Новости од е-трговија

[ИНТЕРВЈУ] Јосиф од FitKit: Стандардите и правилата се клучни за фер е-трговија

Во интервју со Јосиф Дамјанов, ко-основач на компанијата FitKit, долгогодишен член и верификуван е-трговец, зборуваме за неискористениот потенцијал кој го има е-трговијата во нашата земја, како и предизвиците со кои се соочува FitKit како компанија како што се високите провизиии и недостигот на решенија поврзани со финансии кои би им ја олесниле нивната работа. Дополнително, се нагласува важноста на Беџот за верификуван е-трговец од АЕТМ кој ја зголемува довербата кај корисниците, како и тоа дека иницијативите за намалување на сивата економија се клучни за подобрување на е-трговијата во целост.

АЕТМ: FitKit e мобилна апликација за фитнес преку која корисниците имаат можност онлајн да платат една членарина која им овозможува пристап до повеќе од 1000 активности за вежбање и wellness. Како водечка мобилна апликација во е-трговијата во вашата индустрија, какво е вашето општо мислење за е-трговијата во С.Македонија и кои се најголемите предизвици со кои сè соочивте во текот на вашето пробивање на пазарот?

Јосиф од FitKit: Е-трговијата е во развој и за жал има сè уште неискористени потенцијали, не имплементирани технички решенија, но верувам дека налетот на иновативни компании и индивидуалци ќе ги забрза промените и пристапот до подобри стандарди во локалниот екосистем. Нашите и минати и сегашни предизвици се пред се високите провизии кои што ги плаќаме за трансакциите. Дополнително, со оглед дека сме посредник помеѓу корисниците и давателите на услугите, голем предизвик е немање на можност за поделба на приливите, па така за секоја реализирана трансакција најголемиот дел од тие средства директно да завршат на сметка на давателот на услугата (фитнес/спа центар), додека провизијата да остане на нашата сметка.

АЕТМ: Уникатниот систем со кредити на FitКit обезбедува рентабилно решение за компаниите кои сакаат да понудат лесно достапни фитнес и wellness бенефити за своите вработени или клиенти. Можете ли да елаборирате како функционира овој систем и кои се придобивките што ги носи и за крајните корисници, и за компаниите?

Јосиф од FitKit: Системот е многу едноставен. Имено, секој корисник (вработен во компанијата) добива одреден број на Фиткит кредити согласно буџетот што компанијата го алоцирала. Вработениот со тие кредити може да избира од понудата на мобилната апликација и притоа со секоја посета ќе потроши онолку кредити колку што вреди конкретната услуга. Така, на пример, една посета во фитнес центар може да вреди 2, 3 или 4 кредити, додека посета во спа центар може да вреди 20 кредити.

АЕТМ: FitKit се фокусира на тоа да понуди навистина разновидни активности за вежбање и welness. Кои критериуми ги користите при изборот на нови активности за вклучување во вашиот асортиман и на кој начин го осигурувате нивниот квалитет за вашите корисници?

Јосиф од FitKit: Ние не се поставуваме како авторитет што ќе избира кои услуги и активности ќе бидат прикажани на мобилната апликација. Вратата е отворена за секого и целата процедура е бесплатна. Она од што зависи дали одредени активности ќе останат на апликацијата е фер однесувањето на самите даватели, а колку истите ќе се користат зависи од квалитетот на нивните услуги. Имено, затоа и воведовме систем за оценување при што корисниците можат да оставаат рецензии и коментари за услугите што е некаков мотиватор за подобар квалитет на услугата.

АЕТМ: FitKit е една од првите компании која покрај тоа што е член на АЕТМ, веќе 3 години го поседува Беџот за верификуван е-трговец, визуелна ознака која им укажува на корисниците дека станува збор за регистриран правен субјект кој ги има поминато соодветните проверки од АЕТМ за неопходните регулативи и обврски за работењето во е-трговијата. Кое е вашето мислење за беџот за верификуван е-трговец? Зошто сметате дека е важно да се има ваков беџ кај е-трговците?

Јосиф од FitKit: Во секоја индустрија постојат стандарди и правила за фер однесување па така и во е-трговијата е важно да постојат такви стандарди и да се надоградуваат. Беџот е во моментов единствена локална ознака која што може да се постави на нашите е-продавници и со која можеме да влееме доверба кај корисниците.

AETM: Неодамна, АЕТМ ја лансираше веб-платформата ecommerce.mk/badge која има за цел да придонесе во континуираната борба за намалување на сивата економија и нерегистрираните продавачи и да ги промовира регистрираните и верификуваните е-трговци преку многубројни активности. Дали сметате дека вакви иницијатии се од особено значење за бизнисите и може да помогнат и ги едуцираат крајните купувачи за важноста да се купува од регистрирани и верификувани е-трговци, наспроти Фејсбук продавачи, а со тоа и придонесе кон подобрување на сликата за е-трговијата во целост?

Јосиф од FitKit: Сметам дека ваквите иницијативи се од значење и секако навивам да спроведете иницијатива во која што ќе се едуцираат и трговците дека сивата економија не значи поголема заработка на долг рок. Колку помалку сива понуда, толку повеќе и доверба во е-трговијата ќе имаат купувачите. За жал, во нашата култура сè уште постои за плаќање при достава иако е-продавниците се верификувани и нудат можност за онлајн плаќања.