-трговија во Пивара Скопје, јас активно партиципирам во тимот кој функционира во рамките на Coca-Cola HBC со задача да креира и постојано да ја надградува групациската стратегија за поддршка на развојот на дигитални технологии и нивно ставање во функција на севкупното работење на групацијата, вклучувајќи ја секако и продажбата. Мојот придонес во работата на овој тим е во делот на прилагодување на оваа стратегија на приликите и потребите на локалниот пазар, што секако има големо значење за нејзината ефикасна имплементација. Истовремено јас сум фокусирана на тоа да ги осознаам и издвојам најдобрите практики и решенија кои се веќе се применуваат на останатите развиени пазари од регионот и пошироко што се дел од оваа стратегија, кои истовремено одговараат на локалните специфики, и да овозможам тие да се трансферираат и имплементираат во Пивара Скопје, со што ќе се овозможи побрза и поефикасна дигитализација на процесите и севкупен раст и развој на компанијата. Инаку, е-трговијата е област која се соочува со големи и брзи промени, така што работата на овој тим е исклучително динамична. 

АЕТМ: Кога станува збор за прилагодување на промените на пазарот и потрошувачките навики, обично големите корпорации имаат предност во делот на ресурсите, а стартапите имаат предност поради можноста побрзо и поагилно да пивотираат и да имплементираат нови стратегии. Рековте дека промените се навистина брзи, па би прашал што прават големите производители  и корпорации во овој дел за да си овозможат побрз одговор на промените? 

Милкица Ѓеринска: Сосема сте во право, за да се одговори на новите пазарни трендови, неопходно е сите оние што го сочинуваат синџирот преку кој производот доаѓа до крајниот потрошувач да се адаптираат на  променетите навики и потреби на потрошувачите. Ние во Пивара Скопје го увидовме тоа и затоа започнавме темелно да го менуваме пристапот и начинот на размислување, воведувајќи промени во целокупното работење кои ни овозможија да бидеме партнер од доверба на нашите купувачи, што значи партнер кој  може во секое време, 24 часа, 365 дена во годината, да гарантира достапност на нашето портфолио на пијалаци на пазарот.Значи клучот на успехот е во креирањето на долгорочни ефективни партнерства помеѓу големите компании, кои располагаат со силни брендови, значајни ресурси, знаење и стратегија, и купувачите кои во случајов се е-продавниците, чија силна страна е агилноста и можноста за брза адаптација и имплементација на новите пазарни трендови. 

АЕТМ: Какава улога има Пивара Скопје во оваа трансформација и во забрзувањето на развојот на е-трговијата во нашата земја? 

Милкица Ѓеринска: Како лидер на домашниот пазар на пијалаци и дел од најголемите глобални корпорации во овој сегмент, Пивара Скопје несомнено ја има улогата на driver, односно поттикнувач и двигател на развојот на дел од екосистемот на е-трговијата во нашата земја. Ваквата улога е многу логична и очекувана ако се знае дека нашиот пазар е многу мал за да може да ги предвидува, туку мора сите ние што работиме на него да бидеме подготвени да се прилагодиме на новите трендови кои се наметнуваат со голема брзина. За да забрза тоа прилагодување, Пивара Скопје  вложува значајни ресурси и know-how и истите им ги става на располагање на своите партнери-купувачи од секторот на е-трговијата во нашата земја, преку различни форми и алатки за поддршка. Им помагаме со тоа што креираме дигитални маркетинг кампањи на нашите канали и социјални мрежи преку кои ги информараме нашите за понудите кој што се достапни на е-продавниците на нашите бизнис парнтери.  Дополнително им помагаме и при креирање на нивната продажна стратегија за следниот период, како и во дополнување на нивната постоечка понуда со избор од наши брендови, согласно на искуството, почитувајќи ѓи и преференците на потрошувачите. 

АЕТМ: Компаниите за брза достава на храна и пијалоци станаа мошне популарни, особено во периодот на пандемијата, а се чини дека тој тренд продолжува и во пост-пандемискиот период? Според вашите сознанија, дали се работи за моментален тренд или за нешто подолгорочно?  

Милкица Ѓеринска: Е-трговијата како продажен канал доби особено значење за време на пандемијата, затоа што таа им овозможи на потрошувачите на лесен и безбеден начин да дојдат до посакуваните производи и услуги кои не им беа достапни поради воспоставените рестрикции и ограничениот пристап до физичките продажни места, како што се продавниците и угостителските објекти. Но, потрошувачите брзо ги увидоа предностите и удобноста што ја нуди купувањето преку интернет, особено на прехранбени и друг вид производи за секојдневна употреба, каде секако спаѓаат и пијалаците, што овозможи овој тренд на купување да продолжи и да добива се поголем замав, добивајќи се повеќе карактеристики на еден нов концепт нарачен Q-commerce или Quick commerce (Брзо купување). При тоа, брзината на испораката на купените производи од страна на добавувачите е основата на која се темели овој концепт на е-трговија кој според сите показатели зема се поголем замав и слободно може да се нарече дека е следната генерација во развојот на е-трговијата во нашата земја.

АЕТМ: Платформите како Glovo, Wolt и други кои сѐ повеќе се шират и стекнуваат голема популарност и во нашиот регион? Каква е ситуацијата на ова поле кај нас?

Милкица Ѓеринска: На глобално ниво веќе успешно работат е-компании и добавувачи кои гарантираат испорака на производи за секојдневна употреба, како што се на пример одредени основни прехранбени производи, храна, пијалаци и слично, нарачи преку е-продавница за 20-тина минути, што секако одговара на навиките и потребите на потрошувачите брзо и без поголем напор да дојдат до своите посакувани кои многу често се дел од нивниот секојдневен живот. Некои од овие глобални компании кои се носители на Q-commerce концептот, а кои ги споменувате во вашето прашање, се активни и во нашиот регион, што е показател дека новите трендови во е-трговијата нема да ја заобиколат и нашата земја. Се разбира, пред сите нас кои сме дел од екосистемот на е-трговија во нашата земја ни претстои уште многу работа за да се доближиме до нивото на развиените пазари, но едно е сигурно, сите треба да работиме на тоа да креираме ефективни стратегии и иновативни начини и решенија кои ќе ги задоволат потребите на потрошувачите, следејќи ги и анализирајќи ги нивните навики. На тој начин сите ние ќе придонесеме кон натамошно забрзување на е-трговијата во нашата земја, што е наша заедничка цел.