Како резултат на кризата создадена од пандемијата COVID-19, се појавуваат прашања кои се однесуваат на примена на царинските прописи во постапката за донесување на одлуки, царинските постапки и царинските формалности, како и примена на постапките поврзани со акцизните добра, особено во делот на постапувањата со етил алкохолот наменет за здравствените установи и претпријатијата за произодство на средства за дезинфекција.
За одредени случаи кои се наведени подолу, утврдени се постоечки одредби во царинските и акцизните прописи кои обезбедуваат соодветни решенија, во овие исклучителни околности.
Целта на овој документ е во време на криза, да им се понудат на засегнатите страни насоки за практични решенија кои произлегуваат од постоечката законска рамка. Имајќи ја предвид можноста од понатамошен развој на кризната состојба и потребата од дополнителни прашања кои може да се појават, овој документ ќе се дополнува и изменува по потреба.
1. Е-трговија – Полномошно за царинско застапување
Поради намалениот број на вработени, поштенските оператори се обидуваат да испорачаат голем број на пратки и да ги исполнат своите обврски за давање на своите услуги. Во истата ситуација се и брзите пошти и царинските застапници кои делуваат во име на примачите, за пуштање во слободен промет на пратки со мала вредност (вредност под 90 ЕУР). Добивањето на полномошно од примачите во услови на пандемија од COVID-19, може да претставува значителен дополнителен административен товар за сите овие категории на економски оператори.
Со оглед на специфичните околности и со цел да се намалат и избегнат контакти, царинските органи можат да ги внесуваат во СОЦДАД, издадените полномошна за застапување кои се доставени до нив преку електронска пошта од страна на царинските застапници.
2. Царински одлуки
а) Нови барања за царински одлуки – само суштински
Во сегашните вонредни околности, економските оператори може да бараат суштински царински одобренија за да се обезбеди функционирање на синџирот на снабдување и слободен проток на основните производи потребни во земјата.
Одредбите во царинското законодавство го обврзуваат царинскиот орган да прифати барање за одлука, доколку се исполнети сите услови. Царинскиот орган не може да одбие барање за царинска одлука доколку се исполнети законските услови.
Сепак, во сегашната ситуација, економските оператори се охрабруваат да поднесат барање само за суштински царински одлуки, за да може царинскиот орган да се фокусира на најитните барања.
Царинската управа по службена должност го продолжи рокот на важење до 30.09.2020 година, на одобренијата што истекуваат до 31.05.2020 година. Ова значи дека истите се применуваат под услови и критериуми под кои биле издадени.
б) Продолжување на рокот за донесување одлуки за поднесени барања
Во царинското законодавство се пропишани посебни рокови за донесување на одлуки по барања на засегнатите странки. За различни видови одлуки се пропишани различни рокови за донесување на одлуки. Членот 7 став (1) од ЦЗ регулира дека ако со овој закон поинаку не е определено, царинскиот орган што ја води царинската постапка го применува Законот за општата управна постапка. Во случај кога со ЦЗ не се пропишани рокови за донесување на одлуки, се применуваат роковите кои се пропишани во Законот за општата управна постапка. Со Уредбата со законска сила за примена на Законот за општата управна постапка за време на вонредна состојба (Сл. весник 76/2020) е пропишано дека роковите кои согласно Законот за општата управна постапка, се определени за преземање на одделни дејствија во постапка, односно роковите кои ги определува овластеното службено лице, кои истекуваат за време на траење на вонредната состојба, престануваат да течат за време на траење на вонредната состојба и продолжуваат по истекот на траењето на вонредната состојба, само за онолку денови колку што преостанале и тоа од денот на истекот на траењето на вонредната состојба. По исклучок од ова, по барање на засегнатото лице, органот може да одлучи поинаку.
Ова овозможува продолжување на временскиот рок за донесување на одлука по поднесено барање, во случаи кога барателите не можат да дозволат царинскиот орган да влезе и да изврши контрола во нивните простории заради ограничувањата на мерките за движење и карантин.
3. Царински долг и гаранции
а) Можност да се земат предвид сериозните тешкотии на економските оператори и настанување на ненадоместлива штета
Што се однесува до можностите за плаќање, иако не е можно ослободување од обврските, неколку одредби во сегашното законодавство им овозможуваат на царинските органи, да ја земат предвид ненадоместливата штета на должникот, на барање на операторот и со целосно почитување на условите предвидени со тие одредби. Економскиот оператор треба да ја документира и докаже веројатноста за појава на ненадоместлива штета.
