[Интервју] Дане Тодоровски, ИутеКредит Македонија – златен партнер на Ecommerce Awards

ИутеКредит Македонија како финансиско друштво функционира на пазарот во Македонија од 2017 година. Од самите почетоци се истакнува како лидер во делот на одобрување на кеш кредити со одлични услови и брз одговор на апликациите од страна на клиентите. Освен кеш кредити, ИутеКредит Македонија нуди и наменски кредити, со кои купувачите може да купат одреден производ или услуга на рати во рамки на партнерската мрежа на компанијата. 

Во периодот од основањето до денес, ИутеКредит постојано се труди да ги имплементира актуелните светски трендови, да ги дигитализира процесите и на своите крајни корисници да им овозможи исклучително искуство кое ќе го класифицира овој бренд на прво место при изборот на финансиски партнер во трговијата.

Изминатите неколку години ИутеКредит покрај тоа што води грижа за дигитализација на процесите, мошне големо значење му придава и на клиентот, преку имплементација на различни програми и алатки кои го олеснуваат секојдневието на секој од нас, а воедно ни овозможуваат мошне брзо и без дополнителен ангажман да купиме одреден производ иако во моментот немаме доволно средства за да го направиме тоа.

Имплементирањето на IutePay која е Buy Now, Pay Later услуга, придонесува кон олеснување на целокупното корисничко искуство за сите корисници на производи и услуги од портфолиото на ИутеКредит, а дополнително придонесува за тоа производите од трговците ширум земјава да се подостапни за крајните корисници.

Со цел да ги доближиме овие иновации до читателите, разговараме со Дане Тодоровски, Комерцијален директор на ИутеКредит Македонија околу IutePay, начинот на кој може да се имплементира ова решение кај компаниите, можностите за соработка со е-трговците и членовите на АЕТМ, како и значењето од организацијата на првите награди за е-трговија.

АЕТМ: Воведувањето нови решенија за е-плаќање е значаен сегмент во развојот на е-трговијата. Во текот на 2020 имплементиравте решение со кое e-купувачите имаат можност да аплицираат за кредит наменет за онлајн купување, а во 2022 го воведовте IutePay. Како ја одредувате потребата за тоа кои решенија да ги понудите на локалниот пазар и што најмногу ве поттикна да ја воведете алатката IutePay?

Дане Тодоровски: Секогаш сакаме да бидеме во тек со светските потрошувачки трендови и да адаптираме решенија кои се компатибилни на нашиот пазар. Концептот на “Buy Now, Pay Later” е купување на производи/услуги на рати без никакви трошоци. Токму и главната карактеристика на IutePay се производи кои овозможуваат ваков вид на купување. Конкретната потреба ја идентификуваме преку нашата постојана комуникација со клиентите и соработка со нашите партнери. Главната цел е да воспоставиме едноставно и брзо решение при купувањето кое го подобрува корисничкото искуство на крајните корисници, но и овозможува секоја електронска продавница да ги искористи бенефитите.

IutePay е достапно во физичките продавници, но веќе, како дел од нашето решение за кредитирање преку електронски продавници е достапно и онлајн. Крајните корисници можат брзо и едноставно да направат “checkout” со можност за рати без никакви трошоци.

АЕТМ: Кој сè може да го имплементира ова решение и какви се условите за соработка со вашата компанија. Дали постои вградено решение наменето за е-продавници и со какви трошоци се соочуваат заинтересираните трговци при имплементација на ова решение?

Дане Тодоровски: Покрај наменските кредитни производи за физичките продажни салони на нашите партнери, IuteCredit Македонија како дел од своето портфолио нуди и Online потрошувачки кредити кои им овозможуваат на корисниците да купуваат производи и услуги директно преку партнерските веб сајтови и истите да ги платат на рати само со лична карта.

Решението е компатибилно и одговара на потребите на сите е-продавници. Секоја компанија која поседува легална е-продавница и има потврден професионален однос во работењето и грижа кон корисниците ја препознаваме како одлична едиција на нашата партнерска мрежа. Партнерството со нас не подлежи на никакви трошоци за потенцијалните партнери.

АЕТМ: Во АЕТМ членуваат повеќе од 100 компании, за оние кои се заинтересирани да ја имплементираат оваа услуга може ли да ни ја објасните постапката за имплементација на една е-продавница? Колкаво техничко познавање е потребно за нејзино имплементирање и дали вашата компанија нуди поддршка за имплементација? За колкав временски период се имплементира и дали може да се примени на платформите како што се WordPress, Magento, Shopify?

Дане Тодоровски: Техничкото решение кое IuteCredit Македонија го нуди за е-продавниците на своите партнери е едноставно и не бара посебни технички познавања. Секој партнер во зависност на која платформа ја има поставено својата е-продавница, добива тренинг и инструкции за интегрирање на решението. Дополнително, имаме и 24-часовна поддршка. Решението само по себе не одзема премногу време за имплеметирање и е практично адаптибилно на сите платформи вклучувајќи ги и гореспоменатите, но и за посебни решенија на е-продавници.

