Ги собира ли во саксијата?

По повод Меѓународниот ден на жената, Алијансата за родова еднаквост на работното место – ГЕА која е подружница на АЕТМ и се залага за еднаквост на работното место, премиерно објави оригинален видеоспот со кој го честита 8-ми март, Меѓународниот ден на жената.

Главната порака на спотот е претставена преку отсликување на едно работно место во кое директорот низ неколку примери предизвикува родова нееднаквост помеѓу една вработена и вработените од спротивниот пол. Исто така, ги прикажува и обичаите во нашето општество поврзани со 8-ми март и со подарувањето на свежо цвеќе или цвеќе во саксија за Меѓународниот ден на жената, кои најчесто се случуваат само затоа што “така требa”. 

Слоганот на видеоспотот гласи: “Со поголема саксија нееднаквоста не се маскира, 8-ми март е да се дискутира!”, бидејќи Меѓународниот ден на жената е всушност ден кога треба да се одбележи борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите, клучна поента која често се засенува со подарување на подароци и необрнување на внимание на родовите нееднаквости и неправди кои се случуваат на работните места.

Видеоспотот, кој што може да се погледне во продолжение наиде на одлични реакции и голем број на споделувања на социјалните медиуми.

Преку испраќање на симболични саксии за 8ми март до одредени компании, наменети за да се користат како алатка за зголемување на рамноправноста, но и преку реченицата: “Ги собира ли во саксијата за 8-ми март сите неправди и нееднаквости на родова основа кои се случуваат на работното место во текот на целата година?”, повикуваме на поддршка од страна на компаниите и креаторите на политики за идентификување на нееднаквостите на работното место, преку дискусија и вклучување на вработените во процесот на креација на програмите и политиките, за истите да може да се искоренат со цел да процути рамноправноста, бидејќи, според нас, таму каде што цвета рамноправноста, докажано цветаат и резултатите.

Инаку, ГЕА е насочена кон создавање инклузивна култура каде што и жените и мажите се еднакво вреднуваат за нивниот уникатен придонес во работната средина, што ќе создаде нови начини, синергии и платформи за решавање на критичните прашања кои влијаат на развојот на жените на работното место. Алијансата за родова еднаквост на работното место е т.н. commitment maker за Родова еднаквост при UN Women и работи кон целта за одржлив развој #SDG5 – Родова Еднаквост.