Новости од е-трговија

[E-comConf Partner] Атила Селим, Halkbank: Стремеж кон намалување на доминацијата на cash on delivery преку сигурни услуги, поволности и партнерства со е-трговците

Во интервјуто со Атила Селим од Халкбанк – стратешки партнер на 8. Регионална конференција за е-трговија – зборувавме за улогата на банката во поддршка на микро, мали и средни бизниси, особено во е-трговијата. Халкбанк го истакна значењето на сигурни и модерни платежни решенија, а тема беа и новите услуги како Pay by Link, Apple Pay интеграцијата, намалувањето на доминацијата на cash on delivery и важноста на партнерства и едукација за развој на целиот екосистем за е-трговија.

Може ли подетално да ни објасните каква е улогата на Халкбанк во поддршката на микро, мали и средни претпријатија, особено на оние што делуваат во областа на е-трговијата, имајќи предвид дека велите „важни се луѓето – важна е и е-трговијата“?

Атила: Во Халкбанк силно веруваме дека микро, малите и средни претпријатија се двигател на економијата – тие создаваат нови работни места, носат свежи идеи и имаат значајно влијание врз растот на целото општество. Токму затоа, нашата мисија е да им помогнеме да го развиваат својот бизнис, да им обезбедиме пристап до соодветни финансиски инструменти и решенија, и да им бидеме партнер на тој пат.

Кога зборуваме за е-трговијата, станува збор за сектор кој последниве години доживува интензивен раст и кој отвора огромни можности и за најмалите бизниси. Нашата улога е да им овозможиме на претприемачите и компаниите да ја искористат таа можност преку модерни, сигурни и достапни платежни решенија. Преку нашите платформи за е-трговија и поддршка при интеграција, им овозможуваме на компаниите, без разлика на нивната големина, да воспостават онлајн продажни канали и да се поврзат со купувачите на брз, едноставен и безбеден начин.

Халкбанк како лидер во дигитализацијата на финансискиот пазар во земјава, и истовремено еден од најголемите поддржувачи на е-трговијата во Македонија, ја има најпретпознатливата е-комерц платформа за плаќања на пазарот која придонесува да се зголеми приходот бидејќи преку неа може да се продава 24/7, и исто така дава можност да се нуди поширока палета на производи достапна насекаде во државата. Нашиот тим им стои на располагање на компаниите за различни прашања и соработки во текот на целото работење, овозможена е техничка поддршка како и различни маркетинг активности за промовирање на нашите е-commerce трговци. Истовремено, како поддршка на нашите клиенти во рамките на нашата бонус програма, доделуваме бонус поени за клиентите кои користаат наши кредитни картички, при купување кај нашите е-трговци.

Дополнително, нашата поддршка не е само финансиска, туку и едукативна – активно соработуваме со стопански комори, асоцијации и институции, организираме настани и обуки, бидејќи сметаме дека е потребно да се развива целиот екосистем за е-трговија.

Кога велиме „важни се луѓето – важна е и е-трговијата“, всушност мислиме дека секоја компанија која сака да опстане и расте треба да ги следи современите трендови и да биде присутна онлајн. Нашата цел е да бидеме нивниот сигурен партнер на овој пат – и како банка што обезбедува соодветни финансиски производи, и како институција што придонесува за дигиталната трансформација на македонската економија.

Токму затоа, слободно можам да кажам дека од пионери со 30% пазарно учество во Аcquiring (Услугите за прифаќање картички преку ПОС терминали и Е-трговија), до вистински партнер кој обезбедува силна поддршка за раст и развој на трговците – Халкбанк останува двигател на промените и во е-трговијата.

Дигиталните плаќања и безбедноста се клучни за растот на е-трговијата. Колку Халкбанк ги следи трендовите и што им нуди на бизнисите кои работат онлајн? И дали планирате нови производи или функционалности насочени кон бизнисите кои работат онлајн?

Атила: Е-трговијата не може да се развива без доверба – а довербата се гради со сигурни и ефикасни дигитални плаќања. Токму затоа во Халкбанк постојано инвестираме во најсовремени технолошки решенија кои обезбедуваат брза, едноставна и пред сè безбедна онлајн трансакција.

