
Асоцијацијата за е-трговија го објави најновото ажурирано издание на Регистарот на е-трговци со цел да им помогне на граѓаните да проверат од кого купуваат пред да направат онлајн плаќање.
Според податоците на Народната банка, во 2025 година во земјата имало 1.829 места на продажба за е-трговија, од кои 1.396 биле активни, односно реализирале најмалку една трансакција во текот на годината согласно методологијата на НБРСМ.
Регистарот на е-трговци е единствениот регистар кој претставува сеопфатна база на сите онлајн продавачи во земјава кои нудат плаќање со картичка и се ажурира во соработка со петте банки кои процесираат е-трансакции- Комерцијална банка, НЛБ Банка, Стопанска банка, Халк Банка и УНИБанка.
Со цел негово ажурирање, АЕТМ добива подароци од петте банки, врши проверка, идентификација, категоризација и ажурирање на е-продавниците, со што Регистарот на е-трговци обезбедува единствен и структуриран увид во понудата на домашниот пазар на е-трговија. За активни е-продавници согласно методогијата на АЕТМ се подразбираат оние е-продавници кои реализирале најмалку една онлајн трансакција во текот на годината и имаат активна веб-страница за време на проверката.
Каква е домашната понуда во е-трговијата
Регистарот на е-трговци опфаќа 1374 активни е-продавници распределени во 25 категории. Податоците покажуваат дека најголем дел од понудата во македонската е-трговија ја сочинуваат е-продавници за козметика, производи за убавина или нега (115), облека, обувки и модни додатоци (100), храна и пијалаци (87), бела техника и електроника (86), туризам (81), веб услуги, стриминг или преземања (73), едукација (71), дом, мебел и градина (61) и многу други категории, што укажува на сè поголема разновидност на производи и услуги достапни преку домашните е-трговци.

Податоците од регистарот покажуваат дека домашната е-трговија повеќе не е ограничена само на традиционалните категории како мода, козметика и електроника. Значајно присуство имаат и услугите, туризмот, образованието и дигиталните услуги, што укажува на постепено зреење на пазарот и проширување на навиките за онлајн купување кај потрошувачите.
Регистарот добива дополнително значење ако се земе предвид континуираниот раст на е-трговијата во Северна Македонија. Според анализата на АЕТМ на најновите податоци од Народната банка на РСМ, во 2025 година вкупната вредност на онлајн трансакциите достигна 950 милиони евра, што претставува раст од 32% во однос на претходната година. Од нив, 522 милиони евра се слеале кон македонските е-трговци, додека бројот на активни места на продажба за е-трговија е зголемен за 84 во однос на 2024 година.

– „Податоците покажуваат дека е-трговијата продолжува да се развива со солидно темпо, како во однос на вредноста на трансакциите, така и во однос на понудата. Регистарот на е-трговци ни овозможува не само да ги идентификуваме активните е-продавници, туку и да добиеме појасна слика за тоа кој ја сочинува понудата на домашниот пазар.
Анализата покажува дека покрај традиционално силните категории како козметика, мода и електроника, сè поголема застапеност имаат услугите, едукацијата, туризмот и дигиталните производи, што е показател за зреење на дигиталната економија и проширување на навиките за онлајн купување кај потрошувачите“, вели д-р Нина Ангеловска Станков, претседател на АЕТМ.
Корисна алатка за заштита на потрошувачите и борба со нерегистрираните трговци
Регистарот на е-трговци претставува практична алатка за зголемување на довербата на граѓаните при онлајн купување. Со оглед на тоа што значителен дел од онлајн измамите се случуваат преку нерегистрирани продавачи, најчесто преку социјалните мрежи, регистарот им овозможува на граѓаните лесно да проверат дали еден продавач е регистриран правен субјект и дали користи интегрирано онлајн плаќање преку банка.
Регистарот истовремено придонесува и кон намалување на сивата економија преку поголема транспарентност и видливост на активните е-трговци. За самите е-трговци, присуството во регистарот претставува дополнителен знак на кредибилитет и доверливост, како и можност за поголема видливост пред потенцијалните купувачи.
Во регистарот се вклучени е-трговци со регистриран правен субјект во Република Северна Македонија и интегрирано онлајн плаќање преку една од петте банки, а кои реализирале најмалку една онлајн трансакција во текот на 2025 година.
Регистарот е јавно достапен и може да се пребарува по URL адреса, правен субјект и категорија на е-продавницата на: https://ecommerce.mk/registar
За потребите на ажурирањето, АЕТСМ користеше и алатки базирани на вештачка интелигенција за автоматизирана проверка на активноста, достапноста и категоризацијата на е-продавниците.