Со повеќе од 60 присутни, заедно со CEED Hub на 09.03.2021 го одржавме онлајн настанот по повод меѓународниот ден на жената на тема “SheCommerce. Иновирај и инспирирај: Започни со своја е-продавница“.
Бизнисите на четирите панелистки кои беа дел од овој настан имаат различни позадини и се дел од различни дејности, но сите имаа една цел – да покажат дека и во Македонија постојат бројни примери за успешни дигитални бизниси кои се предводени од жени.
Со воведно обраќање настанот беше отворен од страна Шенон Ранјон, шеф на одделот за политики и економија при американска амбасада во Скопје.

Покрај Шенон, учесниците беа добредојдени и од страна на претседателката на АЕТМ, Нина Ангеловска.

По воведните обраќања, панел дискусијата ја отвори проектниот менаџер на АЕТМ, Марија Ристовска и ги добредојде четирите панелистки:
- Теодора Филовска – сопственик на Vrootok, дигитална маркетинг агенција и Galeksia, Институт за дигитален маркетинг
- Александра Ефримова – сопственик на mitra.mk
- Даница Личанин Блажеска – сопственик на reptilmarketi.mk
- Билјана Божиновска – сопственик на annifarm.com.mk
Панел дискусијата се фокусираше на разоткривање на искуствата на овие жени-претприемачки и сите предизвици, интересни искуства, подеми и падови со кои се соочиле од идејата за своите бизниси, па се до нивна реализација.
Се дискутираше и влијанието на ковид-19 врз е-бизнисите, суштинската важност на тимот и вработените за време на глобална пандемија и воопшто, потребата од квалификуван кадар и како задоволниот клиент е најдобриот вид на маркетинг за било кој бизнис.
