Повеќе за дигиталните иновации во сферата на финансиите и огромниот пораст на дигитализацијата во нашата земја зборуваме со Ива Блажевска од Digital Finance.
АЕТМ: Дали можете да им кажете нешто повеќе на нашите читатели во врска со вашата компанија? Од кога постоите, кои се вашите главни приоритети и најнови продукти? Што можат корисниците да очекуваат од вас?
Ива Блажевска: Дигитал Фајнанс Интернешнал е финансиска компанија, членка на Финстар групација, чија што движечка сила се задоволни клиенти. Со таа цел, веќе четвртта година нашиот тим на професионалци постојано работи на имплементација на нови производи кои ќе ги исполнат очекувањата и потребите на пазарот, а правилно поставената цел е веќе половина достигната. Дел од нашето портфолио се брендовите Форца и Креди, а најновите продукти кои ги воведовме оваа година се Хипокредит, кредит кој што освен за физички е наменет и за правни лица, и се разбира Е-креди. Она што е обележје на сите продукти е брзината и леснотијата за доаѓање до потребните парични средства, а со тоа и финансиска поддршка и безбедност за крајните клиенти.
АЕТМ: Може ли да ни ја објасните вашата нова услуга е-kreddy? Kако ја добивте идејата за истата и зошто се одлучивте да ја пласирате токму сега на онлајн пазарот?
Ива Блажевска: E-kreddy е кредитен производ од 3,000 до 180,000 денари, и со рочност за отплата од 3 до 36 месеци. Со развојот на технологијата и дигитализацијата на пазарот, онлајн продажбата зазема се поголем замав и станува неопходна алатка за секој бизнис. Па така во соработка со Серафимов Груп, ДФИ во Македонија воведува Онлајн Модул за продажба на производи на рати, преку Веб продавниците на нашите партнери. E-kreddy претставува одличен начин и вистинско решение за клиентите да го добијат посакуваниот производ, на рати, без притоа да ја напуштат удобноста на домот, канцеларијата или каде и да се наоѓаат во моментот на купување. Идеата за имплементација токму сега, доаѓа поради кризата која што ја предизвика Ковид пандемијата, а со Е-kreddy нашите партнери, преку безбеден и сигурен начин може да ја зголемат продажбата и да го зацврстат бизнисот, а со тоа да добијат уште поголем број задоволни и лојални клиенти, кои пред се ќе останат безбедни и ќе купуваат од дома.
АЕТМ: Кој се може да го имплементира e-kreddy на својата е-продавница и какви се можностите за купувачот? Постојат ли брзи и лесни интеграции, преку plugin за најкористените платформи како wordpress+woocommerce, magento?
Ива Блажевска: E-kreddy можат да го имплементираат сите трговци кои што поседуваат веб продавница и на истата имаат производи во вредност во рамките на нашата понуда од 3000 до 180,000 денари. За целосната имплементација е задолжен нашиот тим во соработка со Серафимов Груп и за мошне краток временски период му ја овозможуваме на клиентот Е-креди алатката за продажба на рати. Во моментов имаме одлична соработка со Гармин, Риверсофт, Куписега, Климатизер мк… Секако веќе активно работиме на најпопуларните платформи, wordpress+woocommerce, magento, но истовремено развиваме идејни решенија и за останатите типови на платформи како што се Open Cart, Jommla итн.
АЕТМ: Digital Finance во 2020 година стана член во Асоцијацијата за е-трговија на Македонија. Како компанија која се занимава претежно со дигитални продукти, може ли да дадете ваше видување на процесот на дигитализација во нашата држава? Според вас, кои се главните приоритети на кои треба да се работи за подобрување и на е-трговијата, но и на сеопфатниот процес на дигитализација?
Ива Блажевска: Онлајн трговијата претставува револуционерен начин, со само неколку клика клиентите да го добијат посакуваниот производ. Леснотијата за набавка, како и се повисоките безбедносни стандарди, го прават онлајн купувањето се попопуларно и позастапено. Сметам дека оваа година беше клучна за огромен пораст во однос на дигитализацијата на пазарот во земјава, се со цел компаниите да ја намалат економската штета која што се закануваше поради пандемијата. Дури и крајните клиенти не се повеќе скептици во однос на онлајн купувањето и се повеќе се ориентираат кон “купување од фотелја” . Генерално е-трговијата во земјава се движи во нагорна линија што особено ме радува, меѓутоа сметам дека овозможување на што поголем избор на алатки за плаќање кај веб шоповите, можност за побрза достава на продуктот, добра маркетинг стратегија би биле од особена важност за подобрување на искуствата од онлајн купувањето а со самото тоа и поголем број на купувачи.
АЕТМ: За крај, дали мoжете ли да ни откриете што е последната работа што ја купивте онлајн и какво беше вашето искуство? Што ќе им препорачате на оние кои сѐ уште (ако има такви) не го искусиле онлајн пазарувањето?
Ива Блажевска: Онлајн купувам многу често, од козметика и обувки па се до електроника и бела техника. Последниот производ кој го купив е мобилен телефон и сум супер задоволна од тоа што го добив, како од производот така и од услугата. Онлајн пазарувањето во моментов претставува најбезбеден начин да дојдете до она што Ви треба, па со цел да си го заштитите сопственото здравје, како и здравјето на останатите, останете дома и купувајте онлајн.