Новости од е-трговија

Јавен повик: Бесплатни верификации на 10 е-продавници за стекнување со Беџ за верификуван е-трговец

Неодамна објавивме јавен повик за бесплатни верификации за стекнување со симболот на доверба во е-трговијата – Беџ за верификуван е-трговец, во рамки на годинешната национална кампања „Безбедното онлајн купување започнува со тебе“, која се реализира со поддршка на компанијата Visa.

Поради големиот интерес и позитивните резултати од претходните повици во претходните две години, и оваа година ќе бидат поддржани 10 компании кои ќе имаат можност целосно бесплатно да ја добијат верификацијата. Сите избрани е-трговци ќе добијат и бесплатен Беџ за верификуван е-трговец, кој ќе можат да го постават на своите веб-страници како јасна ознака за доверба и сигурност. Со тоа, тие ќе се приклучат на заедницата од над 80 е-продавници во земјата кои веќе се носители на овој симбол.

Беџот за верификуван е-трговец е видлива ознака на доверба што јасно покажува дека:

  • станува збор за регистриран правен субјект,
  • продавницата е проверена од АЕТСМ според важечките регулативи,
  • е дел од официјалниот Регистар на е-трговци.


Со оваа ознака, купувачите полесно препознаваат сигурни и проверени е-продавници, а компаниите добиваат можност да се издвојат од нелојалната конкуренција и нерегистрираните продавачи.

Погодни за апликација се сите правни субјекти кои се микро, мали или средни претпријатија, кои моментално продаваат производи и/или услуги онлајн, имаат комплетно пополнета апликација и досега не биле поддржани во претходен јавен повик на АЕТСМ.

Аплицирањето е едноставно и целосно онлајн преку овој линк.

Рокот за аплицирање е до 10 октомври 2025 година, до полноќ. Критериумите за евалуација на апликантите може да се погледнат овде овде

Инаку, сите информации за досега верификуваните е-трговци и за Беџот за верификуван е-трговец, можат да се погледнат на платформата ecommerce.mk/badge, која овозможува автоматизирано поднесување, управување и обновување на Беџот. 

Овој јавен повик се реализира со поддршка на компанијата Visa, која трета година по ред е партнер на АЕТСМ во иницијативите за унапредување на е-трговијата и зголемување на довербата кај онлајн купувачите. Оваа иницијатива директно придонесува за зголемување на довербата во е-трговијата, јакнење на транспарентноста и намалување на сивата економија, а воедно ги охрабрува е-трговците да работат професионално и во согласност со законските обврски.

Поврзани содржини