Член 7 став (5) од ЦЗ регулира дека царинскиот орган ќе го одложи извршувањето на донесеното решение, целосно или делумно, сè до правосилноста на предметното решение, во случај кога има основани причини да верува дека оспореното решение не е во согласност со царинските прописи или дека би била предизвикана ненадоместлива штета на засегнатото лице. Кога решението има за ефект наплата на увозни или извозни давачки, одложувањето на извршувањето на тоа решение може да се одобри само доколку давачките се обезбедени со поднесување на соодветна гаранција.
На основа на известување од деловните банки, Царинската управа по службена должност го продолжи рокот на важење на банкарските гаранции до 30.09.2020 година.
По службена должност се продолжи рокот на важење на одобренија за одложено плаќање на увозни давачки, за сите иматели за кои рокот на важење на гаранцијата е продолжен по службена должност;
Со член 238 од ЦЗ е регулирано дека на барање на економскиот оператор, царинскиот орган може да одобри одложување на плаќањето на износот на давачките којшто треба ги плати засегнатото лице, за стока декларирана за царинска постапка која вклучува обврска за плаќање на таквите давачки.
Согласно член 479 од УСЦЗ, износот на давачки кој е одобрен за враќање може по службена должност да се пребие со доспеани обврски на истото лице.
б) надминување на износот на гаранцијата
Надминување на износот на гаранцијата не е законски можно, освен во случај на намалување на износот на општа гаранцијата или изземање од гаранцијата.
Согласно член 206 од ЦЗ кога треба да се поднесе општа гаранција за царински долгови или други давачки и даноци кои можат да настанат или кога треба да се поднесе општа гаранција за други давачки и даноци кои настанале, на лицето може да му се одобри да користи општа гаранција со намален износ или изземање од обврската за поднесување на гаранција под услов истото да ги исполнува пропишаните критериуми.
в) автономни мерки
Согласно член 19 став (7) од ЦЗ, Владата на Република Северна Македонија објави Одлука за укинување на царински давачки за увоз на потрошен медицински материјал. Одлукатa ќе се применува заклучно со завршување на траење на вонредната состојба.
4. Внесување на стока
а) Ставање на стоката на увид
Економските оператори се охрабруваат да користат Национална или Заедничка транзитна постапка и ТИР во најширока можна мерка со цел да се забрза движењето на стоката и да се оптимизираат царинските контроли.
Стоката што влегува во царинското подрачје треба да биде ставена на увид на царинскиот орган. Ваквата обврска може да се смета за исполнета за медицинска, хируршка и лабораториска опрема, во случај на усно декларирање на таквата стока, во постапка на привремен увоз.
- Привремено чување
Бидејќи временскиот рок за привремено чување е 20 дена од денот на поднесување на збирната декларација, членот 59 став (2) од ЦЗ дава можност за продолжување на овој рок за завршување на формалностите потребни за одредување на царински дозволено постапување или употреба на стоката Ако на стоката не и е одредено царински дозволено постапување или употреба поради околности поврзани со ширење на заболување COVID-19, економскиот оператор може да побара продолжување на рокот за привремено чување.
- Царински постапки
а) ставање на стока на увид на одобрени места
Ставањето на увид на стоката може да се изврши на место кое царинскиот орган го определил или одобрил е наведено во член 50 од ЦЗ. Тоа им овозможува на економските оператори да бараат одредени видови критична стока, во итен случај, да се стави на увид директно во нивните простории.
б) Подолг период за изменување на декларациите и враќање на давачките
Во согласност со член 90 од ЦЗ, по пуштањето на стоката декларантот може да побара измена на царинската декларација во рок од три години од денот на нејзиното прифаќање. Во случај измената на декларацијата да предизвикува враќање на давачките, согласно член 250 став (5) од ЦЗ, рокот од 3 години се продолжува доколку засегнатото лице обезбеди докази дека било спречено да го поднесе барањето во предвидениот рок поради непредвидливи околности или виша сила (COVID-19).
7. Транзит
а) Рокови за ставање на увид на стоката кај одредишната царинска испостава
Главните обврзници може да очекуваат дека царинските испостави на поаѓање ќе го имаат во предвид можното пролонгирање на транспортните операции заради преземените анти-корона мерки, кога ќе го определуваат рокот за завршување на транзитната постапка и за ставање на увид на стоката кај одредишната царинската испостава (чл.233 ст.1 од УСЦЗ).
Кога стоката ќе биде ставена на увид кај одредишната царинска испостава по истекување на рокот за завршување на транзитната постапка, царинските органи треба да имаат во предвид дека доцнењето можеби не е по вина на превозникот (чл.239 ст.2 од УСЦЗ).
