Новости од е-трговија

АЕТМ и РЕАКТ – здружено против онлајн купувањето на фалсификувани производи и нарушувањето на интелектуалната сопственост во е-трговијата

Претседателката на Асоцијацијата за е-трговија на С. Македонија – АЕТМ, д-р Нина Ангеловска Станков и Катерина Хаџистојанова, Менаџер на Реакт Балкан потпишаа меморандум за соработка преку кој ќе соработуваат во градење на кампањи за свесност и образовни програми насочени кон онлaјн купувачите, со цел нивно едуцирање за последиците од онлајн купувањето на фалсификувани производи, како и за предупредување за штетноста од сивата економија во е-трговијата (купување од нерегистрирани е-продавачи, најчесто преку социјални медиуми).

АЕТСМ и РЕАКТ, заедно со владините тела за спроведба на законот и другите заинтересирани страни – сопствениците на правата, платформите за е-трговија и провајдерите на интернет услуги, ќе соработуваат со цел да ја засилат борбата против фалсификуваните производи и да обезбедат безбедна околина за е-купувачите, воедно засилувајќи ја поддршката на легитимните бизниси кои своите производи и услуги ги продаваат онлајн.

Инаку, АЕТСМ од нејзиното основање во 2017 година активно придонесува кон намалување на сивата економија во е-трговијата, постојано потенцирајќи ја нејзината штетност која ја има врз е-трговијата во целост, но и активно учествува во зголемувањето на дигиталната писменост на населението преку голем број на едукативни настани и кампањи во текот на целата година. Во последнава година АЕТСМ работеше на целосно бесплатен и високо информативен Регистар на е-трговци каде што купувачите можат да ги погледнат сите онлајн продавници кои во Македонија ги исполнуваат неопходните регулативи и правила за работење во е-трговијата.

РЕАКТ, пак, е глобална организација за борба против фалсификувањето. Организацијата ги застапува носителите на права од интелектуална сопственост, но дава фокус и на информирање на потрошувачите како да постапат во случај на измама при купување на фалсификувани производи. На глобално ниво, изминатите 30 години РЕАКТ активно презема дејствија за намалување на измамите: онлајн, на граничните премини како и на локалниот пазар.

Преку потпишувањето на овој Меморандум, АЕТСМ и РЕАКТ ја потврдуваат заедничката заложба да ги информираат потрошувачите и индустријата за е-трговија за штетноста од купување и продавањето на фалсификувани производи и онлајн измами и како бизнисите да ги заштитат своите производи од повреди на нивните права на интелектуална сопственост. 

Инаку, овој Меморандум за соработка е потпишан како дел од иницијативата „Градење на подобра заедница за е-трговија“ која се реализира во рамки на проектот „Активност за јакнење на деловниот екосистем“ имплементиран од Консалтинг за стратешки развој, а поддржан од Агенцијата на САД за меѓународен развој (УСАИД). Еден од клучните аспекти за градење на подобра заедница за е-трговија е токму и борбата со нелојалната конкуренција на е-трговците и намалување на сивата економија, како и заштитата и едукацијата на потрошувачите за купување од регистрирани е-трговци.

Поврзани содржини