Дане Тодоровски, Комерцијален директор на ИутеКредит Македонија

 

АЕТМ: Во светски рамки услугата “Buy Now, Pay Later” е мошне актуелна, а стана сè повеќе популарна за време на празниците. За која таргет група е наменета оваа алатка и согласно примерите од странски земји, дали сметате дека оваа алатка има капацитет да придонесе за раст на домашната е-трговија? Може ли да ни објасните како функционира алатката од кориснички аспект и дали мислите дека распределувањето на трошоците со оваа услуга им овозможува на е-купувачите подобро да управуваат со своите финансии?

Дане Тодоровски: IutePay, како концепт на “Buy Now, Pay Later” нема никакви ограничувања во однос на видот на производите/услугите. Ние со нашето решение кредитираме купување од минимум 1000 денари на 4 рати. Во зависност од таргет групата на нашиот партнер, можеме да предложиме различни структури на рати/износи со цел да имаме подобри резултати.

Еден од главните бенефити на IutePay е тоа што овозможува канал на плаќање на рати и носи дополнителни приходи за електронските трговци. Тие кои претходно би се откажале од купувањето поради висината на износот, сега имаат можност да го купат производот/услугата на рати без никакви трошоци

Корисничиот процес се одвива исклучиво на страната на трговецот. Клиентот треба да пополни неколку основни полиња со лични податоци и да ја поднесе апликацијата. Потоа во најкус можен рок добива повик од нашите колеги каде се верифицираат податоците и сумата. Во просек овој процес трае 15-тина минути и е доволно да имаат важечка лична карта. Провизиите кои се предвидени за трговците се навистина ниски за да не претставуваат голем финансиски притисок на нивните трошоци. Дополнително, за да овозможиме подобрена ликвидност на трговците, ние целата сума на кредитот ја исплаќаме во рок до 24 часа.

АЕТМ: Кога се имплеменираат алатки од ваков вид кои се клучни за развивање на екосистемот на е-трговијата, мошне значајни се транспарентноста и едукацијата на потенцијалните корисници со цел тие потполно да уживаат во бенефитите. Услугата се имплементира заедно со заинтересираните компании / трговци, кои понатаму треба да ја нудат на крајните корисници. Дали IuteCredit преку различни маркетинг активности помага за промоција на ваквата опција за плаќање и директно влијае кон зголемена едукација за користење на вакви услуги? 

Дане Тодоровски: Промоцијата на ова решение е составен дел од нашиот комуникациски микс. Истовремено работиме на едукација на пазарот за бенефитите од вакви кредитни производи, но и се трудиме да допреме до сите активни трговци. Преку нашата Myiute апликација, понудите и можностите кои ги нудат трговците се достапни во секое време, а клиентите може да ги видат и дојдат на сајтот на трговецот.

Дане Тодоровски, Комерцијален директор на ИутеКредит Македонија

 

АЕТМ: Имајќи предвид дека овој производ потсеќа на кредитните картички, сметате ли дека на некој начин сте конкуренција на банките во овој дел? Кои се основните предности на оваа услуга, споредбено со стандардна кредитна картичка издадена од банка?

Дане Тодоровски: Не само во нашата држава, туку и во светот, овој концепт се смета за најголемиот конкурент на кредитните картички. Клучно е дека при купувањето со IutePay клиентот нема никакви трошоци. Со други зборови, клиентот го враќа вкупниот изност кој го земал, поделен еднакво на бројот на рати. Кредитните картички имаат различни модели на работа кои се често конфузни и комплицирани. Дополнително, процесот за добивање на кредитна картичка не е достапен за сите подеднакво. Овие предизвици се решаваат со IutePay. Но пазарот е широко место и има простор за сите оние кои имаат квалитетна понуда. На крајот, клиетите сами ќе оценат кое решение е најдобро за нив.

АЕТМ: Соработувате и со голем број компании кои како канал за продажба нудат е-трговија, а од друга страна соработувате и со компании кои сè уште немаат онлајн продажба. Која порака би ја упатиле и за едните и за другите, кои се предностите кои ги нуди онлајн продажбата, споредбено со класичната продажба?

Дане Тодоровски: Би ги мотивирале сите моментални партнери, но и идни, да што е можно повеќе започнат да посветуваат време на развој на електронската продажба. Таа е веќе присутна и станува нормален концепт. Бенефитите кои ги носи со себе се многу, но би ги издвоил можностите за раст, помалата инвестиција за почеток и тоа што продавницата е секогаш отворена. Сепак треба да се има предвид дека овој канал има голем број на специфики со кои се разликува од традиционалниот. Затоа е и потребно да се има сериозен пристап и да бидат подготвени на промени и едукација.

АЕТМ: Оваа година, за прв пат АЕТМ ги организира првите награди за е-трговија Ecommerce Awards, со цел да се препознае и награди успешната работа на македонските е-трговци, како и да се поттикне што повеќе компании да се вклучат во е-трговцијата и да го унапредат своето работење. Како компанија која е златен партнер на овој настан и која нуди можност за унапредување на работењето на е-трговците со имплементација на нови, дополнителни, иновативни решенија за плаќање, може ли да споделите со нас кои се вашите очекувања од настанот? Што би им препорачале на е-трговците?

Дане Тодоровски: Пред сè би сакале да ја поздравиме работата на АЕТМ, а би рекле дека овие награди се одличен показател на сработеното во последните години. Во рамки на Ecommerce Awards oчекуваме да се претставиме пред најдобрите трговци во нашата држава, им покажеме како може да помогнеме и добиеме дополнителен квалитетен фидбек како да се подобруваме во заеднички интерес.