б) Рок за внесување на резултати од контрола
Рокот за внесување на резултатот од контрола (порака IE018) може да се пролонгира до 6 дена (чл.241 ст.4 од УСЦЗ).
- Постапки со економски ефект
а) Употреба на постапката на привремен увоз
Сегашната исклучителна состојба треба да се смета за непогода во смисла на член 376 од УСЦЗ. Затоа, сите стоки кои се употребуваат за мерките за справување со последиците од непогодата, имаат право на целосно ослободување од увозни давачки во постапка на привремен увоз. Член 312 од УСЦЗ дава можност за поднесување на декларација со било кое друго дејствие согласно член 139 став (1) од истата.
Друга можност е да се поднесе усна декларација согласно член 136 од УСЦЗ, придружена со документ изготвен од декларантот со податоци наведени во член 314 од УСЦЗ.
Истиот пристап може да се примени за привремен увоз на медицинска, хируршка и лабораториска опрема наведена во член 377 од УСЦЗ.
По службена должност или по поднесено барање на имателот на одобрение, се врши продолжување на рок на важење на одобренијата за привремен увоз, за времетраење на периодот на вонредната состојба.
б) Можност за продолжување на рокот за повторен извоз на привремено увезена стока
Бидејќи многу економски оператори се должни да ги затворат своите простории и да престанат со работа, постои можност да биде невозможно во предвидениот рок, повторно да ја извезат стоката ставена во постапка на привремен увоз со употреба на АТА Карнет.
Во вакви случаи, член 153 став (4) од ЦЗ му дава право на имателот на одобрение да побара од царинските органи да го продолжат рокот за повторен извоз на привремено увезена стока, поради исклучителни околности (како што е СОВИД-19). Ова важи без оглед на видот на декларацијата што се користи за ставање на стоки во постапка на привремен увоз. Во случај АТА карнет да се искористи за оваа намена, нема потреба да се издава нов АТА карнет, бидејќи член 14 од Истанбулската конвенција е одредба со „може“.
в) Употреба на увоз за облагородување
По службена должност продолжување на рокот на важење до 30.09.2020 година, на одобренијата за увоз за облагородување што истекуваат до 31.05.2020 година, за сите иматели кои имаат важечка гаранција;
Со член 132 став (2) од ЦЗ е дадена можност за продолжување на рокот за завршување на постапката по поднесено барање, во случај на издадено одобрение за увоз за облагородување.
- Извоз на стока
Почнувајќи од 18.03 во царинска испостава Скопје 2 се применува бесхартиен извоз, а од 01.04.2020 година и во сите останати царински испостави.
- Излез на стока
а) Можност да се одложи поништување на царинската декларација за извоз или декларацијата за повторен извоз
Економските оператори бараат продолжување на рокот за излез на стока од царинското подрачје, без царинскиот орган да ја поништи извозната или декларацијата за повторен извоз.
Ако царинска испостава за извоз нема добиено никаква порака или доказ дека стоката го напуштила царинското подрачје во рок од 150 дена од датумот на пуштање на стоката за извоз, царинската испостава може да ја поништи соодветната декларација, во согласност со член409-ѓ од УСЦЗ.
Со оглед на сегашните исклучителни околности, се препорачува извозната царинска испостава да не иницира вакво поништување, освен ако тоа е изрично побарано од декларантот на предметната декларација.
- Движење на транспортни средства
За време на траење на полицискиот час, со исполнување на одредени услови (како меѓународен транзитен документ Т1 или извозен придружен документ EXMK), дозволено е движењето на стоки во транзитна постапка и поедноставена постапка на извоз и увоз.
За време на полицискиот час дозволен е влез и на празни домашни и странски камиони. Движењето на камионите се обезбедува со Потврда за влез на празен камион од надлежен царински орган на граница, која служи како доказ пред Министерството за внатрешни работи.
- Регионална соработка
На 20.03.2020 на иницијатива на царинската управа како преседавач со Поткомитетот за царина и правила на потекло во рамките на ЦЕФТА, се одржа состанок со членките на ЦЕФТА, ЦЕФТА секретаријатот, Регионалниот совет за соработка, Заедницата за транспорт, Генералниот директорат за проширување на ЕУ и Генералниот директорат за даноци и царинска унија. На состанокот се заклучи да се следи ситуацијата континуирано и да се преземат мерки за олеснување на проток на стоки, воведување на размена на информации пред пристигнување и соодветно зелен и син канал за побрз проток на определни стоки и олеснување на транспосрот. Односно воспоставување на зелен коридор и приоритетни ленти за транспортот на прехрамбени продукти и медицинска опрема во рамките на ЦЕФТА, но и со земјите – членки на ЕУ во регионот.