Услугата е комплетна задоволувајќи ги сите потреби на нашите трговци од секоја област вклучувајќи ги функционалностите како: 

  • Card on file – зачувување и тoкенизација на картичка за идни плаќања
  • Recurring payment -повторувачки плаќања за претплати на месечно, неделно ниво
  • Плаќање на рати со кредитни картички од Халкбанк
  • Платежни трансакции за продажба и пред-авторизација

додека од скоро се нуди и услугата  Pay by link каде што трговците кои што немаат онлајн продавница можат брзо и лесно да наплатат дигитално со генерање на уникатен линк (врска) за плаќање праќајќи го до купувачот преку е-пошта, СМС, Viber, WhatsApp или друга дигитална алатка.

Ги следиме глобалните трендови и работиме во согласност со највисоките стандарди за безбедност, како што се PCI DSS сертификацијата, 3D Secure протоколот, токенизација и дополнителни слоеви на заштита. 

Технолошкиот аспект на безбедноста го вклучува PCI DSS (Payment Card Industry Data Security Standard) стандардот кој што банката го поседува и континуирано е во процесите кон негово понатамошно следење и придржување како највисок стандард на безбедност кој што го диктира советот составен од клучните картични институции. Тоа за граѓаните значи највисоко ниво на заштита на нивните податоци при користењето на картичките како инструмент за плаќање.

Дополнително, СМС инфо опцијата која благовремено дава информации за направените трансакции како и автоматско е-mail известување при сите оnline купувања, прави граѓаните да бидат 24/7 информирани на еден автоматизиран начин.

Пристапот на сите дигитални канали како и плаќањата се базираат на OTP принцип, што значи генерирање на еднократна лозинка со напомена дека земајќи ја предвид безбедноста бевме една од првите банки кои што ја имплементираа 3D Secure Платформата каде што безбедноста за плаќања сo картички online се издигнува на највисоко ниво. Со тоа, на бизнисите им овозможуваме сигурност дека трансакциите на нивните клиенти ќе бидат заштитени, а на крајниот потрошувач му даваме чувство на сигурност кога купува онлајн. Во насока на новиот закон за платежени услуги и платни системи во Македонија усогласен со европската PSD2 Директива, се работи на усовршување и имплементирање на 3D  Secure 2.0 каде што SMS –oт ќе се изостави, а автентикацијата ќе се врши преку мобилната апликација на банката. На бизнисите им нудиме целосно интегрирани payment gateway решенија кои лесно се прилагодуваат на нивните потреби. 

Сметаме дека клучот не е само да се понуди платежно решение, туку да се изгради екосистем кој ќе им помогне на бизнисите да бидат конкурентни, да растат и да се поврзат со своите клиенти на најсовремен начин.

Од неодамна Apple Pay стана достапен во Македонија. Кога корисниците на Халк Банка ќе може да ги активираат своите картички во apple wallet? Какви се вашите размислувања за интеграцијата и влијанието на вака светски познати сервиси во е-трговијата, дигитализацијата и генерално за целото безготовинско плаќање?

Атила: Факт е дека појавата на Apple Pay во Македонија е голем чекор напред за дигитализацијата на финансискиот сектор и за целокупното искуство на корисниците. Халкбанк веќе активно работи на интеграција со Apple Pay и многу скоро нашите клиенти ќе имаат можност да ги активираат своите картички во Apple Wallet и да плаќаат на едноставен, брз и сигурен начин – во продавници, во апликации и онлајн.

Но, важно е да нагласиме дека Халкбанк одамна го трасираше патот на дигиталните плаќања во земјата. Ние бевме меѓу првите банки во Македонија која воведе дигитален паричник односно, во рамките на HalkPay платформата на нашите клиенти им овозможивме бесконтактно плаќање со мобилен телефон уште пред глобалните сервиси да станат достапни. Дополнително, исто така први ја воведовме и услугата Garmin Pay, со која корисниците на паметните часовници Garmin можат да вршат плаќања без потреба од паричник или мобилен телефон. Денес веќе преку платформата Fidesmo Pay единствено кај нас на клиентите им е овозможено да плаќаат со елегантни прстени, привезоци, алки, а наскоро со имплементацијата на Google Pay и Apple Pay повторно докажуваме дека како институција навреме ги препознаваме трендовите и иновациите и сме подготвени да ги донесеме на нашиот пазар.

