Електронската трговија и поврзаните активности преку интернет можат да бидат мотор на подобрување на економската состојба во земјата, но придонесува и за поголема интеграција на земјата во глобалните трендови. Информатичко-комуникациската технологија (ИКТ) направи трансформација во начинот на кој трговците и потрошувачите купуваат и дистрибуираат производи. Е-трговијата привлекува многу внимание од бизнисите, институциите, но и од владите како начин за генерирање на економски раст.
E-трговијата беше една од темите на Осмата конференција за платни системи и системи за порамнување на хартии од вредност под организација на НБРМ, која се одржа во Охрид од 11-ти до 13-ти Мај. Конференцијата има меѓународен карактер и во неа земаа учество претставници од централните банки од повеќе земји, институцијата UNCTAD за трговија и развој при Обединетите Нации со седиште во Швајцарија, финансиските институции Commerzbank од Германија и Accuity од Велика Британија, како и претставници од деловните банки, регулаторите на инфраструктурата на финансиските пазари и останатите финансиски и нефинансиски институции во Македонија.
На конференцијата се презентираше извештајот на UNCTAD за 2015-та година со наслов “Отклучување на потенцијалот на е-трговијата за земјите во развој“ од страна на тим лидерот на извештајот на UNCTAD, Торбјорн Фредриксон, со посебен акцент на состојбата во Македонија. Извештајот ги разгледува можностите и предизвиците со кои се соочуваат компаниите во земјите во развој коишто сакаат да се вклучат во електронската трговија. Презентацијата беше проследена со динамична панел дискусија за е-трговијата во Македонија модерирана од Директорот на дирекцијата за платни системи г-дин Игор Величковск на која учестуваа претставници од Министерството за информатичко општество и администрација, Комерцијална банка, КИБС, CaSys , платежна институција INPAY од Данска и јас како претставник на бизнис сектротот од е-трговија (Grouper.mk).
Каква е состојбата со е-трговијата во Македонија?
Во изештајот на UNCTAD се воведува нова мерка за одредување на подготвеноста на една држава за е-трговија т.н индекс на електронска трговија (E-commerce B2C Index). Индексот зема во превид 4 параметри: интернет пенетрација, покриеност на поштенска испорака, пенетрација на платежни картички и безбедни интернет сервери. Анализата опфаќа 130 економии, а на врвот на листата се наоѓаат Луксембург, Норвешка и Финска како земји со најразвиена е-трговија, додека меѓу економиите во развој водечките места припаѓаат на Азија т е. Кореа, Хонг Конг (Кина) и Сингапур. Македонија се наоѓа на 41-вото место пред соседите Бугарија, Грција и Србија со вредност на индексот 62,2.
Индексот предвидува дека 13,5% од населението во Македонија треба да купува онлајн додека фактичката ситуација е дека 5,4% од населението купува онлајн, (UNCTAD, 2015). Од друга страна според Дигиталната агенда на Европа (2010), до 2015 година 33% од малите и средни претпријатија треба да продаваат и купуваат онлајн. Во Македонија само 6% од компаниите примаат нарачки онлајн, 5% прават нарачки онлајн.
Покрај мерливите фактори вклучени во индексот, во извештајот за нагласуваат и бариери од различна природа како што се: економски (несоодветна информациска и комуникациска инфраструктура, нестабилна и скапа струја, ограничено користење на платежни картички, мала куповна моќ и неразвиени финансиски системи); социополитички (слаба правна и регулаторна инфраструктура, преференци за лице-во-лице интеракции и преференци кон плаќање во готово); и когнитивни бариери (ниско ниво на компјутерска писменост, свест и познавање за е-трговијата помеѓу крајните корисници и компаниите).
Па кои се бариерите и предизвиците за развој на е-трговијата во Македонија?
Фактор кој директно влијае на развојот, според мене е понудата на пазарот. Ситуацијата беше многу депресивна во 2011 година кога ние го отворивме Grouper.mk, а сепак граѓаните се впуштија во онлајн купување на атрактивните понуди со попусти. Во време на рецесија и мала куповна моќ на населението главниот поттик за да направат онлајн купување не може да биде заштедата на време или удобноста да се купува од дома. Тоа се резултати односно придобивки кои граѓаните ќе ги почувствуваат со тек на време кога ќе креираат навика за купување онлајн. Но клучното за да се впуштат во онлајн купување и да ја направат првата трансацкија е атрактивната понуда, што во случајот кај нас значи заштеда односно поефтина цена за купување онлајн. Затоа треба не само да креираме претприемачка клима и да стимулираме отварање на нови компании кои ќе продаваат онлајн, туку треба да им се даде соодветен тренинг и едукација на претпиемачите за да се тргне од реалните потреби на пазарот. Министерството за информатичко општетство во 2011-ва имаше проект со кој се отворија 50 онлајн продавници, а денес само 7 од нив функционираат, токму поради оваа причина.
Бројот на брзорастечки стартап компании кои постигнале огромен успех во светот е навистина голем, а најголемиот дел од тие бизнис идеи ги нема во Македонија. Во земја во развој како што е Македонија иновирањето може да се состои од воведување т.е. аплицирање на постоечки бизнис модели, кои се докажано успешни во високоразвиените земји, со соодветно адаптирање за нашиот пазар. Иновацијата сама по себе е трансформација, а во случајот овие успешни модели кои постојат може да воведат значајни промени на домашниот пазар, а тоа го докажавме ние со Grouper.mk кој значително влијаше на развојот на е-трговијата во земјава.
Покрај локалните компании, понудата на пазарот ја креираат и интернационалните онлајн компании кои ги нудат своите производи за Македонските граѓани. Претпоставката е дека ако граѓаните почнат да купуваат онлајн од овие сајтови потоа ќе створат навика и ќе почнат да купуваат и од домашните компании. Во моментот некои од најголемите компании како eBay и AliExpress се отворени за купување за Македонците и Paypal дозволува сметки на физички лица. Но, бариерата сепак постои бидејќи ограничувањето за купување производи за лична употреба без царински давачи е поставено на 45 евра. Има предлози за зголемување на овој праг, што ќе влијае позитивно за онлајн купувачите, меѓутоа решавањето на оваа бариера може да значи меч со две острици бидејќи зголеменото онлајн купување од странски продавници може да значи и намалување на конкурентската предност на домашните компании кои поради големите царини и давачки за увоз не може да постигнат атрактивни цени.