E-commerce Afterwork сесија #2: Што треба да знаат сите е-трговци за имплементацијата на онлајн плаќање?

На 3 февруари, во просториите на Фондот за иновации и технолошки развој се одржа втората сесија од серијалот „E-commerce Afterwork сесии”, на тема: „Имплементација и предизвици при онлајн плаќање”, организирана од нашата Асоцијација за е-трговија на Македонија.  Сесијата беше наменета за сите постоечки и потенцијални е-трговци, а беше организирана со поддршка на Фондот за иновации и технолошки развој, a целта на оваа сесија беше да се согледаат сите можности поврзани со онлајн плаќање кои ги нудат банките, како и нивните актуелни новости во областа на е-трговијата.

Моментално, во нашата земја има само 5 банки кои нудат интеграција за онлајн плаќање, а кај дел од нив може да се аплицира и онлајн за оваа услуга. За започнување со онлајн плаќање, е-трговецот потребно е да има регистрирано компанија, да пополни апликација за онлајн плаќање и да приложи краток бизнис план со детали за дејноста на компанијата, очекуваниот обрт и слично.

Од аспект на трошоците, можеме да ги поделиме во три категории: еднократен (иницијален) трошок за имплементирање на услугата, месечен/годишен надоместок за користење на услугата и провизија за трансакциите, која согласно анализата на АЕТМ од 2018 година се движи од 2% до 6%.  Во овој дел неопходно е да се посочи дека мошне значајно за банките е трговецот да наведе точна дејност, бидејки зависно од дејноста се менува износот на провизијата. Процедурата за имплементација најчесто трае од 2 до 5 работни денови, но постојат и исклучителни случаеви каде имплементацијата на каналот за продажба траела до еден месец.

По имплементацијата, средствата од секоја продажба, стигнуваат на сметката на е-трговецот веќе наредниот работен ден кај сите банки. Доколку има потреба од сторнирање на некоја трансакција, како и рефундирање на средствата, во случај на незадоволни клиенти, во сите банки тоа е овозможено, со тоа што во дел од банките самиот е-трговец може да направи целосно или парцијално регундирање на средствата, додека пак кај дел од банките, е-трговецот мора да ги исконтактира и тие да го направат рефундирањето на средствата.

На сесијата, меѓу другото, детално беше објаснет целосниот процес на онлајн плаќање, вклучително и начините за зголемента безбедност и сигурност при онлајн плаќање, со цел заштита и на е-купувачите и на е-трговците.

Исто така, на сесијата беше истакнато дека Народната банка започна со објавување податоци  за висината на надоместоците на продажно место, коишто банките и другите даватели на платежни услуги ги наплатуваат од трговците. Со подобрување на транспарентноста и зголемување на информираноста на трговците  се очекува да се зголеми конкуренцијата меѓу банките. Веќе објавениот годишен податок се однесува на 2018 година. Народната банка ќе ги објавува податоците на редовна годишна основа, при што  се очекува годишниот податок за 2019 година да биде објавен на крајот на март. Во овој контекст, на сесијата беше истакнато дека тековно се одвиваат активности за изработка на новиот Закон за платежни услуги и платни системи во кој се транспонираат релевантни директиви и регулативи на Европската Унија кои предвидуваат зголемување на транспарентноста на надоместоците коишто давателите на платежни услуги ги наплатуваат од трговците, како и ограничување на меѓубанкарските заменски надоместоци, што дополнително треба позитивно да влијае врз развојот на е-трговијата во земјата.

Присуствуваа повеќе од 100 учесници кои будно ги следеа сите информации презентирани од говорниците. Говорници на панел дискусијата, пак, беа Тина Петкоска од Халкбанк АД Скопје, Вељан Поповски од НЛБ Банка АД Скопје, Стефан Пепоски од Стопанска банка АД Скопје, Филомена Пљаковска Аспровска од процесорот КАСИС и Игор Величковски од Народната банка. Во втората половина од сесијата, Бранислав Марковски од Фондот за Иновации и Технолошки Развој го презентираше активниот повик „Стартапувај 2” наменет за ко-финансирани грантови за новоосновани трговски друштва „старт-ап“ и „спин-оф“.

Оваа сесија беше втората од серијалот информативни сесии за е-трговија кои се одржуваат еднаш во месецот и имаат за цел да ги едуцираат сите засегнати страни, за сѐ што е поврзано со е-трговија, со цел зголемен раст и развој на е-трговијата во нашата земја.

Фотографиите од оваа сесија можете да ги погледнете овде.

 

Поврзани содржини