Интеграцијата на Apple Pay ја гледаме како дополнителен позитивен импулс – не само за нашите клиенти, туку и за целата индустрија за е-трговија. Колку повеќе корисници се навикнуваат на мобилни и дигитални плаќања, толку повеќе расте и довербата во онлајн купувањето. Тоа значи повеќе трансакции, поголем промет за бизнисите и забрзана дигитализација на економијата.

Нашата визија е да изградиме целосен дигитален екосистем во кој клиентите ќе можат да изберат токму оној начин на плаќање што најмногу им одговара – преку мобилен телефон, паметен часовник, модерни гаџети, или картичка. Безготовинското плаќање не е веќе иднина, туку реалност, а Халкбанк е подготвена да ја предводи таа промена.

Cash on delivery се повеќе претставува сериозен предизвик во е-трговијата. Според истражувањата, дури 70% од прометот во е-трговијата е cash on delivery, а со тоа и можноста за злоупотреба, но и сива економија е огромен. Што Халкбанк превзема на ова поле со цел да ги мотивира граѓаните се повеќе да купуваат со картичка, а и да ги мотивира е-трговците се повеќе да стимулираат плаќање со картичка наспроти Cash on delivery?

Атила: Точно е дека „cash on delivery“ и понатаму е најчестиот начин на плаќање во е-трговијата во Македонија. Токму тоа претставува и предизвик бидејќи овој модел отвора простор за злоупотреби, нелојална конкуренција и создавање на сива економија. 

Како банка, наша цел е да создадеме екосистем кој ќе ги охрабри граѓаните да плаќаат со картичка и ќе ги мотивира бизнисите да стимулираат дигитални плаќања. Тоа го правиме на неколку начини.

Првиот секако е сигурност и доверба. Затоа ние инвестираме во најсовремени безбедносни решенија (3D Secure, токенизација, PCI DSS стандарди), со што на купувачите им даваме гаранција дека нивните онлајн трансакции се заштитени. Довербата е клучна за преминување од кеш кон дигитални плаќања.

Важно е и мотивирањето на потрошувачите. Преку нашите кампањи, промоции и програми за лојалност ги стимулираме клиентите повеќе да користат картички. Купувањето со картичка не само што е побезбедно и поудобно, туку често носи и конкретни придобивки за корисникот. Даваме и поддршка за е-трговците бидејќи сме свесни  дека и трговците треба да имаат корист од оваа промена. Затоа им нудиме поволни услови за интеграција на решенија за е-трговија, флексибилни модели на наплата и техничка поддршка за да можат без проблем да прифатат дигитални плаќања. И на крај, но не помалку важна е едукацијата и партнерството. Затоа активно соработуваме со Асоцијацијата за е-трговија и со други институции за да го подигнеме нивото на свест кај јавноста. Веруваме дека само преку заеднички напори може да се намали доминацијата на кешот во е-трговијата.

Нашата цел е постепено да ја намалиме зависноста од cash on delivery и да го поттикнеме преминот кон безготовинско плаќање. Тоа е процес кој бара време, но сме убедени дека со сигурни услуги, поволности за клиентите и партнерски однос со е-трговците, ќе го забрзаме овој тренд. На тој начин добиваат сите – граѓаните, бизнисите и економијата во целина.

Каде ја гледате еволуцијата на е-трговијата во следните 3–5 години и каква ќе биде улогата на банките во тој процес?