13. Примена на мерките на трговска политика
Со оглед на зголемената побарувачка на увоз на заштитните маски за лична употреба од страна на странките компании кои имаат свои правни субјекти во нашата држава како и домашните компании за лични потреби и заштита на вработените, како превентива во борбата против СОVID-19, Царинската управа во соработка со Агенцијата за лекови и медицински средства, превзема активности за поедноставување на постапката на издавање на дозвола за увоз, односно овозможено е заштитните маски да се увезуваат без Одобрение за увоз на медицински помагала I041, но единствено со проценка на количините и со доставување на писмена изјава дека истите нема да бидат користени за друга намена освен за намената за која се увезуваат (заштита на своите вработени) и дека нема да бидат пуштени во слободен промет или користени за друга цел освен за лична заштита на своите вработени.
14. Забрана за извоз на одредени стоки
Со цел превенција од недостаток на средства за дезинфекција и други медицински средства за заштита на населението, како и одредени стратешки стоки, Владата на РСМ донесе сет мерки во таа насока. Имплементирани се мерките за превенција кои се однесуваат на забрана на извоз на одредени производи: средства за дезинфекција на раце, површини, подови и зидови, пасти , прашоци и други препарати за чистење кои содржат дезинфектанти, алкохол во разреденена форма, пченица и наполица.
- Акцизно постапување
Почнувајќи од 01.01.2020 година сите постапки поврзани со акцизните добра на целата територија на државата се одвиваат во целосно електронски облик со примена на модулот Акцизи и ЕМЦС во рамки на апликацијата СОЦДАД. Хартијата е сведена на минимум освен во дел од постапките поврзани со издавање на акцизни одобренија. Во период на вонредна состојба начесто документите се разменуваат по електронска пошта.
- Реиздавање на акцизни дозволи и одобренија за повластен корисник
Со оглед на зголемената побарувачка на етил алкохол како основно средство за дезинфекција во борба против СОVID-19, Царинската управа донесе мерки за поедноставување на постапката на реиздавање на одобренијата за повластени корисници на етил алкохол на установите од јавното и приватното здравство како и на компаниите кои произведуваат средства за дезинфекција.
Согласно член 122 став (2) од законот за акцизите имателите на акцизни дозволи, одобренија за акцизно повластено користење и регистрираните трговци со минерални масла кои содржат материи за обележување потребно е да достават барање за пререгистрација во рок од три месеци од влегувањето во сила на овој закон.
Јавните здравствени установи кои сеуште не се регистрирани во електронскиот систем СОЦДАД, се повикуваат веднаш да го сторат тоа. Царинската управа, по регистрацијата овозможува континуирана подршка да можат истите непречено да набавуваат етил алкохол за своите потреби. На имателите на акцизна дозвола и повластените корисници им се овозможува придружната документација кон барањата за пререгистрација да ја поднесуваат електронски со цел побрзо завршување на постапката и дополнително доставување по пошта.
Во однос на гаранциите за обезбедување на акцизен долг, во периодот додека трае вонредната состојба овозможено е одложено поднесување на анекс кон гаранцијата за обезбедување на акцизен долг во случаите на зголемување на одобрените количини на етил алкохол наменет за производство на средства за дезинфекција.
- Движење на акцизни добра
Движењето на акцизните добра во внатрешен промет, како и при увоз и извоз на акцизни стоки се одвива целосно електронски од страна на економските оператори вклучени во системот на движење на акцизните добра т.н EMCS.
Во однос на движењето на акцизни добра во согласност со член 37 од Законот за акцизите имателите на акцизна дозвола за производство или складирање и испраќање на етил алкохол доколку имаат потешкотии при поднесување на електронскиот административен документ (е-АД) во рамките на системот за контрола и движење на акцизни добра (EMCS), имаат можност движењето на етил алкохолот до повластените корисници кои се регистрирани во СОЦДАД да го направат и со примена на резервна постапка на образец А (објавен на интернет страната на Царинската управа) при што е потребно претходно да ја известат Царинската управа по електронска пошта на info@customs.gov.mk. Движењето со хартиен административен документ се одвива доколку системот на корисникот или на Царинската управа е во прекин, а испораката на етил алкохолот е итна, непланирана или надвор од работното време на Царинската управа.