Атила: Е-трговијата во следните 3 до 5 години ќе продолжи да расте со многу брзо темпо. Очекуваме значително зголемување на бројот на компании кои ќе ја гледаат како примарен канал за продажба, а не само како дополнителен. Ова ќе биде резултат на повеќе фактори – пораст на дигиталната писменост, навиките на младите генерации кои се целосно ориентирани кон онлајн купување, но и интеграцијата на глобални сервиси и други мобилни решенија кои го прават онлајн купувањето уште поедноставно и побезбедно.

Во овој период ќе гледаме и поголема регионална и глобална поврзаност на нашите е-трговци – односно, домашните компании ќе имаат сè повеќе можности да продаваат на странски пазари. Тоа ќе бара уште пософистицирани платежни решенија, поддршка за повеќе валути и услуги што ќе овозможат лесно и безбедно извршување трансакции без оглед на локацијата.

Улогата на банките во овој процес ќе биде клучна. Прво, преку обезбедување на сигурна платежна инфраструктура – довербата на купувачите е основа за раст на е-трговијата, а токму банките се тие што треба да гарантираат сигурност и стабилност на системот. Второ, преку иновации – банките мора да го следат технолошкиот развој и да ги донесуваат најсовремените решенија на локалниот пазар, како што Халкбанк веќе го прави со своите дигитални инвовативни решенија. И трето, преку партнерство и едукација – банките треба да им помагаат на компаниите, особено на микро, малите и средните претпријатија, да се дигитализираат и да научат како да управуваат со онлајн продажбата.

Нашата визија е дека е-трговијата ќе стане „новата нормала“, односно ќе биде природен дел од секојдневието и за потрошувачите и за компаниите. Халкбанк ќе продолжи да биде активен учесник и двигател на овој процес – со постојани инвестиции во дигитални услуги, соработка со е-трговците и континуирана едукација на јавноста.

Со еден збор, иднината на е-трговијата е многу ветувачка, а улогата на банките – особено оние кои се насочени кон иновации и партнерство – ќе биде клучна за нејзиниот одржлив развој.

Оваа година ја препознавте големината на конференцијата и со ваша помош ја реализираме паралелната сцена на која за прв пат ќе има практични сесии – кои ги креираме слушајќи го фидбекот на минатогодишните учесници. Покажавте дека вашиот слоган „Важни се луѓето“ не е само обична флоскулуа туку практично го земате предвид она што е потребно на индустријата и помагате да се реализира. Какви се вашите очекувања од конференцијата и зошто тука треба да е присутна цела индустрија?

Атила: Навистина ни е задоволство што оваа година сме дел од конференцијата на ваков начин и што имавме можност да помогнеме да се реализира паралелната сцена со практични сесии. За нас тоа не е само поддршка на еден настан – тоа е поддршка на целата индустрија. Сметаме дека ако сакаме е-трговијата во Македонија да расте и да биде конкурентна, мораме да ги слушаме потребите на луѓето кои секојдневно ја градат – од претприемачите и е-трговците, до ИТ компаниите, логистиката и финансиските институции.

Нашите очекувања од конференцијата се поврзани со три нешта: прво – размена на знаења и практични искуства што ќе им помогнат на бизнисите веднаш да ги применат научените работи. Второ – вмрежување и создавање партнерства, бидејќи е-трговијата не е индивидуален процес, туку синергија на многу индустрии и актери. И трето – инспирација за нови идеи и проекти кои ќе ја движат целата економија напред. Сметаме дека на оваа конференција треба да биде присутна целата индустрија затоа што е-трговијата е еден од ретките сегменти што носи раст и отвора можности за сите – од најмалите бизниси кои преку интернет добиваат пристап до купувачи, до големите компании кои градат дигитални екосистеми. Ова е место каде што сите можат да научат нешто ново, да се поврзат и да видат каде оди индустријата во следните години.

Кога велиме „Важни се луѓето“, тоа не е слоган туку начин на работа. Веруваме дека луѓето, нивните потреби и идеи се центарот на секој развој. Токму затоа сме тука – да поддржиме средби и дијалог, да ги слушнеме предизвиците и да понудиме решенија. Со заеднички напори, можеме да ја изградиме иднината на е-трговијата и да создадеме средина во која сите добиваат.

Поврзани содржини