Повластените корисници (пр. Јавните здравствени установи Приватни здравствени установи, аптеки и галенски лаборатории) кои се регистрирани во СОЦДАД, доколку користат резервна постапка за движење на етил алкохол потврдувањето на приемот на етил алкохолот ќе го вршат со оверен примерок на образецот В (објавен на интернет страната на Царинската управа). Заради избегнување на грешки, се препорачува на имателите на акцизна дозвола кои вршат дистрибуција да го пополнат и овој документ и да го достават кај повластениот корисник на заверка. Примерок од обрасците А и В се доставуваат до Царинската управа на неделно ниво по електронска пошта на info@customs.gov.mk.
Испораката на етил алкохол од акцизните складови до повластените корисници кои се производители на средства за дезинфекција и други средства потребни во борба против Covid – 19 доколку не е можно да се врши со поднесување на е-АД во системот за контрола и движење на акцизни добра ќе се врши со примена на резервна постапка со поднесување на образец А и потврдување на приемот со образец В. Бидејќи во овој случај се работи за испорачување на поголеми количини на етил алкохол за кои има претходна најава, потребно е да се информира Царинската управа и да се додели број за резервна постапка.
Имателите на акцизни дозволи кои испорачуваат етил алкохол во услови на вонредна состојба кон погоренаведените повластени корисници (јавни и приватни здравствени установи, аптеки, галенски лаборатории, болници и производители на средства за дезинфекција) должни се до Царинската управа – Сектор за акцизи да доставуваат неделен извештај за испорачани количини на етил алкохол по субјекти, а по завршување на вонредната состојба сите испорачани количини да ги евидентираат во системот. Доставувањето на извештајот ќе се врши на образец кој е објавен на интернет страната на Царинската управа. Кон извештајот се приложуваат копии од документите кои го следеле етил алкохолот и документите со кои се потврдува приемот. Праќањето ќе се врши по електронска пошта на info@customs.gov.mk.
18. Гаранции за обезбедување на акцизен долг
Во насока на олеснување на условите за работење на компаниите при набавка и дистрибуција на алкохол за медицински цели за изработка на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција, а со цел поефикасна борба против COVID- 19, донесена е Уредба со законска сила за примена на Законот за акцизите за време на вонредна состојба ( Сл. Весник на РСМ број 86/2020).
Со оваа Уредба, овозможено е на приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција кои се иматели на одобрение за акцизен повластен корисник, продолжување на рокот за поднесување на гаранцијата за обезбедување на плаќањето на акцизниот долг кој може да настане за акцизните добра во постапка на акцизно одложување.
Имено, приватните здравствени установи, аптеките и производителите на лекови, помошни лековити средства и средства за дезинфекција кои се иматели на одобрение за акцизен повластен корисник, треба да поднесат гаранција за обезбедување на акцизниот долг заклучно со 30 јуни 2020 година.
- Продолжување на рокот за искористување на акцизните марки
Согласно член 61 став 11 и 87 став 11 од Законот за акцизите, пропишан е рок од 60 дена за искористување на подигнати акцизни марки од страна на производители или увозници на тутунски производи или алкохолни пијалаци. По истекот на овој рок, овие компании имаат обврска да поднесат извештај за искористените акцизни марки за периодот од 60 дена и да ја платат акцизата.
Законот за акцизите дава можност во одредени случаи овој рок од 60 дена да биде продолжен по одобрување од царинскиот орган, а на барање на корисникот на акцизните марки.
Во услови на вонредна состојба и отежнати услови за работа со можност за непредвидливи настани кои неповолно влијаат на производствениот процес или увоз на тутунски производи и алкохолни пијалаци, рокот од 60 дена може да биде недоволен за искористување на акцизните марки, од објективни причини.
На барање на компаниите и со приложување на соодветни докази, ќе се овозможи продолжување на рокот за искористување на акцизните марки во рамки на законските одредби.
Со тоа ќе се помогне на компаниите во надминување на моменталната криза и избегнување на непредвидени расходи.
- Поедноставување на административната процедура за акцизни постапки
При спроведување на акцизните постапки, Царинската управа во најголема можна мера ги поедноставува административните процедури, со цел да се забрзаат постапките и личните контакти да се сведат на неопходен минимум.
Во таа насока, сите барања кои ги поднесуваат учесниците во акцизните постапки им се овозможува да ги доставуваат електронски и по истите се постапува без одложување.
Исто така, се дава максимална корисничка поддршка на сите учесници во акцизните постапки, а особено компаниите чии предмет на работа е алкохол за медицински цели, аптеки, здравствени установи, производители на средства за дезинфекција и слично.
Поддршката се дава во сите фази на постапување, од регистрирање на компаниите во новиот компјутерски систем на Царинската управа до практична поддршка при изработка на документи и надминување на технички проблеми.